Св. Јован Шангајски: Што подразбираме под зборот православен ?

Набрзо штом почнало учењето Христово почнало да се проповеда на незнабожците, следбениците на Христа во Антиохија, почнале да ги нарекуваат христијани (Дела 11, 26). Зборот христијанин ги означува оние, кои го носат ова име кое му припаѓа на Христос – во смисла, преданост на Христос и на Неговото Учење. Следбениците Христови со радост се нарекувале себе со името на својот љубен Учител и Господ, а непријателите Христови, ги нарекувале Неговите следбеници христијани, пренесувајќи  ја и на нив омразата со која дишеле против Христа. 

Меѓутоа, за многу брзо време, се појавиле луѓе, кои, иако се нарекувале себе христијани, по духот не биле од Христа. За нив Христос порано рекол: „Не секој што Ми вели: Господи, Господи, Ќе влезе во Царството Небесно, а оној кој ја исполнува волјата на Мојот Отец, Небесен“ (Мат. 7, 21).

Исто така, Христос прорекол дека многумина ќе се претставуваат за Самиот Христос: „Зашто многумина ќе дојдат во Мое Име, говорејќи: Јас сум Христос“ (Матеј 24, 5). Апостолите во своите посланија укажувале дека веќе се појавиле лажни носители на Името Христово, веќе во нивното време: „Како што сте слушале дека ќе дојде антихрист, и сега веќе се појавија многу антихристи“ (1 Јован 2, 18).

Укажувале дека оние кои што отстапиле од Христовото учење, не треба да се рачунаат за свои: „Тие излегоа од нас, но не беа наши“ (1 Јован 2, 19). Предупредувајќи против кавгите и несложувањето во мали работи (1 Кор. 1, 10-14), во исто време, апостолите строго им заповедале на своите ученици да ги одбегнуваат оние кои не го исповедаат вистинското учење (2 Јован 1, 10). Господ, преку Откровението дадено на апостолот Јован Богослов, строго ги обвинува оние, кои се нарекуваат верници, а не се однесуваат во склад со своето име, бидејќи во таквите случаи, тоа е лага за нив.

Од каква полза е било за човек, себе си да се нарекува за Евреј, Старозаветен следбеник на вистинската вера, ако тоа не било така во реалноста? Таквите, Светото Писмо ги нарекува синагога на сатаната (Отк. 2, 19). На ист начин, христијанин, во строга смисла на тој збор, е само оној кој го исповеда вистинското учење на Христа и живее во склад со него. Името христијанин се состои во славењето на Небесниот Отец со соспствениот живот. „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата“ (Мат. 5, 16).

Вистинското славење на Бога, можно е само тогаш кога човек правилно верува и ја изразува својата вистинска вера, со зборови и дела. Според тоа, вистинско христијанство е само она, кое може да се нарече православие (орто-доксија).

Преку зборот православен, ние ја исповедаме нашата цврста убеденост дека нашата Вера, е таа која што го претставува вистинското учење Христово. Кога некого или нешто ги нарекуваме православни, на тој начин, укажуваме на неговото не-лажно и не-расипано христијанство, во исто време, отфрлувајќи ги оние кои лажно го присвојуваат името Христово.

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *