Св. Јован Мосх: Лимонар (7)

Лимонар-сликаГлава 14

За братот кој го нападнал демонот на блудот и кој станал губав

Авва Полихрониј ни раскажуваше како во општежитието Пентукла живеел некој брат кој многу се трудел околу спасението на својата душа и бил голем подвижник. Еднаш, толку силно го нападнал демонот на блудот, што не можејќи да се победи, излегол од манастирот и отидел во Ерихон за да ја задоволи својата телесна страст. Штом влегол во куќата на блудот, приметил лепра на своето тело. Кога се видел себе си во таква состојба, се вратил право во манастирот славејќи Го Бога и говорејќи:

„Бог ми ја испрати оваа одвратна болест за да се спаси мојата душа.“ И со целата своја душа го славел Бога.

 Глава 15

Едно чудо на авва Конон

 Се зборува за авва Конон, игуменот на манастирот Пентукла, како го сретнале некои евреи и сакале да го убијат, кога еден ден тој одел кон светото место Витон[1]. Ги извадиле своите ножеви, се стрчале кон старецот и замавнале за да го убијат. Но нивните раце останале вкочанети во воздухот.

Тогаш старецот се помолил за нив, а тие, исцелувајќи се, радосно си заминале славејќи Го Бога.

Глава 16

За авва Николај и неговите сопатници 

Старец Николај, кој живее во лаврата на авва Петар близу Јордан, ни го раскажа следното:

Додека некогаш живеев во Раит[2], ме испратија заедно со уште двајца браќа во Тиваида[3] по некоја работа. Одејќи по пустината го изгубивме патот и почнавме да лутаме. Бидејќи останавме без вода и со денови не можевме да најдеме, почнавме да ја губиме силата, поради жештината и силното сонце. Повеќе не бевме во состојба ниту да одиме. Кога во пстината наидовме на дрва, секој од нас седна каде што можеше да најде сенка, очекувајќи ја смртта од жед. Јас се испружив на песокот и тогаш паднав во екстаза[4]. Видов голем базен полн со вода, така да, водата се преливаше и двајца за мене непознати луѓе стоеја на ивицата на базенот и оттаму наливаа вода во една дрвена чаша. Почнав да го молам едниот од нив:

„Господине, направи ми љубов, дади ми малку вода бидејќи умирам од жед“.

Меѓутоа, тој не сакаше да ми даде. Тогаш другиот му рече:

„Дади му малку.“

„Не, да не му дадеме. Тој е многу мрзлив и немарен кон својата душа.“

„ Дека е невнимателен, невнимателен е. Но, поради неговото туѓинување[5], ајде, дади му малку да се напие“.

И така ми дадоа вода. Им дадоа и на другите двајца кои што беа со мене. Се напивме и патувавме уште три дена не пиејќи вода. Дури тогаш стигнавме во населен предел.

Продолжува…

[1] Витон е град кој се наоѓа на источниот брег на реката Јордан. Повеќе не постои.

[2] Раит се наоѓа на југозападниот брег на Синајскиот полуостров. Тоа е локација на старозаветниот Елим со дванаесет извори и седумдесет палми (2. Мој. 15, 27). Уште во четвртиот век овде постоеле монаси, а и пустињаци кои што живееле во околината. Во ова време се спомнува игуменот Амониј. Во 373 година, манастирот е уништен од бедуините, а сите монаси се заклани. Нивниот свет спомен се празнува на 14 јануари. Во 540 година автократорот Јустинијан го обновил манастирот. Денес тој е метох на синајскиот манастир света Екатерина и има храм посветен на Св. Георги, а местото се нарекува Ел Тур.

 

[3] Тиваида (Горна и Долна) се пустински области во југо-источниот дел на Египет, помеѓу реката Нил и западниот брег на Црвеното Море. Уште во четвртиот век таму процветало монаштвото во сите свои форми.

[4] Екстаза е духовна состојба на човекот, во која неговиот ум се исклучува од секојдневието, како и од местото на кое што се наоѓа и се воздигнува на ниво на виши духовни содржини, многу често во правец на разбирање на Божествените тајни или прима пораки од духовниот свет.

 

[5] Туѓинување, според Светите Отци, е одалечување на монахот, поради љубов кон Бога, од се што сакал како мирјанин: од местото во кое што живеел, од неговите домашни, од роднините и пријателите.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *