ЦРКВА И РЕВОЛУЦИЈА: Избор на Патријарх

            Соборот заседаваше повеќе од една година, се до септември 1918 г., така времето на неговото одржување се поклопи со најважните случувања во руската историја: војната со Германија, падот на привремената влада, болшевичкиот преврат, распуштањето на Уставотворното Собрание и граѓанската војна. За сите тие случувања Соборот можеше да носи декларации кои го изразуваа мислењето на верните во Русија. Реално, со отсуство на било какво претставничко тело, тоа беше глас на Русија – или во секој случај, на оној значаен дел на нејзините жители кој не беше зафатен со револуционерното безумие. Што се однесува на болшевиците, на чии декрети во врска со Црковниот Собор или не обраќаа внимание или отворено ги нарушуваа.

            Некои од најважните одлуки на Соборот се:

Избор на Патријарх.  Како што видовме, Предсаборскиот совет во јуни остро истапи против обновата на патријаршијата, па на почетокот на работата на Соборот овој предлог наиде на прилично противење. Сепак, спротивставувањето во текот на есента постепено слабееше, пред се поради енергичната подршка која на патријаршијата и ја даваше Архиепископ Антониј (Храповицки) и идниот свештеномаченик Архиепископ Иларион (Троицки). Првото гласање од 30 октомври го донесе следниот резултат: за Архиепископ Антониј – 101 глас, за Архиепископ Кирил Тамбовски 9 (идниот свештеномаченик и првоирарх на Катакомбната Црква) – 27 гласа, и за Митрополит Тихон Московски – 23 гласа. На второто гласање на 31 октомври избрани се тројца кандидати: Архиепископ Антониј Харковски, Митрополит Арсениј Новгородски и Митрополит Тихон Московски. Од нив тројцата, со ждрепка на 5 ноември изборот падна на митрополит Тихон Московски, кој регуларно е интронизиран на 21 ноември во Успенската црква во Кремљ, со звукот на истрели од пушки од битката за Москва која што надвор се водеше. Така се исполни желбата на еден од селските делегати: „Ние повеќе немаме Цар, немаме татко кога да го љубиме. Невозможно е да го љубиме синодот. Затоа ние селаните сакаме патријарх“.

            Според новиот Устав на Руската Црква кој е прифатен на Соборот, највисокиот орган на Црквата е Свештениот Серуски Собор, кој се состои од архиереи, свештенство и верниот народ, и кој периодично го свикува патријархот, но пред кого и самиот патријарх е одговорен. Помеѓу Соборите, со Црквата управува патријархот со две постојани тела: Архиерејски Синод и Виш Црковен Совет. Прашањата поврзани со богословие, црковна дисциплина и административни прашања спаѓаат во делокругот на Архиерејскиот Синод, додека граѓанско-правните прашања, добротворната дејност на Црквата, како и другите црковно-социјални прашања се во надлежност на Вишиот Црковен Совет.

            На дваесет и трети јануари 1918 г. болшевиците издадоа Декрет за одвојување на Црквата од Државата и школството од Црквата. На дваесет и пети јануари Соборот слушна дека Митрополитот Киевски Владимир е убиен од страна на болшевиците. Овие случувања ги натераа сите да се замислат за опасноста во која се наоѓа патријархот. Истиот ден Соборот издаде резолуција која од патријархот бара да одреди имиња на тројца луѓе кои, во случај на неговата смрт, ќе бидат чувари на патријаршискиот трон до изборот на новиот патријарх. Тие имиња требало да се чуват во тајност, и тие навистина беа објавени дури по смртта на патријархот во 1925 година, кога неговиот аманет (кој тој го корегира во 1924 г.) беше прочитано во присуство на шеесетмина иерарси: „Во случај на нашата смрт, нашите патријаршиски права  и обврски, до законитиот избор на новиот патријарх, привремено ги доверуваме на Високопреосвештениот Митрополит Кирил (Смирнов). Во случај тој под било какви околности не е во можност да ги прифати поверените му права и обврски, тие права и обврски преминуваат на Високопреосвештениот Митрополит Агатангел (Преображенски). Ако пак и овој митрополит не е во можност да ги оствари, тогаш нашите патријаршиски права и обврски преминуваат на Високопреосвештениот Петар (Полиански), Митрополитот Крутицки“. Бидејќи во моментот на смртта на патријархот, и двајцата митрополити, и Кирил и Агатангел, се наоѓаа во прогонство, чувар (местоблјустител) на патријаршискиот трон стана митрополит Петар.

            Тоа што патријархот Тихон го избра митрополитот Петар очигледно беше вдахновено од Бога, бидејќи за време на Соборот  тој не беше особено познат, а неговото брзо напредување предизвика сомнеж кај некои архиереи. Како што приметува Л. Регелсон: „Првосветителската власт во Руската Црква по смртта на патријархот Тихон можеше да биде сочувана само благодарение на тоа што патријархот Тихон во 1918 г., за еден од чуварите на тронот го избра идниот митрополит Петар, кој за време на изборот беше обичен службеник во Синодот! Многу архиереи ги збунуваше и вознемируваше неговата понатамошна „кариера“, бидејќи за шест години стана Митрополит Крутицки и Коломенски… Но, благодарение токму на необичноста на својата судбина тој беше единствен патријархов изабраник (фактички изабраник на Соборот, а изборот е поверен на патријархот) кој остана на слобода во мигот на смртта на патријархот Тихон. Тешко е дури и да се замисли како понатаму ќе се одвиваше трагичната судбина на Руската Црква, доколку мудрата замисла на Соборот и патријархот не беше спроведена во живот“.

Односот кон советската власт. Соборот одби да ја признае законитоста на Советската власт. Така, ден после превратот, кога Ленин ја национализираше сета земја, правејќи го имотот на Црквата и парохијското свештенство нелегален, Соборот на верните им упати послание од 11 ноември, во кое за револуцијата се вели дека „потекнува од антихристот и опседната е со атеизам“: „Отворено се проповеда борба против верата Христова , противење на секаква светиња и превознесување над се што се нарекува Бог (2. Сол. 2, 4). Но, ниту едно земно царство неможе да опстане на безбожност: тоа ќе пропадне после внатрешните борби и партијски поделби. Поради тоа ќе се сруши и руската држава… За оние кои единствен темел на својата власт ја гледаат во насилството на една класа над целиот народ не постои татковина и светиња. Тие стануваат предавници на татковината, и тоа предавство на Русија и на нашите верни сојузници. Но, на наша несреќа, до сега навистина не се појави народна власт која би го заслужила благословот на Православната Црква. И нема да се појави во Руската земја, се додека со солзи и болка не се покаеме и не се обратиме кон Оној без Кого залудно се трудиме да положиме темел…“

            Со соборната одлука од 2 декември, „За правниот статус на Руската Православна Црква“, за Православната Црква и понатаму се бара законски статус на државна Црква на Русија. Во одлуката стои, од една страна, дека државата неможе да издаде било какви закони кои се однесуваат на Црквата без согласност со неа, а од друга, дека сите уредби и укази на Православната Црква, доколку не се директно спротивни на државните закони, треба да бидат признаени од страна на државата како правно важечки. Црковните празници треба да останат и државни, богохулството и обидите да се одвратат членовите на Црквата од неа треба да се стават над законот, а црковните училишта на сите нивоа треба да се признаат од државата како рамноправни со граѓанските. Со оваа одлука потполно е јасно дека Црквата е решена да оди по свој сопствен пат, целосно игнорирајќи ги таканаречените „власти“.

            Единаесетти декември објавен е декрет со кој сите црковни училишта се во надлежност на Наркомпрос (болшевистичкиот комитет за просвета), при што на Црквата и се одземени сите нејзини академии, богословии, школи и нивниот имот. Потоа на 18 декември црковниот брак е лишен од својот правен статус, а наместо него воведен е граѓанскиот. Тринаесетти јануари народниот комесар за општествени прашања Александар Колонтај, го испрати морнарскиот одред да ја преземе Лаврата Св. Александар Невски во Петроград, за да ја претвори во прифатилиште за воени инвалиди. Беа дочекани од разгневениот народ и во судирот беше убиен еден свештеник, отец Петар Скиптеров. Според Фиџес, Ленин сеуште не бил подготвен за конфронтација со Црквата, но по акцијата на Колонтјев тој се осмели, па одлучи да го издаде познатиот декрет за одвојување на црквата од државата.

            На 19 јануари, патријархот Тихон ја објави својата позната анатема против болшевиците. Значењето на оваа анатема се состои не толку во екскомуникацијата на самите болшевици (сите кои го негираат Бога се подложени на анатема) колку во заповедта на верните: „Ве заколнувам и сите вас верни чеда на Православната Црква Христова, со таквите изроди од човечкиот род да не стапувате во никакво општење: исфрлете го лошиот помеѓу вас (1. Кор. 5, 13)“. Со други зборови, владата не треба да ја гледате само како отпадната од Христа (тоа е очигледно), туку како таква која нема никаков морален авторитет и никакво право да бара послушност – пристап каков што Црквата немала ниту кон една влада преку целата своја историја. Посланието завршува со повик за заштита на Црквата, ако е потребно, до смрт. Зашто вратите на пеколот нема да ја надвладеат (Мт. 16, 18).

            Најважно од се, е тоа што указот на патријархот беше прочитан на Соборот на 22 јануари/4 фебруари, и тој со ентузијазам беше одобрен, со изрази кои не оставаат сомнеж дека Соборот го разбра патријархот во смисла анатемисување на самата советска власт.: „Патријархот Московски и на цела Русија во  посланието кон возљубените во Господа архипастири, пастири и сите чеда на Православната Црква Христова го протегна духовниот меч против изродите на човечкиот род – болшевистите, и ги предаде на анатема. Главата на Руската Православна Црква ги заколнува сите нејзини верни чеда да не стапуваат во никакво општење со тие изроди. Тие поради своите сатански дела се проклети и во овој и во идниот живот. Православни! На Најсветиот Патријарх, според зборовите на Спасителот, дадено му е право да врзува и разрешува… Не губете ги своите души, прекинете со општење со сатанските слуги – болшевистите. Родители, ако вашите деца се болшевисти, авторитетивно побарајте да се откажат од своите погрешки и да се покајат, а ако не ве послушаат, откажете се од нив. Жени, ако вашите мажи се болшевисти и упорни се во служењето на сатаната, напуштете ги своите мажи, спасете се себе си и своите дец од заразата која е погубна за душата. Неможе православен христијанин да општи со слугите на ѓаволот… Покајте се и со огнена молитва повикајте го во помош Господа, отргнете ги од себе туѓите раце – рацете на исконските непријатели Христови кои самоповикани се прогласија за „народна власт“. А ако не ја послушате Црквата, нема да бидете нејзини синови, туку учесници во окрутното сатанско дело, кое што го прават и тајните и јавните непријатели на вистината Христова… Бидете смели! Не малаксувајте! Не губете ја својата дша, не предавајте ја на ѓаволот и неговите следбеници“.

            Како што веќе спомнавме, во историјата нема примери една помесна Црква да анатемиса влада, но имало случаеви во историјата на Црквата кога поедини иерарси не само што одбивале да се покорат на политичките водачи и да се молат за нив, туку се молеле против нив. Така во четвртиот век св. Василиј Велики се молел за пораз на царот Јулијан Отпадникот, и по неговите молитви отпадникот бил убиен, како што Бог му открил на светиот отшелник Јулијан Месопотамски. Не само свети Василиј, туку и неговиот пријател свети Григориј Богослов не ја признавал власта на Јулијан Отпадникот за легитимна. Овие и други примери покажуваат, дека, иако принципот власта како таква е од Бога (Рим. 13, 1), често се појавуваат конкретни власти кои не се од Бога, туку Бог само ги допушта, и во тој случај Црквата треба да повика на спротивставување на тие власти, поради лојалноста кон Бога.

            Истиот ден кога е објавена анатемата, 19 јануари, Советската држава во Русија го воведува новиот Григоријански календар. Во намерата да го промени времето и законите (Дан. 7, 25), Советот на народните комесари со декрет датиран на 24 јануари 1918 г. одреди дека денот после 31 јануари 1918 г. ќе биде 14, а не 1 февруари. Црквата ја отфрли промената на календарот наметнат од страна на државата.

            Така, советите, оној ист ден кога Русија ја вовлекоа во безбожниот дваесети век, самите бие протерани од непроменливата и вечна Црква Божја.

Продолжува…

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *