ЦРКВА И РЕВОЛУЦИЈА: Убиството на Царот

Сепак, Соборот не претставуваше успех во секој поглед. Во 1922 г. Митрополит Антониј (Храповицки) напиша: „Ако соборот некаде е крив, тогаш тоа вероватно е затоа што доволно силно не ја осуди револуцијата и симнувањето на Неговото Величество. Кој може да одрече дека февруарската револуција не е само против монархијата, туку подеднакво е и богоборечка? Кој може да го осуди болшевистичкото движење, а истовремено да ја прифати Привремената Влада?“

            Дека Соборот не го изрази гласот на целата полнота на Руската Црква докажаа одлуките на други два Собора во тоа време: Соборот во Сремски Карловци 1921 и Соборот во Владивосток во 1922 г.

            На Карловачкиот Собор конечно се потсетија на благословот на св. Сергиј даден на христијанскиот владетел Димитриј Донски пред неговата битка против непријателот на Црквата и татковината, како и борбите на светиот иерарх Гермоген Московски за Православно Царство. Се постави и прашањето за „фебруарскиот грев“, но, бидејќи некои од важните учесници на Соборот учествуваа во тоа, прашањето е оставено без детално разгледување. Понатомошниот официјален развој  на црковниот живот не ги прифати одлуките на овој Собор поради расколот кој што се појави  како во Задграничната Црква така и во монархистичкото движење. Но, прашањето за обновување на  Православното Царство во Русија беше покренато и задграничните мислители детално  ја разработија оваа идеја во своите дела, најпрво кнезот Н. Д. Зеваков и  протоиереј В. Востоков, а уште подетално, архиепископот Серафим (Собољев), професор М. В. Зизикин, архимандрит Константин Зајцев, В. Н. Воејков и Н. П. Кусаков. Соборот во Владивосток кој денес целосно е заборавен, се изрази подетално, препознавајќи го православното самодржавие како единствена законита власт во Русија“.

            Со симнувањето на Царот во февруари 1917, а потоа и со неговото убиство во јули 1918 г., отворени се вратите на браникот кој што ја задржуваше Руската револуција. Бидејќи, како што вели св. Јован (Максимович): „Не можеше да биде поинаку. Симнат е оној кој стоејќи на стража на Вистината обединуваше се“.

Според најдлабокото сфаќање на Црквата, за убиството на Царот и неговото семејство на 4/17 јули 1918 г., не се одговорни само болшевистите, туку и сите луѓе кои директно или индиректно се согласија на тоа. Како што објаснува св. Јован: „Сите цареубиства во руската историја се извршени од поединци, а не од народот. Кога е убиен Павле I, народот не ни знаеше за тоа, а кога дозна, во наредните години на неговиот гроб ги принесуваше своите молитви и жалост. Убиството на Александар II во Русија предизвика бура на негодувања која помогна за обновување на моралните сили на народот, што стана очигледно за време на владеењето на Александар III. Народот не беше крив за крвта на Царот – Ослободител. Овде пак, народот, целата руска нација, е крив поради пролиената крв на својот Цар. Едни учествувале во тоа убиство, други тоа убиство го одобруваа, и тие заслужуваат не помала осуда, додека останатите не направија ништо за тоа убиство да го спречат. Сите се криви, и ние навистина треба да кажеме: крвта негова на нас и на децата наши (Мт. 27, 25).

            Кога ја слушна веста, патријархот веднаш го осуди убиството.  Тој веќе ја налути владата кога на затворениот Цар му го испрати својот благослов. Сега му отслужи парастас, благословувајќи ги архипастирите и пастирите да го направат истото. Потоа, во Казанската црква ги изговори следните зборови: „Покорувајќи се на учењето на словото Божјо, ние мораме да го осудиме ова дело, бидејќи доколку е поинаку, крвта на убиениот ќе падне и на нас, а не само на оние кои го направија злосторството…“

Набрзо по Царевото убиство некои членови на Соборот го убедуваа Патријархот да замине во странство за да не ја доживее царевата судбина: „Патријарховото бегство – одговори неговата Светост, – ќе оди во прилог на непријателите на Црквата. Нека прават со мене што сакаат“.

            На дваесет и шести јули / 8 август во обраќањето под наслов „До сите верни чеда на Руската Православна Црква“, патријархот рече: „Гревот насекаде го запали пламенот на страстите, непријателство и злоба, братот стана против својот брат, затворите се полни со затвореници, земјата е натопена со невина крв пролиена од братска рака. Таа е извалкана со насилство, грабеж, блуд и секаква нечистотија. Од истиот тој отровен гревовен извор излезе големата соблазна на материјалните земни блага, со кои е прелажан нашиот народ, па заборави на она што е потребно. Ние не го отфрливме тоа искушение, како што во пустината го отфрли нашиот Спасител Христос. Ние сакаме да создадеме рај на земјата, но без Бога и Неговите свети заповеди. Бога неможеме да го прелажеме. И еве не’ гладни и жедни и голи на земјата благословена со обилни дарови на природата, а печатот на проклетството падна врз работата на народот  и на се што се  допре со своите раце. Гревовите, тешки и непокајани,  го повикаа сатаната од бездната , и тој сега хули  на Господа и Неговиот Христос и подигнува отворено гонење  против Црквата…“

Суштинската непомирливост помеѓу социјализмот и христијанството никогаш не е доведена под сомнеж кај „апостолите“ на социјализмот. Маркс религијата ја нарече  „опиум за народот“, а Ленин – „духовна вотка“. Ленин пишуваше вака: „Секоја религиозна идеја, секоја идеја за бога, дури и кокетирањето со идејата  за бога, претставува неопишлива слабост од најопасен вид“. А 1918 г. тој му рече на Красин: „Струјата ќе го заземе местото на Бога. Селанецот нека се моли за струја: тој ќе ја почувствува силата на централната власт, посилна од силата небесна.

Дека милитантниот атеизам претставува клучна точка кај марксизмот-ленинизмот , стана сосема очигледно во наредните седумдесет години. Веќе и самото убиство на Царот и неговото семејство јасно го покажа тоа. Бидејќи со своето откажување од престолот во свое име и во името на својот син Царот веќе  се откажа од било каква претензија на власт, така неговото убиство немаше политичка полза, туку претставуваше акт на чиста злоба.  Тоа беше газење на симболот на старата теократија од страна на  претставниците  на новата сатанократија и предизвик на сатаната кон Бога. И како што  целата трагедија за русите  наредните години почиваше на тоа  што тие  го подготвија патот за тој сатански чин на рушење  на руската теократија и што му помагаа, така и единствената реална надеж денес за нивен препород се крие во нивното покајание за тоа дело…

Продолжува…

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *