Св. Јован Мосх: Лимонар (11)

Глава 27

За презвитерот во селото Мардард 

На десет милји од градот Егеа, во Киликија, во селото кое се вика Мардард постои една црква на св. Јован Крстител во која што служел некој стар презвитер. Бил прочуен по својот добродетелен живот. Но, еден ден неговите парохијани отишле кај епископот во Егеа за да се пожалат:

„Земи го тој старец од нас. Тој не загрижува. Не се придржува до воспоставениот ред во Црквата, во недела не почнува со литургијата се до три часот попладне.“ 

Епископот го повика презвитерот насамо, па му рече:

„Калуѓеру, зошто така постапуваш? Зарем не знаеш каков е поредокот во Црквата?“

А старецот одговори:

„Навистина, велики Господине, се е така како што велиш, но ни јас самиот незнам што да правам, бидејќи по утреното правило во светата недела јас останувам покрај светиот Жртвеник и се додека не видам како Светиот Дух го осенува Жртвеникот, не почнувам со Литургија.“

Тогаш епископот се воодушеви на добродетелниот живот на старецот и ги извести неговите парохијани за сето тоа, при што, тие мирно се вратија во своите домови славејќи го Бога.

На истиот старец, еднаш авва Јулијан Столпник, како поздрав, му испрати три парчиња жар врзани во едно парче платно. Старецот го прими овој поздрав, жар во платно, кој што не се изгаси.

Тогаш, како отпоздрав, на авва Јулијан му го испрати истото парче платно со истиот жар, но претходно во него нали вода. Жарот кај авва Јулијан стигна неизгаснат, а водата неистурена. Овие двајца старци живееја на растојание од шеснаесет километри.

Продолжува…

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *