Црква и револуција: Московски Собор 1917-1918

Црковниот Собор кој се одржа во храмот на Христа Спасителот во Москва на 15 август 1917 година се состоеше од 564 делегати меѓу кои имаше и 350 лаици. Од една страна, во неговата работа учествуваа такви делегати како отворениот масон Лвов, додека од друга, не беа присутни благочестивите иерарси како Митрополитот Московски Макариј, кој е исклучен поради своите монархистички ставови. Сепак, покрај овие и други мани, тоа беше првиот Собор во историјата на Руската Црква по 1667 г. и со тоа се покажа како преломен момент хармонизацијата и закрепнувањето на Црквата, во очи на грозните искушенија кои што ја очекуваа.

            На почетокот се чинеше дека малку кој од делегатите го разбира апокалиптичкото значење на случувањата. Дваесет и четврти август, и повторно 20 октомври, Соборот издаде соопштение со кое го осудува жестокото насилство, осквернувањето на црквите и манастирите, и малтретирањето на свештенството кое што беше почесто од фебруари. Генерално, сепак преовладуваше револуционерно расположение и многумина се спротивставуваа на главната тема на дневниот ред, обнова на патријаршијата, со образложение дека во прашање е реакционарна, монархистичка мерка (Предсоборскиот Совет во јуни оваа мерка ја нарече „антихристијанска“!).

            Дваесет и први октомври, за време на сеноќното бдение во Успенската црква на Московски Кремљ, двајца луѓе облечени во војнички униформи дојдоа до светиот кивот со моштите на свети Гермоген, патријарх Московски, го тргнаа капакот и почнаа да ги соблекуваат неговите одежди. Кога се одведени во комесаријатот, на полицијата и кажале дека „сега е слобода и секој може да прави што сака“. Три дена подоцна пред кивотот со светите мошти отслужен е покаен молебен. Следниот ден започна октомвриската револуција. Св. Гермоген, кого Црквата го канонизираше само неколку години порано, беше познат по своето одбивање да ја признае владата на лажниот Димитриј и ја повика нацијата со оружје да стане против него. За оние кои имаат очи да видат, инцидентот со кивотот на светителот во очи на болшевичкиот преврат беше знак дека дојдено е времето за делување во неговиот дух, против уште една лажна влада.

            Изгледа Соборот тоа го сфати, бидејќи по доаѓањето на болшевиците на власт на 25 октомври почна да преовладува нов дух на отпор, дух кој стана уште посилен откако болшевиците во јануари го распуштија Уставотворното Собрание. Еден од делегатите, Митрополитот Западноевропски  Евлогиј, промената ја опиша вака: „Рускиот живот во тие денови претставуваше море разбранувано од бурата на револуцијата. Црковниот живот е дезорганизиран. Надворешниот изглед на Соборот, поради големите разлики на неговите учесници, по нивното непријателство и непомирливоста на нивните ставови и мислења, на почетокот предизвикуваше вознемиреност и тага… Некои членови на Соборот веќе беа понесени од бранот на револуцијата. Интелегенцијата, селаните, работниците и професорите незадржливо влечеа на лево. Помеѓу свештенството исто така имаше различни елементи. Некои од нив беа „леви“ учесници на претходниот Московски епархијски конгрес и се залагаа за сестрана „модернизација“ на црковниот живот. Отсуството на единство, неред, незадоволство, меѓусебна недоверба… – така изгледаше соборот на почетокот. Но, – о, чудо Божјо! – постепено сето тоа почна да се променува… Под влијанието на револуцијата, во допир со нејзината мрачна стихија, тој неуреден собир почна да се преобразува во една хармонична целина, однадвор доведена во ред, а одвнатре солидарна. Луѓето станаа мирни, работеа сериозно, почнаа на друг начин да ги доживуваат и набљудуваат работите. Овој процес на молитвен препород беше очигледен за секој внимателен набљудувач, видлив за секој учесник на соборот. Сите нас не’ опфати дух на мир, обнова и еднодушност…“

Продолжува…

Владимир Мосс

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *