СИНАКСАР ВО ПОНЕДЕЛНИК НА ПЕДЕСЕТНИЦА

Се што дише Го слави Господа:

Он ја победува дрскоста на лукавите духови.

 

Во овој ден, понеделник од Педесетница, Го празнуваме Сесветиот и Животворен и Сесилен Дух, едниот од Троица, Бог Кој има еднаква чест, еднаква суштина и еднаква слава со Отецот и Синот.

Во денот на Педесетницата Самиот Свет Дух слезе врз светите апостоли во вид на огнени јазици и остана врз секого од нив, во горната одаја каде што тие престојуваа. Во чест на Светиот Дух Светите Отци, кои распоредија се како што треба, решија да го празнуваат одвоено од Педесетницата, бидејќи Спасителот, пред Неговото страдање, беше го ветил доаѓањето на Утешителот, велејќи: Подобро е Јас да си заминам зашто, ако не си заминам, нема да дојде Утешителот. И уште: А кога ќе дојде Он, ќе ве научи на се, и ќе ве упати во секоја вистина. Исто така: Ќе го замолам Отецот и Он ќе ви испрати друг Утешител, Духот на вистината, Кој излегува од Отецот. И пак: Останете во Ерусалим додека не се облечете во сила одозгора. И откако вети, им Го испрати.

Тие останаа сами и, кога дојде денот на Педесетницата, кон третиот час, одненадеж се слушна гром во горната одаја, како да ја обиколи целата вселена. И се јави Светиот Дух во вид на огнени јазици, не само врз дванаесетте, туку и врз седумдесетте (апостоли), и тие почнаа да говорат на сите јазици, односно секој апостол ги говореше сите јазици на народите. Не само странците го слушаа својот јазик кога говореа апостолите, туку и апостолите го разбираа и го говореа јазикот на секого. Оние што се беа собрале, мислеа дека апостолите се напиле. Не знаејќи како апостолите можат да им зборуваат на сите поединечно, тие мислеа дека тоа се должи на нивното пијанство. Некои, пак се чудеа и велеа: Што значи ова? Зашто тие беа собрани од сите страни на празникот: Партјани, Мидјани и Еламити, оние што некогаш беа доведени во ропство од Антиох.

Светиот Дух слезе десет дена по вознесението, а не веднаш по него, за да ги направи поревносни апостолите кои Го очекуваа. Некои велат дека секој ден еден од чиновите ангелски приоѓаше да се поклони пред обоженото тело. Откако минаа деветте дена и беше извршено измирувањето од Синот, во десетиот ден слезе Светиот Дух. И, во спомен на стариот закон, тоа се случи педесет дена по Пасха, бидејќи Израилците ги примија Десетте Божји заповеди педесет дена по преминувањето преку Црвеното море. Обрнете внимание на споредбатта: На планината Синај и одговара горната одаја; на огнот – огнените јазици; на громот и на облакот – силниот ветар.

Светиот Дух слезе во вид на јазици, што покажува дека се однесува на Словото на животот, или на тоа што апостолите требаше да ги учат и водат народите благодарејќи на нивните јазици. Огнени јазици, затоа што Бог е оган кој голта, како и заради очистувањето. Разделени јазици, заради разделувањето на даровите. И, како што некогаш оние што знаеја само еден јазик, им го смеша и ги раздели, така и сега, оние што имаа само еден јазик, ги раздели на многу, за да ги соедини оние кои, поради овие јазици, се беа распрснале по краиштата на земјата. Тоа се случило за време на Празникот заради големиот прилив на луѓе, за да може веста да се рашири насекаде, и оние што беа дојдени заради Пасхата и го беа виделе она што се случи со Христа, да имаат на што да се восхитуваат. Тоа се случило на Педесетница, затоа што требаше во тоа време, во кое некогаш бил даден Законот, во истиот ден да биде излеана и благодатта на Духот, како што Христос беше ја избрал законската Пасха, за да ја изврши Својата сопствена Пасха, вистинската Пасха.

Светиот Дух не се задржа на устата, туку на главата на апостолите, на мошне важниот и доминантен дел на телото, врз самиот ум, од кого јазикот ја добива својата моќ да говори. Или, пак, затоа што на некој начин Духот го испушта Својот повик преку јазикот, или затоа што преку главата ги ракополага апостолите за учители на целиот свет, зашто ракополагањето се извршува врз главата. Шумот е огнот, затоа што така се случи и на Синај, за да покаже дека истиот Тој Дух е Оној што го дава законот, некогаш и сега, и дека Он прави се. Народот е збунет од бурниот шум: луѓето мислеа дека ќе се исполни се што Христос им беше навестил на Јудеите во врска со нивниот крај (разурнувањето на Ерусалим…) А што се однесува до огнот, тоа е со цел никој да не Го замислува Духот во телесна форма.

Апостолите беа осудени за пијанство, но Петар стана и почна да му зборува на народот и нивното тврдење го отфрли како неосновано, повикувајќи се во својот говор на пророштвото на Јоил, по што се Крстија три илјади души.

Светиот Дух е наречен Утешител, затоа што може да не’ утешува и да не’ успокојува. Го примивме наместо Христа, и благодарејќи Нему (на Светиот Дух), Го имаме и Него (Христа). И затоа што Он посредува за нас, со неискажливи повици кон Бога; Он е и наш благонаклонет заштитник, како и Христос. Он е и наш Посредник, и затоа Светиот Дух се именува друг Посредник, зашто и апостолот вели: Ние во Исуса имаме Посредник пред Бога. Кога зборуваме за „другиот“, тоа значи дека е едносуштен. Едниот и Другиот, тоа значи едносушност, еднаквост по природа. Ако велиме: Другиот, мислиме на различни природи. Светиот Дух, за Кого зборуваме е целосно во Отецот и во Синот. Он соработува во целото искупително дело, вклучително и идното Воскресение. Се што ќе посака, тоа и го прави: осветува, разделува, обновува, испраќа, вразумува, пророци помажува. Просто речено, во се’ е самовластен, сесилен, благ, прав, господарствен. Од Него е сета премудрост, живот, движење, учество во светоста, и во секој живот. Едноставно, Он има се’ што има и Отецот и Синот, освен нероденоста и раѓањето, Кој излегува само од Отецот.

Откако Светиот Дух се излеа на секое тело, светот е исполнет со секаков вид дарови. Преку Него сите народи се приведени кон Богопознание, и секаква болест и рана се протерани. Светиот Дух им е даден на учениците трипати: Пред страдањето, не баш многу јавно; по Воскресението, по очигледно, преку дување; и сега, Го испраќа суштествено. Или поскоро, им Го испрати за да ги просветли посовршено, да ги освети, и преку нив, да го измири целиот свет, со слегувањето на Светиот Дух.

По молитвите на Твоите апостоли, Христе Боже наш, смилувај се на нас, амин.

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *