Св. Јован Мосх: Лимонар (3)

Лимонар-сликаГлава 4
Видение на авва Леонтиј

Авва Леонтиј од општежитието на светиот отец наш Теодосиј ни го раскажа следното:

Кога ги протераа монасите од Нова Лавра, јас се населив во неа. Едно утро слегнав од својата ќелија и отидов во црквата за да се причестам. Кога влегов, видов еден ангел како стои од десната страна на жртвеникот и бидејќи се уплашив тргнав назад накај својата ќелија. Тогаш позади себе слушнав глас кој ми говореше: „Верувај ми авво, откако е осветен овој жртвеник наредено ми е да се населам во него“.


Глава 5
Раскажување на авва Полихрониј за тројцата монаси

Авва Полихрониј ни раскажуваше: Во лаврата Пиргиа забележав еден меѓу браќата кој никогаш не го извршуваше своето монашко правило. По некое време, видов како овој толку мрзлив брат многу се труди во молитвата и приметив:

„Добро правиш сега брате, трудејќи се околу својата душа.“ А тој ми одговори: „Господине отче, наскоро ќе умрам.“ По три дена почина во Господа. Истиот авва Полихрониј, презвитер во Нова Лавра, ми раскажуваше:

Кога некогаш бев во лаврата Пиргиа, таму се упокои еден брат, па манастирскиот економ ме замоли: „Покажи ми љубов брате и помогни ми работите на покојникот да ги пренесеме во магацин.“ Штом почнавме да ги пренесуваме работите, забележав како економот плаче и го прашав: „Господине авва, зошто плачеш?“

„Денес ги носиме работите на покојниот брат, а по два дена други ќе ги изнесат моите.“
Така и се случи. На вториот ден економот почина во Господа, баш како што и рече.

Продолжува…

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *