Св. Јован Мосх: Лимонар (4)

Лимонар-сликаГлава 6
Раскажување на истиот авва

Презвитерот авва Полихрониј ни раскажуваше како слушнал од авва Константин, игуменот на Богородичниот манастир, како во јерихонската болница умрел некој монах од лаврата Пиргиа. Браќата од неговиот манастир дошле за да го пренесат и да го погребат на манастирските гробишта.

„И од тогаш“, раскажуваше авва Константин, „кога умрениот го изнесовме од болницата, па се додека не стигнавме во манастирот и го погребавме, една ѕвезда не престануваше да свети над умрениот, пратејќи го неговото тело и одејќи по нас се додека не го спуштивме во гробот“. 


Глава 7
За некој старец кој што одбил да стане игумен на манастирот Пиргиа

Живеел некој старец во лаврата Пиргиа. Бидејќи бил голем во добродетелите и угоден на Бога, а во манастирот умрел игуменот, браќата сакале да го постават за игумен. Старецот ги молел: Оставете ме браќа да ги оплакувам своите гревови. Јас не сум достоен да водам сметка за другите души. Тоа е работа на великите отци кои што ја достигнале мерата на свети Антониј и на другите.“

Но браќата не попуштале во своето барање и на старецот секојдневно му пристигнувале молби да го прифати игуменството. Кога видел дека браќата се упорни во својата намера, рекол: „Оставете ме три дена да се помолам на Бога и што Он ќе ми открие тоа и ќе го направам.“ Било петок. Во неделата старецот се упокоил во Господа.


Глава 8
За авва Мироген кој имал водена болест

Во лаврата Пиргиа живеел старецот Мироген кој поради својот суров аскетски живот добил водена болест. Тој на монасите кои што доаѓале да го посетат и да му послужат, често им говорел:

„Помолете се за мене, чесни отци, да не се разболи внатрешниот човек во мене – мојата душа, а јас се молам на Бога подолго да поживеам боледувајќи од оваа болест.“

Кога архиепископот иерусалимски Евстохиј слушнал за авва Мироген, посакал да му помогне и да ги подмири сите негови најнеопходни потреби, но авва Мироген ништо не сакал да прими од архиепископот, туку му порачал:

„Моли се за мене отче за да се спасам од вечниот пекол.“

Продолжува…

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *