Св. Јован Мосх: Лимонар (8)

Лимонар-сликаГлава 17

За еден велик старец

Истиот старец Николај ни раскажуваше за некој велик старец од лаврата на авва Петар, кој педесет години живеел во една пештера не пиејќи вино и не јадејќи леб. Се хранел само со леб кој го месел од исушени готвени треви. Се причестувал три пати неделно.

Глава 18

За еден друг старец кој спиел со лавовите

Уште ни раскажуваше авва Полихрониј за еден друг старец од лаврата на авва Петар.

Тој често излегувал од манастирот и некое време живеел на бреговите на светата река Јордан, а таму каде што ќе наидел на лавовско гнездо влегувал во него и спиел со лавовите. Еднаш најдел две лавчиња во некоја пештера, ги донел во црквата замотани во неговото расо и рекол:

„Кога ние луѓето би ги исполнувале заповедите на нашиот Господ Исус Христос, тогаш ѕверовите ќе се плашат од нас, но поради нашите гревови, ние се плашиме од нив.“  

Глава 19

За авва Илија

Авва Илија, пастир[1], ни раскажуваше:

Некогаш живеев во една пештера во јорданската област, бидејќи немав богослужбено општење со авва Макариј[2], епископот ерусалимски. Еден ден, околу пладне, додека жегата беше голема, некој тропна на вратата на мојата пештера. Излегов и пред себе видов една жена. И реков:

„Што правиш овде?“

„Господине авва, јас живеам ист испоснички живот како и ти. Се наоѓам недалеку од тебе во една мала пештера.“

Тогаш со раката ми покажа во правец на југ и продолжи:

„Одејќи по оваа пустина многу ожеднев и те молам, направи ми љубов, дади ми малку вода.“

Го изнесов мојот сад со вода и и дадов да пие. Кога си замина, ѓаволот почна да ми уфрлува во главата секакви помисли во врска со неа, наведувајќи ме на искушение. Бидејќи не можев да се победам самиот себе, а повеќе не можев да го задржам оганот на телесната страст, зедов стап, излегов од пештерата и по жештината која што и каменот го печеше, отидов да ја побарам со намера да ја задоволам својата телесна желба. Кога поминав околу двесте метри и покрај тоа што горев од телесната желба, дојдов во екстаза и видов како земјата се отвара и ме проголтува. Пред мене се движеа мртви гнили тела кои толку језиво смрдеа што тоа никој не може ниту да си го замисли. Таму видов и некој достоинствено момче кое ми рече:

„Еве, ова е жена, а овој е маж. Задоволи ја својата желба колку што сакаш, но знај, за едно такво уживање ќе ги изгубиш сите твои подвизи. Погледни поради кој грев вие луѓето се лишувате од Царството Небесно.

Тешко на човечкиот род! Зарем за еден миг уживање сакаш да ја изгубиш целата награда?“

Од онаа силна смрдеа јас паднав на земјата. Тогаш, она момче ми пријде, ме подигна и јас почувствував дека телесната борба ме напуштила.

Тогаш целиот исполнет со благодарност кон Бога се вратив во својата ќелија.

 

ГЛАВА 20

Чудесно обраќање не еден војник

Некој од отците ни раскажуваше дека од некој знаменосец го слушнал следното:

Во Африка водевме војна против Мавританците. Овие варвари не победија и гонејќи не, убиваа кого ќе најдат. Така и мене ме стигна еден од нив и го затегна својот лак нишанејќи со стрелата да ме убие. Кога го видов, почнав да се молам на Бога:

„Господи Боже, кој си се јавил на својата слугинка Текла[3] и си ја спасил од рацете на безакониците, избави ме и мене од овие маки и спаси ме од оваа лута смрт, а јас Ти се заветувам дека ќе отидам во пустина и ќе се посветам на Тебе.“

И вртејќи се околу себе јас не видов ниту еден од варварите. Потоа, веднаш отидов во Копратската Лавра и еве, со Божја помош, во оваа пештера живеам веќе триесет години.

Превод: А.Т.

[1]Пастир е монах-отшелник кој живее во пустината славејќи го Бога, а хранејќи се само со диви треви и нивниот корен. Ваквиот монах-пастир се паси самиот себе.

[2]Во 552 година монасите од Нова Лавра кои што ја следеле Оригеновата ерес, го воздигнале Макариј на тронот на ерусалимскиот архиепископ. Набрзо тој бил разобличен како еретик и сменет од архиепископскиот трон. Бидејќи подоцна се покајал и се присоединил кон светата апостолска Црква, повторно бил избран за архиепископ во 564 г. каде и останал се до 575 година.

 

[3] Света првомаченичка Текла Бог на чудесен начин ја спасил од варварите, отварајќи ја карпата и затворувајќи ја во неа. Нејзиниот спомен Црквата го празнува на 24 септември.

Превод: А.Т.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *