Св. Јован Мосх: Лимонар (12)

 

ГЛАВА 28

Чудо на авва Јулијан Столпник 

Авва Кирил, ученик на авва Јулијан Столпник, ни го раскажа следното:

Мојот татко, брат и јас дојдовме да го видиме авва Јулијан бидејќи слушнавме за неговиот добродетелен живот и за  неговите дела. Јас боледував од една болест која никој од лекарите не можеше да ја излечи, но штом дојдовме кај старецот, тој се помоли за мене и ме исцели. Ние тројцата останавме близу него и станавме монаси. На мојот татко му беше одредено да се грижи за житото. Еден ден тој дојде кај старецот и му рече:

„Нема жито.“ Старецот му одговори:

„Појди брате до амбарот, собери се што ќе најдеш и смели го, а за утре Бог ќе се погрижи за нас.“

Мојот татко отиде возбуден во својата ќелија, бидејќи знаеше дека во амбарот не остана ништо. Бидејќи потребата за брашно беше голема, старецот следниот ден му порача: „Дојди кај мене.“ Штом стигна, му рече:

„Брате Кононе, појди во амбарот и што ќе најдеш таму, подготви го за љубов кон браќата.“

Целиот налутен, Конон ги зеде клучевите од амбарот и појде со намера да донесе еден грст земја. Но, кога отклучуваше и се обиде да ја отвори вратата, виде дека неможе да го направи тоа бидејќи амбарот беше преполн со жито. Видувајќи го тоа, тој длабоко му се поклони на старецот славејќи го Бога.   

ГЛАВА 29

 Едно чудо кое се случи со честичка света Причест

На педесет километри од киликијскиот град Егеа живееја двајца столпници на растојание од девет километри еден од друг. Едниот од нив припаѓаше кон светата Соборна и апостолска Црква, а другиот, кој подолго време од првиот се подвизуваше на столб близу селото Касидор, припаѓаше на Севировата ерес (Севир претходно бил идолопоклонички врач. Откако се крсти и напредувајќи со добродетелите, беше избран за антиохијски патријарх (512-518), но наскоро, како монофизит е осуден поради ерес. Умре во Египет 538 г).

Овој еретик на разни начини се трудел да го придобие православниот столпник за својата ерес. Толку често и обилно му пишувал што веќе и поверувал дека ја остварил својата цел. Еднаш, православниот, по Божјо вдахновение, му порачал на еретикот да му испрати честичка од неговата причест. Овој, целиот радосен, тоа и го направил не сомневајќи се во ништо.

Кога православниот столпник ја примил честицата која што му ја испратил еретикот севиров, наложил казан и во зовриена вода ја ставил оваа честица и таа веднаш се растворила. Тогаш ја зел честичката света Причест од Православната Црква и ја ставил во истиот казан. Тој миг водата во зовриениот казан се заледила, а светата Причест останала недопрена и сува. Столпникот ја сочувал, па кога го посетивме и ни ја покажа.

Продолжува…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *