Црква и револуција: Црквата и февруарската револуција

 Како Православната Црква реагираше на падот на православната монархија? Со изненадувачка рамнодушност, со обзир на огромното апокалиптично значење на тој настан. За жал, дури ни Светиот Синод во тоа време не се покажа дораснат за својата одговорност. Прво прашање кое што бара одговор се однесува на легитимноста на Привремената влада. Уставот на Руското Царство не допушта било какво преминување во не-монархијски, а особено не во анти-монархијски облик на владеење. Сепак, се покажа дека Синодот изгуби во тој критичен момент. На своето заседание од 26 Февруари синодот го одби барањето на Помошник Прокуратор кнез Н.Д. Жеваков, предизвикувачите на немири да ги казни со црковни казни. Потоа, на 27 Февруари го одби барањето на Прокуратор Н.П. Рајев јавно да ја подржи монархијата.

„Втори март (на денот на абдикацијата на Царот) – пишува М.А. Бабкин – иерарсите на Синодот се собраа во митрополитовата резиденција во Москва. Го сослушаа извештајот на митрополитот Питирим Санкт-Петерсбуршки кој побара да биде пензиониран (ова барање е удоволено на 6 Март – М.Б.). Управувањето на епархијата привремено е поверено на епископот Венијамин Гдовски. Потоа, членовите на синодот заклучија дека е неопходно веднаш да стапат во контакт со Извршниот комитет на Државната Дума. Врз основа на ова можеме да заклучиме дека Светиот Синод на Руската Православна Црква ја призна привремената влада дури и пред откажувањето на царот Николај II од престолот.

Првото свечено званично заседавање на Светиот Синод, по државниот удар, одржано е на 4 Март. Претседавач е митрополитот Владимир Киевски, а  присутен е и новиот синодски обер-прокуратор В.Н. Лвов, кого претходниот ден го постави Привремената влада. Митрополитот Владимир и членовите на Синодот (освен митрополит Питирим кој бил отсутен – М.Б.) изразија искрена радост поради настапувањето на новата ера во животот на Православната Црква. А потоа, на иницијатива на Обер-прокураторот Царскиот трон е преместен во архива… Еден од црковните иерарси му помогнал. Одлучено е тронот да се смести во музеј.

Следниот ден, 5 Март, Синодот нареди во црквите на Петроградската епархија многулетсвие за Царскиот Дом „повеќе не треба да се произнесува“. Според нашето мислење, овие потези на Синодот имаат символички карактер и сведочат за желбата на неговите членови не само да го „сместат во музеј“ царскиот трон, туку и брзо да ја „испратат во архивата“ на историјата и самата царска власт.

Синодот се држел неутрално кон „Акт за откажување на Николај II од престолот на руската држава, во свое име и од името на својот син, во корист на Великиот кнез Михаил Александрович“ од 2 Март 1917 г., како и кон „Акт за одбивање на Великиот кнез Михаил Александрович да ја прифати највишата власт“ од 3 Март. А 6 Март е одлучено овие акти да се „примат на знаење и да се извршат“, па во сите цркви на царството треба да се одржат молебен со многолетствие за “Богочуваната руска држава и правоверната Привремена влада“…

Членовите на Светиот Синод ја сфатија замрсената ситуација и ја предвидоа можноста од друго решавање на прашањето за изборот на облик на државна власт во Русија, за што сведочат синодските резолуции од 6 и 9 Март. Во нив се вели дека Великиот Кнез Михаил Александрович одби да ја прифати највишата власт „до воспоставување на облик на владеење во уставотворното Собрание“. И покрај тоа, веќе на 9 Март Најсветитиот Синод издаде послание до „Верните деца на Руската Православна Црква во врска со најновите случувања“. Во него се наоѓа повик за доверба кон Привремената влада. И не само тоа – посланието почнува вака: „Волјата Божја е извршена. Русија тргна по нов пат на државен живот. Господ нека ја благослови нашата голема Татковина со среќа и слава на нејзиниот нов пат.“

De facto, Синодот официјално објави почеток на „нов државен живот“ во Русија, додека револуционерните случувања ги нарече извршување на „волјата Божја“. Ова послание Б.В. Титлинов, професор на Петроградската Духовна Академија, ја окарактеризира како „послание кое ја благословува новата и слободна Русија“, а генералот А.И. Деникин како „санкционизирање на државниот удар до кое дојде“. Посланието на крајот го потпишаа и епископите од „царскиот “ состав на Синодот, дури и оние кои имаа репутација на монархисти, на пример митрополитите Владимир Киевски и Макариј Московски.

„Овој документ, кој се појави во оние денови кога целата православна Русија вознемирено чекаше што ќе рече Црквата за случувањата кои што се случија во земјата, ништо не појасни во црковната свест на народот. Синодот не рече ниту збор за апсењето на Царот, па дури ниту за неговите невини деца, за крвавите пресметки на војниците со нивните офицери, или за нередите кои народот го водеа кон пропаст. Тој не даде религиозно-морална оценка на револуцијата, ниту ги осуди виновниците. Конечно, Обраќањето потполно го заобиколи прашањето како треба да се однесуваме кон симнувањето и апсењето на Помазаникот Божји, како да се извршуваат богослужбите во црква без важните молитви за благосостојба на Царскиот Дом…- М.А. Бабкин).

Меѓутоа, на либералите во Црквата синодското Обраќање им изгледаше недоволно. Тие бараа да се тргне не само Царот, туку и целиот концепт на Свештена Монархија. На своите заседанија на 11 и 12 Март Советот на петроградското религиозно-филозофско друштво заклучи дека синодското прифаќање на абдикацијата на Царот „не одговара на огромното религиозно значење на актот, со кој Црквата во свештенодејствието крунисување го призна царот за помазаник Божји. Неопходно е поради ослободување на народната свест и поради можната рестаурвација, црковната иерархија да издаде соодветен акт со кој ќе се укине силата на Таинството на помазување Цар, спрема аналогија со црковните акти кои ги укинуваат Светите Тајни брак и свештенство“.

На крајот, малку се оние кои одбија да се заколнат на верност кон Привремената Влада. Помеѓу тие малобројни е и грофот Павел Михајлович Грабе, кој подоцна на Помесниот Собор на Руската Црква го покрена прашањето за обнова на патријаршијата, а неколку години после тоа се удостои со маченички венец. Само незначително безкомпромисна била позицијата на водечкиот иерарх-монархист, архиепископ Антониј (Храповицки), кој во проповедта од 5/18 Март со следните зборови се обрати на своето паство во Харков: „Кога го добивме извештајот за откажувањето на Најблагочестивиот Император Николај Александрович, ние се подготвувавме, согласно со неговото упатство, да го спомнуваме Најблагочестивиот Император Михаил Александрович. Но, сега и тој се откажа и ни заповеда да се потчиниме на Привремената Влада, и тоа е причината, единствената причина поради која ние ја спомнуваме Привремената влада. Инаку, никакви сили не би не натерале да прекинеме со спомнување на Царот и Царскиот Дом“.

Најбескомпромисен беше идниот свештеномаченик, Архиепископ Пермски Андроник. Во обраќањето од 4 Март, упатено до „Сите Руски Православни Христијани“, тој актуелната ситуација ја нарече „интерегнум“. Повикувајќи ги сите на послушност на Привремената Влада рече: „Ние треба да се заколнеме на Единиот Седобар, зза Он Самиот да воспостави власт и мир во нашата земја, и долго време да не не остава без Цар, како деца без мајка. Нека Он ни помогне, како што пред тристотини години им помогна на нашите претци за сложно и вдахновено да го примиме домашниот Цар од Неговата Седобра Промисла“.

Можеби најдоброто оправдување на синодската позиција ја даде протоиереј Јован Восторгов, кој наредната година прими маченички венец: „Нашиот бивши Цар кој се откажа од престолот, на законит начин власта ја предаде на својот брат. Од своја страна, царевиот брат, откажувајќи се од власта се до конечната одлука на Уставотворното Собрание, на ист законит начин ја пренесе власта на Привремената влада, односно, власт за која говори Словото Божјо. Оваа власт, која сега е највиша и серуска власт, ние сме должни да и се потчиниме во склад со барањето на религиозната совест. Ние сме обврзани да се молиме за неа, да им бидеме послушни на локалните власти кои таа ги востанови. По абдикацијата на бившиот Цар и неговиот брат, и по нивното укажување на законитоста на Привремената Влада, во таа послушност неможе да има предавство на претходната заклетва, туку таа претставува наша директна должност“. А кога министерот на надворешни работи на новата владА, Павле Миљуков, го прашаа кој ја избра неговата влада, тој одговори: „Не избра руската револуција“. Но, револуцијата неможе да биде законска, бидејќи е оваплотување на безаконието… Затоа совеста и понатаму се бунеше. Тоа може да се види и од писмата на некои православни христијани упатени кон Најсветиот Синод, од 24 Јули 1917 година: „Ние, православните христијани, најусрдно ве молиме во списанието „Руска реч“ да ни објасните што значи заклетвата на верност која што ја дадовме на Царот Николај Александрович? Кај нас се зборува дека таа заклетва ништо не вреди. Тогаш, ништо не вреди и новата заклетва дадена на новиот Цар (Привремената Влада – В.М.). Која заклетва треба да биде помила на Бога? Првата или втората? Бидејќи Царот не умре, туку е жив и се наоѓа во затвор“.

Продолжува…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *