Црква и револуција – 2

Како што веќе спомнавме, борбата помеѓу екукомунизмот и Црквата јасно беше наговестена преку борбата на писателот Лав Толстој кој истапуваше во името на христијанството, но сведено на „чиста“ моралност – без Црквата, Светите Тајни или било каков „натприроден“ елемент, и свети Јован Кронштатски, кој со својот чудесен живот исполнет со добродетели и чудеса, демонстрираше дека христијанството не е во човечката мудрост, туку во силата Божја (1. Кор. 2, 5).

Црквата го анатемиса Толстој на 20-23 февруари 1901 година: „Во своите дела гроф Лав Толстој хули на Светите Тајни, негирајќи го нивниот благодатен карактер. Тој не ја прифаќа православната Црква како своја Црква, го клевети свештенството, хули дека Христос не е Бог, додека за себе вели: „Јас сум во Бога и Бог е во мене“. И не е Црквата таа која што го отфрли него, туку тој лично се одвои од Црквата: Толстој со својата сопствена волја отпадна од Црквата и повеќе не е нејзин син, туку туѓинец… Во својата гордост себе се смета за најпаметен од сите… и судија на сите други, и Црквата само констатира дека грофот Лав Толстој отпадна од Руската Православна Црква“.

Меѓутоа, судирот помеѓу Толстој и свети Јован Кронштатски беше само вовед во титанската борба која зафати стотици милоиони луѓе на неколку континенти и која се до денес не е завршена. Иако, крвопролевањето и страдањата кои што се предизвикани од оваа борба се немерливи, сепак, оваа борба, како и претходните слични во историјата на Црквата, дава добри резултати, бидејќи овозможува преку неопходното спротивставување на ереста да се искристализира црковното учење – во овој случај учењето на Црквата за неа самата. Така се поставија следните прашања: дали Црквата е Една, Света, Соборна и Апостолска, како што е дефинирана во никејскиот Символ на верата? Дали Црквата има Божествено потекло и природа или претставува чисто човечка организација? Дали еволуира во своето учење и пракса или останува иста? Дали го опфаќа сето она мнозинство луѓе кои денес се нарекуваат христијани, или се состои од мал остаток верни на земјата? Дали Црквата е единствен ковчег на спасението или само еден од многуте патишта кои водат кон Бога?

Сепак, за потполно да ја разбереме оваа борба, неопходно е да знаеме дека напаѓањето на догмата за Црквата е само дел од еден поширок напад на Преданието (Традиција) како извор на вистината не само во Црквата, туку и во сите области. Ова најшироко движење кое многу едноставно ќе го наречам – Револуција, помина низ неколку историјски стадиуми, од кои првата револуција е изведена од папата Григориј VII. Папизмот доведе до схоластика и хуманизам, а потоа до протестантизам, саентизам, деизам, материјализам, романтизам, хегелијанство, дарвинизам, марксизам, фројдизам, екуменизам и, на крајот, до идеологијата на Новата Ера.

Ќе излеземе од темата, за да покажеме како сите овие термини се поврзани помеѓу себе и дека потекнуваат од првобитната побуна против Црквата која што ја нарекуваме „раскол“. Засега, доволно ќе биде да кажеме дека позадината на револуцијата во сите нејзини стадиуми претставува една иста антихристијанска, антитеистичка и човекоцентрична философија.

Оваа философија накратко можеме да ја дефинираме на следниот начин: Човекот е сам свој господар. Ако постои Бог, тогаш Бог е според ликот на самиот човек, веројатно дури и е создаден од самиот човек и човекот не зависи од Бога во спознавањето на вистината, бидејќи неговиот сопствен ум е доволен за тоа. Мудроста на претците претставува мит, традицијата го кочи прогресот. Ако човекот е производ на еволуцијата од животните, тогаш неговите социјални, религиозни и политички институции се во постојан процес на евулотивна промена. Затоа, не постојат такви работи како апсолутна вистина, нема свештено, непроменливо, од Бога даден авторитет. Се тече, значи се треба да се менува. Единствен непроменлив и неизбежен факт е револуцијата – општествена револуција, политичка револуција и над се научната револуција, на која се темелат сите останати револуции. Затоа, единствен неопростлив грев е контрареволуција, гревот на неприфаќање промени, гревот на несовременоста. Се е дозволено: најлуди верувања, најпореметени начини на живот, се што не стои на патот на револуцијата која направи човекот да постане господар на самиот себе и на своето окружување. Но, за луѓето кои што стојат на патот на „прогресот“ нема да има милост: тие ќе бидат исфрлени на ѓубриштето на историјата кај сите изумрени облици на дарвиновата праисторија. Зашто ништо не смее да стои на патот на човековиот подем кон состојба на богосличност. Како што во физиката антропскиот принцип „изгледа да готовото го заменува Богочовекот, со тоа што наговестува дека свеста, незапрена со текот на времетопредизвикува создавање“, така и во животот заснован на научната револуција човекот треба да го замени Бога, отстранувајќи ги сите ограничувања кои се во врска со божествениот Творец.

По двата „обиди“ во вид на Англиската и Француската револуција, своето најпотполно остварување Револуцијата го добива во Русија 1917 година, кога е срушен главниот бедем на традиционалното мислење во светот. Како што сите отпаднички текови во европската историја, почнувајќи од единаесетиот век, ја подготвуваа руската револуција и во неа ја достигнаа својата кулуминација, така и целата светска историја по 1917 година, е одредена со таа револуција и се одвива во нејзината сенка.

Денес е општоприфатено мислењето дека антикомунистичките преврати 1989 – 1991 година, доведоа до крај на таа фаза на историјата. Но, тоа е грешка. Ако некои од економските идеи на револуцијата беа дискредитирани, нејзиниот темелен концепт, замена на Црква – држава, Бог – народ, Предание – наука и Дух – материја, стои подеднакво цврсто како до сега. Руската револуција беше како нуклеарна експлозија – таа ги уништи основните елементи не само на религиозниот, туку и на културниот и општествениот живот и таа тежи кон разорување на верата, семејството, нацијата и личноста. Како што по нуклеарна експлозија радиоактивното зрачење се чувствува на широк простор уште долго време, така е и со Руската револуција.

Или, како што во своето послание во октомври 1991 година напишаа иерарсите на Руската Православна Црква Задгранична: „Ако последиците од чернобилската катастрофа сеуште се покажуваат на телата на децата од околните области, така и духовната катастрофа на цела Русија ќе ги покажува своите ефекти уште многу долг временски период. Како што чернобилската радијација уште многу години ќе продолжи да ги уништува животите на нашите деца со својот подмолен невидлив оган, јасно е дека и последиците на духовната катастрофа уште долго ќе продолжат да делуваат“.

Крај

Владимир Мос

1 коментар на « Црква и револуција – 2 »

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *