ЦРКОВНО ПРЕДАНИЕ

Вистинските христијани на сите времиња, највнимателно се чувале од отровот на смртоносната ерес и другите лажни учења. Тие неотстапно го почитувале догматското и морално предание на Црквата. Не само што православно верувале во Светата Троица, туку и својот живот, своите подвизи и своето однесување го насочувале кон преданието на Црквата. Карактеристична црта за сите Свети Отци е непоколебливото раководење според преданието на Црквата. Тие заповедаат, дека за вистински духовен наставник треба да се смета само оној, кој во се го следи учењето на отците на Источната Црква и со нивните дела го посведочува и потврдува своето учење. Кој пак, мисли да раководи со ближните на принципите на земната мудрост и паднатиот разум, колку и да изгледа сјајно, се наоѓа во состојба на самоизмама и своите следбеници ги доведува до самоизмама. За оној, кој сака да се спаси, Светите Отци како непроменливо правило го востановиле духовното предание на Црквата. Затоа, на оној кој сака да живее побожно и богоугодно, тие му заповедаат да се раководи од поуките на вистинските учители или отечките дела кои одговараат на начинот на живот на секој поединец. По осум векови од Раѓањето Христово, црковните свети писатели почнуваат да се жалат на недостатокот од духовни наставници и појава на многу лажни учители. Заради недостатокот од наставници, тие заповедаат читање на делата на Светите Отци и одалечување од читање на книги, кои се напишани надвор од пазувите на Православната Црква. Колку повеќе времето одминувало од појавата на Божествената светлина на земјата, се повеќе снемувало вистински свети наставници, а се појавувале се повеќе лажни учители. Со пронаоѓањето на печатницата, овие последните ја преплавија земјата како потоп, со горчливите апокалиптични води, од кои многу луѓе умираат со духовна смрт. Ќе излезат многу лажни пророци – најави Господ – и многумина ќе измамат. И бидејќи ќе се намножи безаконието, кај многумина љубовта ќе олади. Ова пророштво се исполнува пред нашите очи. Постои и друго претскажување Господово за карактерот на времето во кое ќе се случи Неговото Второ, страшно доаѓање на земјата. Но, Синот Човечки, кога ќе дојде – вели Господ, укажувајќи на идната судбина на верата – ќе најде ли вера на земјата? На неа тогаш ќе владее лажнонаречениот разум, човечката мудрост, непријателски ориентирана кон верата и Бог.

Св. Игнатиј Брјанчанинов

„Енциклопедија на православниот духовен живот“, Скопје 2006, стр. 455-456.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *