Црква и револуција – 1

А во што беше тој антихрист? Од што се состоеше тој?

Говорејќи сосема општо, можеме да кажеме дека ереста на антихристот на дваесетиот век се состои во изопаченото разбирање помеѓу односот на Црквата и светот, при што Црквата се доживува како таа која му служи на светот – не како негова совест, не како сол која што го чува од конечна пропаст и уништување, туку како негов помошник преку своето прилагодување на неговите паднати желби и безбожни погледи.

Ова изопачено сфаќање на односот на Црквата кон светот се манифестираше во два главни облици: она што ќе биде познато како „сергијанство“, по својот водечки експонент, рускиот митрополит и подоцна Патријарх Московски Сергиј, и како екуменизам – широко светско движење за обединување на црквите. Сергијанството е учење според кое Црквата мора да соработува со сите облици на политичките власти, дури и со оние кои што се крајно антихристијански, па и со комунизмот. Екуменизам е учење по кое Црквата мора да се обедини со сите облици на религија, дури и со крајно антихристијанските, дури и со паганизмот. Патот на овие две движења е единството – единство со секоја власт, единство по секоја цена, само и само да се спречи конфликт и да се постигне мир. И двете движења подразбираат потполно предавство на црковната вистина, слобода и достоинство пред доминантните сили во современиот свет: политичките во случајот со сергијанството, а религиозните во случајот со екуменизмот, со потполна секуларизација на човечкиот род како неизбежна, сакана или несакана, конечна цел. И двете ереси претставуваат движења на отпадништво и двете се обидуваат таа апостасија да ја оправдаат, да ја догматизираат – во случајот со сергијанството тврдењето дека само таква апостасија може да ја спаси Црквата (од комунистичко уништување), а во случајот со екуменизмот тврдењето дека само таквата апостасија може да ја обнови црквата (со секташка дезинтеграција). Затоа, во суштина ова се два аспекти на една еклисиолошка ерес, за која авторот на оваа книга (Владимир Мос, заб. СВЕТА РЕВНОСТ) скова израз екукомунизам, ерес која претставува напад на догмата за Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.

Ајде малку подетално да го разгледаме екуменистичкиот и комунистичкиот аспект на екукомунизам.

Екуменизмот настојува да го уништи самиот поим за Црквата како како столб и тврдина на Вистината (1. Тим. 3, 15), проповедајќи дека не постои само една вистина, па така ниту една Црква која што претставува нејзин столб. Екуменизмот тврди дека сите цркви – а во својот најрадикален современ облик и сите религии – поседуваат делимична или релативна вистина, која откако ќе се сведе на  нивната најниска заедничка содржина ќе се формира догматска основа на новата „црква“ или универзална религија на новото просветено човештво.

Комунизмот пак настојува да го уништи моралното, социјалното и есхатолошкото учење на Црквата со проповедање на новиот „револуционерен морал“, чија цел не е Царството Небесно, туку комунистички рај на земјата. Наместо Црква имаме партија, а наместо Бог – Судбина (Историја). Комунизмот, исто како екуменизмот, во православниот свет е увезен од Запад.

Архиепископ Аверкиј Џорданвилски има напишано: „Идеолог на екуменизмот, кој претставува природна последиц на носталгијата на протестантскиот свет за Црквата која што ја изгубија, бил германскиот пастор Кристофер Блумхарт, кои протестантите го нарекуваат „голем пророк на современиот свет“. Тој сите протестанти ги повика на обединување за „градење на Царството Божјо на земјата“, но умрел во 1919 година, пред екуменистичкото движење формално да биде организиранo.

Неговата основна идеа се состои во следното негово тврдење:„ стариот свет е уништен и на неговите рушевини се подига нов“. Пред христијанството тој постави три задачи: 1) остварување на најдобро социјално устројство, 2) надминување на конфесионалните (вероисповедни) разлики, 3) заедничка работа на формирање на светска заедница на нациите, со целосно ликвидирање на војните. Токму во тие три точки, екуменизмот го формулира и сегашниот генерален секретар на Советот на екуменистичкото движење, Висерт-Хуфт, кој сретствата за нивна реализација ги гледа во тоа црквата да оди во чекор со целите на општеството.  Затоа, пред се,  неопходно е да се надминат конфесионалните разлики и да се создаде една црква. Обновена, една црква ќе биде во состојба да го припреми патот за триумф на социјализмот, кој ќе доведе до создавање на една светска држава која ќе биде Царство Божјо на земјата.

Продолжува…

Од книгата „Летопис велике битке – Историја Православне Цркве у XX веку, Београд 2007.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *