Св. Јован Мосх: Лимонар (6)

Лимонар-сликаГлава 11
За авва Агиодул

Авва Петар, презвитер во лаврата свети Сава Освештени, ни раскажуваше за некој авва Агиодул. Во времето кога тој бил игумен во лаврата на светиот Герасим, се случило таму да умре некој монах, а игуменот и да не знае за тоа. Кога црквењакот клепал за да се соберат браќата за да го испратат упокоениот, и старецот дошол во црквата, го видел умрениот брат и се разжалостил, бидејќи не се опростил со него пред да умре. Кога му пријдел му рекол:

„Стани брате и дади ми целив.“ Овој станал, го целивал старецот, а тој му заповедал „Сега заспиј додека Синот Божји не дојде да те воскресне од мртвите.“

Истиот овој авва Агиодул, шетајќи се еднаш покрај брегот на реката Јордан, размислувал што се случило со оние дванаесет камења кои што Исус Навин ги поставил среде Јордан, во замена за оние камења, кои што народните првенци во спомен на преминувањето на Израилот преко реката, ги зеле од неа. Кога размислувал за ова, гледај чудо: наеднаш се раздвоила реката Јордан на два дела и старецот ги видел сите дванаесет камења. Тогаш длабоко се поклонил на Бога и си заминал.


Глава 12
Поука на авва Олимпиј

Еден брат го праша авва Олимпиј, презвитерот во лаврата на свети Герасим: „Кажи ми поука за спасение.“

А тој му рече: „Немој да живееш заедно со еретик, воздржувај го својот јазик и каде и да живееш повторувај: јас сум странец, јас сум странец.“


Глава 13
За отшелникот авва Марко

За авва Марко, отшелникот кој што живеел близу манастирот Пентукла, се зборува дека шеесет и девет години живеел јадејќи само еднаш во седмицата, така да некои мислеле дека е бестелесен.

Деноноќно работел, сите пари ги делел на сиромасите и никогаш ниту најмала работа од никого не примил.

Кога некои богољубиви луѓе слушнале за него и дошле со намера да му помогнат, тој им рекол: „Ништо не сакам да земам од вас, бидејќи моето ракоделие ми е доволно за да се прехранам и јас и сите оние кои поради Бога доаѓаат кај мене.“

Превод: Х. Т.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *