ЦЕЛИТЕ НА ЕКУМЕНИЗМОТ

 

ChicagoTribuneОсновна цел и задача на екуменистичкото движење е РЕИНТЕРПРЕТАЦИЈАТА НА ХРИСТИЈАНСТВОТО или со други зборови, целосно уништување на Православието. Диалозите помеѓу различните христијански конфесии, но и на Христијанството со исламот и со јудаизмот, како и со другите религии се карика во ланецот на општиот план за обединување на целото човештво. Потребен е само еден нов Вселенски Собор, кој, “навистина” би бил „Вселенски“ (oikumenikoj), бидејки за екуменистите веќе постоечките тоа не се, (во спротивно би ги почитувале нивните одлуки и правила), и тој нов собор би требало да објави “нови вистини” на целиот свет. Досега со едноставен унилатерален акт можевме да видиме  како се поништуваат анатемите против папизмот, како монофизитите се прогласуваат за “ориентални православни христијани”, како отворено се признаваат еретичките “свети тајни”. Има многу такви поединечни потези кои ќе бидат официјално усвоени и поткрепени со соборни одлуки  на тој Велик Собор. На тој Собор, за чие одржување Цариградската патријаршија со децении сестрано се залага и се подготвува, (би требало можеби да биде одржан до крајот на овој век, како што тврди патријархот Вартоломеј) би било прогласено светско единство на христијаните.

Екуменистите[1] во суштина живеат со една визија за сеопшто единство на “црквите” што ќе биде квасец кој ќе ја поткваси целата вселена и ќе го претвори светот во Царство Божјо на земјата. Бидејки крајаната цел на екуменизмот е да ги обедини сите религии, сосема е логично зошто денес се повеќе се истакнува дека не само што поединечни Цркви не ја  поседуваат полнотата на вистината, туку и самото Христијанство не ја поседува полнотата на Божјата вистина. Со други зборови, вистината за Бога Создателот според нив е над сите поединечни постоечки религиозни форми кои се изразуваат преку различни световни религии и традиции. Во таа смисла со задоволство се користи примерот на една висока планина до чиј врв може да се стигне од различни страни т.е. до Бога може да се дојде и преку Христијанството,  исламот,  будизмот, хиндуизмот, јудаизмот, и затоа не е потребно преминување од една религија во друга бидејки наводно во секоја религија присуствува “вдахновението на Светиот Дух”. Всушност овие мисли многу хиндуистички гуруа веќе со децении ги шират низ Европа и Америка. Меѓутоа, фактот дека екуменистичкото движење, кое почна да работи на обединување на христијаните, се поинтензивно го проширува дијалогот и конткатите со нехристијаните (примерот во Камбера, Асизи, Милано итн.),  покажува дека целите на екуменизмот не се исцрпуваат со соединувањето на христијанските конфесии. Но токму на тоа поле задачата е најтешка, бидејки вистинското Христијанство, кое е во посед на Православната Христова Црква, е главната опасност за целата идеја. Оттука толкавото настојување Православието да се разводни преку соединувањето со другите ереси. Тогаш остварувањето на планот нема да биде нималку тежок бидејки мнозинството други религии не го апсолутизира своето учење како единствено исправно. Значи, потребно е “единство во различноста”. Со други зборови, задачата не е да се создаде една нова религија со унифициран култ и учење, туку, попрво да се прогласат сите религии како манифестација на една иста духовна реалност. Овие идеи отворено  ги развива слободното ѕидарство, кое според мислењето на многу духовни авторитети, е главен двигател на целото движење кое дејствува на две полиња: економско-политичко обединување на светот и  религиозно обединување. Затоа мнозинството актери на светскиот екуменизам, ако не се дирекно вклучени, тогаш се под големо влијание на светската масонерија. Се прашуваме, возможно ли е да се биде масон, а воедно и христијанин? Кај закоравените екуменисти тука нема дилема. Тие христијанството го сваќаат на еден друг начин, поточно како еден од најсилните и најавтентични изрази на божествената вистина, иако, секако не и единствен. Според тоа сваќање, божествената вистина е изразена во сите религии, но на различно ниво. На најнискиот степен се тотемистичките и анимистичките религии, кои го изразуваат Бога на едно примитивно ниво. На самиот врв се големите религии на светот, меѓу кои и Христијанството. Сепак тие што се иницирани во најголемите вистини на тој гносис и тие најголеми религии ги гледат како различни “фолклорни и културни изрази и обрасци” на една иста содржина. Оттука таквото ужасно тежнеење на екуменистите “простиот народ” да го издигнат на нивото на едно “Ново Христијанство” исчистено од сите историски и културни анахронизми (како што веруваме се’: црковните канони, кои според екуменистите денес немаат никаква вредност освен како реликвија на историското минато). Тоа е можеби  она “Христијанство” кое го бара архиепископот Јаков американски, кое би било ослободено од сите “незгодни” светоотечки термини и денес тешко прифатливи “вистини”. Токму тие “анахронизми” се главна пречка на екуменистите, бидејки тие ги отежнуваат нивните напори да го прилагодат Христијанството на новите трендови. Ова ни дава одговор на нашето колебање, како екуменистите така отворено ги кршат црковните канони и преданија? Тие за нив имаат само музејска и археолошка вредност.

Кога го имаме в предвид размислувањето на екуменистите, не ни е тешко да разбереме како еден патријарх може на муслиманите да им го честита бајрам, или заедно со имамите да се помоли во џамија. Водачите на екуменистичкото движење веруваат дека сите религии му служат на еден заеднички Бог и дека во секоја од нив, помалку или повеќе е присутно Божјото вдахновение, секако облечено во локален културен и цивилизациски идиом. Тие кои дошле до такво ниво на свест на единството, во секоја религија го препознаваат Бога кому се молат на свој начин. Суштински разлики не постојат. Сепак, за да се постигне, широките народни маси да ја почувствуваат таа вистина, потребно е да се ослободи Христијанството и сите религии од оние елементи кои го подгреваат прозелитизмот, агресивноста, убедувањето дека “само мојата религија е исправна, а сите други се погрешни”, со други зборови, да се развие дух на толеранција и разбирање. Со една таква свест луѓето ќе бидат во можност во секој човек да го препознаат својот брат, во секоја вера ќе ја препознаваат својата вера и својот Бог. Проблемот се чини дека е само ерминевтички. Потребно е да се разбере што се крие помеѓу знаковите и сигналите на разните религиозни преданија на “вдахновените книги”.

Основната евангелска идеја за воцрковување на сите луѓе во една Божја Црква, една вистина, една вера, што ке се оствари во својата полнота во Царството Небесно, по Второто Христово доаѓање и општото воскресение, екуменистите ја реинтерпретираат на свој начин. Тие во суштина свесно или несвесно ја проповедаат хилијастичката идеја на историското “Царство Божјо”, овде на земјата. На сите ни е добро познато од Светото Писмо и од отечката литература, дека таквата идеја не е остварлива. До душа сите луѓе се повикани за спасение, но сите не одговараат на тој повик. Христос го објавил Божјото име на луѓето, кое му го дал Отецот Небесен од светот (спореди Јн. 17,6) “Јас за нив се молам  (вели Господ), не се молам за сиот свет, туку за оние што си Ми  ги дал, зашто се Твои”(Јн. 17,9). Господ не дошол да го спаси светот кој “лежи во зло”, туку луѓето да ги спаси од светот и од  “кнезот на овој свет”, зашто “светот” е негово оружје за борба против Господа и Неговата Црква. Затоа Црквата и светот се наоѓаат во сукоб, Црквата и христијаните “не се од овој свет” (спореди Јн. 17,1, 6) тие во него живеат привремено како патници, бидејки нивната татковина е на небесата.  Господ не’ учи “Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејки не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот и ве мрази.”(Јн. 15,19) “Не љубете го светот и се што е во него. Ако некој го љуби светот во него нема љубов од Отецот”(1.Јн. 2,15). Во целото Свето Писмо можеме да видиме дека се прави јасна разлика помеѓу членовите на Црквата и останатите луѓе кои не се во Црквата. Не постои ниту еден доказ кој покажува дека целиот свет ќе го прифати Евангелието пред крајот на овој век, нема ниту збор дека целиот свет во ова време ќе се преобрази во Црква, како што веруваат ревнителите на екуменизмот. Наспроти тоа, Светото Писмо не учи дека бројот на вистинските христијани ќе се намалува, бидејки Господ се прашува, дали кога повторно ќе дојде на земјата ќе најде вера во луѓето. Господ не учи дека христијаните ќе бидат предавани на маки, многумина ќе бидат убиени и сите народи ќе ги замразат заради Неговото име, ќе се појават многу лажни пророци и ќе прелажат многумина… (спореди Мт. 24, 9-12). Тој отворено им вели на сите еретици и отстапници од вистината: “Многумина ќе речат во тој ден: Господи! Господи! не ли во твое име проркувавме и со твоето име ѓаволи избркувавме и со твоето име вршевме многу чуда? И тогаш ќе им кажам: бегајте од мене вие што вршите беззаконие, никогаш не сум ве познавал.”

Овие јасни сведоштва од Светото Писмо покажуваат дека екуменизмот во својата суштина е ХИЛИЈАСТИЧКА ЕРЕС која се согледува во настојувањето да се оствари единство преку компромис меѓу вистината и лагата, помеѓу доброто и злото, помеѓу Христа и Велијар, за да се создаде  една “нова Црква”, но и еден “нов свет”. Тие како да забораваат дека тој ден “небесата со голема бучава ке ги снема, а стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, а земјата и се што е на неа ќе изгори.”(2.Птр. 3.10) Забораваат дека дури по свршетокот на овој век ќе се појави  ново небо и нова земја, и со нив ќе дојде единството на сите верни во Господа, единство кое не е плод на човечките напори туку на творечката сила Божја. Историјата на Црквата не учи дека христијанството никогаш не се ширело преку дијалог и компромиси со незнабошците, туку преку живо сведочење на вистината и борба против секоја лага и заблуда. Дали апостолите оделе во незнабожечки храмови за да се молат на Бога за мир заедно со жреците и заедно со нив да му кадат? Екуменистите меѓутоа, свечено објавуваат дека поминале времињата “на нетрпеливост и на судири”. Тие прогласуваат лажен мир, не оној кој доаѓа од Христос (Мирот свој ви го давам!), туку мирот кој е резултат на лажниот компромис.

Од сево ова јасно е дека екуменизмот претставува важна алка во целата низа настојувања на европскиот човек Бога да го замени со човекот, Царството Божјо да го замени со Човечко Царство, вистината да ја замени со лагата и небесата со гнилежна земја.  Во него ги препознаваме истите елементи кои можеме да ги забележиме во папизмот, хуманизмот, комунизмот и многу други “изми” на паднатиот европски човек. А како подлога на сето тоа лежи намерата на “кнезот од овој свет”- ѓаволот, на земјата да формира свое Царство, своја псевдо-Црква и на нејзиното чело да го донесе својот избраник, лажниот Христос – Антихристот. Тоа се основните цели и правци на екуменистичката ерес.

За да се протуркаат сите овие екуменистички идеи во јавноста, и за да заживеат меѓу простиот народ било потребно да се создадат соодветни услови. На тоа под рака му одело и постепеното губење на свеста меѓу православниот верен народ дека Црквата не се само епископите и свештениците туку и целиот верен народ, и дека навистина, за прашањата од верата разговараат пастирите на Црквата, но нивните одлуки немаат вистинска вредност доколку не бидат прифатении од поширокото народно тело на Црквата и доколку тие не заживеат во секојдневниот литургиски живот на Црквата. Од Црковната историја ќе си спомнеме многу примери како епископите склучувале разни унии, воведувале ереси и слично, но верниот народ тоа не го прифаќал туку отворено се кревал против таквите беззаконски одлуки, а неретко ги соборувале лажните пастири кои биле волци во јагнешка кожа. Таков бил и примерот со Флорентинската унија, која била официјално склучена, но никогаш не заживеала меѓу православниот народ. За жал денес сме сведоци на целосна индиферентност кај мноштвото верници за суштествените прашања од својата вера. Владее едно општо убедување дека за тие прашања треба да разговараат само теолозите и владиците, а народот без примедба да го прифати она што ќе му се каже. Ова претставува голема опасност. Сепак, еден од “безбедносните винтили” на Православната Црква е нејзиното монаштво, кое никогаш во својата историја не било рамнодушно кон прашањата за верата. Монасите живеат во подвигот на покајанието оддалечени од светот бегајки од секакво осудување на ближниот заради нивните морални паѓања, сметајки се себеси за погрешни и полоши од сите луѓе. Но за прашањата од верата монасите го отфрлаат “лажното смирение и лажната послушност” кое се бара од нив за прашањата од верата да останат индиферентни и “смирени”, и тие се креваат секогаш кога е загрозена вистината на Православието. На тоа ги поттикнува живата свест за одговорност кон својата вера, за која нашите претци, маченици и исповедници  жртвувале се’ па дури и сопствените животи.(2)  Затоа што можеме да се спасиме преку покајание по секој сторен грев, но, ако ја изгубиме вистинската вера ја губиме заедницата со Христос, паѓаме во непокаена гордост која е хула на Светиот Дух, а за тоа нема простување. Секако, не затоа што Господ нема да ни го прости и тоа, туку затоа што преку паѓањето во ерес христијанинот ја губи живата заедница со Бога, се оттуѓува од Божјата Благодат и станува идолопоклоник, обожавател на лажен Бог, фалсификуван Христос, зад чија позадина всушност стои самиот Сатана како творец на секакво зло и измама. Во ереста нема и не може да има автентичен духовен опит, нема Божја благодат и светост, нема спасение, уште повеќе, со паѓањето во ерес човекот паѓа во сферата на прелеста, на духовната измама и  лагата станувајки заедничар со ѓаволот и со неговите зли енергии. Голема грешка е да се верува дека и еретиците му служат на истиот Бог како православните христијани. За жал тоа е една од основите поставки на современиот екуменизам, која оди уште подалеку сметајки дека и надвор од христијанската вероисповед постои автентичен духовен живот, светост и спасение.

 

[1] Овде пред се мислиме на оние протагонисти на екуменистичкото движење кои ја креираат официјалната екуменистичка политика. Меѓу учесниците на екуменистичкиот дијалог има многу “наивни” православни христијани кои екуменизмот го разбираат како можност со православната вистина да се запознаат другите, меѓутоа иако нивната намера на прв поглед изгледа сосема исправна, резултатот на нивните ‘мисионерски активности” покажува дека со своето учество во екуменистичкото движење самите тие примиле многу повеќе од римокатолиците и протестантите, одошто тие од нив. Тие сметаат дека е голем успех доколку некој од еретиците во своите официјални документи го признаат учењето на Православната Црква, превидувајки притоа дека под сите тие “признанија” живее студениот дух на интелектуалната гордост кој Православието го разбира како богата ризница од која секој зема по нешто што му се допаѓа. Секој барем малку искрен православен теолог не може а да не признае дека екуменистичкиот дијалог до сега не донел ништо повеќе одошто голема штета врз угледот на Православната Црква. Да не зборуваме за неговото влијание врз православните верници, кои своите пастири ги гледаат на “заеднички молитви”, рака под рака на свечени банкети за време на устоличувања и хиротонии, осветувања на цркви итн. Еден број на православни екуменисти за жал е “купен”, за ова идеја со богати дарови и донации на еретиците за изградба на православни храмови, факултети и други образовни установи. Во секој случај се работи за шаренолико друштво кое во помала или поголема мера свесно или несвесно работи против православната вера, но сигурно и против сопственото лично спасение.

Ќе ги спомнеме зборовите на Јосиф Вријениј кој најдобро ја илустрира ревноста за верата и вистината: “Никогаш нема да се откажеме од тебе, љубено Православие! Никогаш нема да те предадеме, благочестие на отците! Никогаш нема да те оставиме, мајко на побожноста! Во тебе сме родени, во тебе живееме и во тебе ќе умреме. Ако времињата го побараат тоа од нас, и илјада пати ќе умреме за тебе!”

Продолжува…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *