Св. Јован Мосх: Лимонар (2)

Лимонар-слика

Глава 2
За старецот кој примал лавови во својата ќелија

Еден старец живеел во пределот Сапса, а достигнал до таков степен на добродетели, да прима лавови во својата пештера, дури ги земал со своите раце. Толку овој човек бил исполнет со благодатта Божја.


Глава 3
За Конон, презвитерот на манастирот Пентукла

Во лаврата на светиот отец наш Сава Освештени го посетивме старецот Атанасиј и тој ни го раскажа следното: За време додека живеев во општежитие во Пентукла, таму живееше некој презвитер Конон, родум од Киликија. Како добродетелен монах му беше одредено послушанието да крштева. Ги крштеваше сите кои што заради тоа, доаѓаа во манастирот, но секој пат кога требаше да миропомаза некоја жена, делуваше многу вознемирено, така да имаше намера да го напушти манастирот. И секогаш кога помислата за заминување го вознемирувала, му се јавувал свети Јован Крстител и му говорел: „Имај трпение и јас ќе те ослободам од твојата телесна борба“.

Еден ден за крштевање во манастирот дошла некоја млада Персијанка. Била складно градена и многу убава, така да презвитерот Конон не се осудил да ја миропомаза. Поради тоа Персијанката морала два дена да остане во манастирот. За овој случај слушнал и архиепископот Петар, многу се изненадил и помислил дека би било добро да се постави ѓакониса за миропомазување на женски личности. Но, ова манастирот не го прифати, па архиепископот се откажа од својата намера. Тогаш презвитерот Конон си го зеде својот плашт и го напушти манастирот говорејќи: „Не останувам повеќе на ова место.“

Штом влезе во ридот, го пресретна свети Јован Крстител и кратко му рече:
„Врати се во манастирот, јас ќе ти ја олеснам твојата мака.“
На тоа авва Конон налутено му рече:
„Те уверувам дека нема да се вратам, бидејќи многу пати ми ветуваше помош, а не направи ништо.“
Тогаш свети Јован го постави на едно малку возвишено место, испитувачки погледна на неговата мантија, три пати го осени со крстниот знак во пределот на телото под папокот и рече:
„Биди сигурен, презвитеру Кононе дека сакав да заработиш награда за твојата телесна борба, но бидејќи не ја сакаш, еве те ослободувам од оваа телесна борба, но ја изгуби и наградата.“
Така презвитерот Конон се врати во манастирот каде што ја крсти и миропомаза таа Персијанка, и воопшто не приметувајќи дека таа има женско тело. И уште дванаесет години крштеваше и миропомазуваше, а воопшто не чувствуваше никакво движење во своето тело кога пред него имаше женско лице. И така било се до неговото упокојување.

Продолжува…

Превод: Х. Т.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *