Глава 2
За старецот кој примал лавови во својата ќелија
Еден старец живеел во пределот Сапса, а достигнал до таков степен на добродетели, да прима лавови во својата пештера, дури ги земал со своите раце. Толку овој човек бил исполнет со благодатта Божја.
Глава 3
За Конон, презвитерот на манастирот Пентукла
Во лаврата на светиот отец наш Сава Освештени го посетивме старецот Атанасиј и тој ни го раскажа следното: За време додека живеев во општежитие во Пентукла, таму живееше некој презвитер Конон, родум од Киликија. Како добродетелен монах му беше одредено послушанието да крштева. Ги крштеваше сите кои што заради тоа, доаѓаа во манастирот, но секој пат кога требаше да миропомаза некоја жена, делуваше многу вознемирено, така да имаше намера да го напушти манастирот. И секогаш кога помислата за заминување го вознемирувала, му се јавувал свети Јован Крстител и му говорел: „Имај трпение и јас ќе те ослободам од твојата телесна борба“.