Св. Јован Мосх: Лимонар (9)

Глава 21

Лимонар-сликаЗа смртта на еден отшелник и за неговиот убиец

Авва Герондиј, игумен на манастирот на светиот отец наш Евтимиј, ни го раскажа следното:

Бевме тројца монаси пастири од другата страна на Мртвото Море, близу Висимунд. Кога еднаш шетавме по ридот, видовме еден друг монах пастир како одеше долу покрај езерото. Некои Сарацени кои тогаш поминуваа таму го пресретнаа и штом малку го одминаа, се заврте еден од нив и му ја отсече главата на отшелникот. Ние сето ова го гледавме од далеку, од планината. Уште не стигнавме да заплачеме за убиениот монах, кога гледај, изненадно, еден од големите планински орли го зграпчи оној сарацен и заедно со него излета високо во воздухот, од каде и го испушти да падне на земјата, каде од него останаа само парчиња.

Глава 22

За еден друг старец Конон

 Некој старец по име Конон, родум од Киликија, кој живееше во манастирот на светиот отец наш Теодосиј Велики, триесет и пет години верно го исполнуваше следното правило: се хранеше само еднаш во седмицата, и тоа, само леб и малку вода, неуморно работеше и никогаш не изостануваше од богослужбите.

Глава 23

За монах Теодул

Во истиот манастир го видовме и старец Теодул, некогашниот војник кој постојано пребиваше во пост и никогаш не спиеше лежејќи.

Глава 24

За старецот кој живееше во Хозевитските ќелии

За старецот кој живееше во Хозевитските ќелии ни раскажуваа монасите кои што живееја во истата област.

Додека сеуште живееше на село, неговиот подвиг беше следниот: кога ќе видел дека некој од селаните поради својата сиромаштија не можат да ја посејат нивата, тој ноќта, тајно, ги земал своите волови и своето семе, и ќе ја посејал нивата. Преселувајќи се во Хозевитските ќелии, продолжил со истиот подвиг. Често можевте да го видите на патот, кој од Јордан води во светиот град Ерусалим, како носи леб и вода. Кога ќе сретнеше уморен човек, го земаше неговиот терет и на своите рамења го носеше каде што треба. Тогаш повторно ќе се вратеше на стариот пат барајќи некого за да му помогне. Можеше дури и до Иерихон да носи туѓ товар. Често се препотуваше под тие туѓи товари. Можевте да го видие како носи и дете на своите рамења, а понекогаш носеше и товар и дете. Друг пат седеше покрај патот поправајќи им ги обувките на жените и мажите, ако се случеше на некого по патот да им се скинат. Секогаш со себе носеше неопходен прибор. Кога ќе наидеше на гол човек знаеше да ја соблече својата облека и да му ја поклони. Ако наидеше на некој упокоен, ќе го опееше и ќе го погребаше.

Така по цел ден неуморно се трудеше.

Продолжува…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *