Св. Јован Мосх: ЛИМОНАР (10)

Лимонар-сликаГЛАВА 25

За братот кој по патот ја изговорил молитвата на епиклезата

Авва Григориј, кој некогаш бил чувар на царската палата, ни раскажа дека во Хозевитскиот манастир живеел брат кој напамет ја знаел молитвата на епиклезата. Еден ден тој бил испратен од просфорницата да донесе просфори во црквата и како што одел кон храмот со просфорите во раце, тој напамет ја потпевнувал молитвата на епиклезата. Истите овие просфори ѓаконите ги ставиле за проскомидија.

Тој ден литургија служел авва Јован наречен Хозевит кој подоцна станал епископ на Кесарија Палестинска. За време на епиклезата тој не видел, како што вообичаено се случувало, Светиот Дух да се симне на предложените дарови. Бидејќи авва Јован бил многу тажен, зашто мислел дека Светиот Дух не се симнува поради неговите сопствени гревови, плачејќи влегол во проскомидијата и со лицето се фрлил на земјата. Тогаш му се јавил Ангел Господов и му рекол:

„Откако братот, носејќи ги просфорите в црква, ја изговори молитвата на епиклеза, просфорите се осветија и целосно се преобразија.“

Од тогаш старецот востановил правило, никој од неракоположените не смее да ја знае молитвата на епиклезата напамет, а свештениците да не смејат да ја изговараат било кога и надвор од осветеното место.

 

ГЛАВА 26

Чудесно видение на авва Теофан за заедничко причестување со еретици

Во лаврата Каламон, во близината на светиот Јордан, живеел некој старец со име Киријак кој беше голем пред Бога.

Еднаш во посета му дојде еден брат странец од земјата Дараска, со име Теофан, за со него да се посоветува во врска со блудните помисли кои што го мачеле. Старецот почнал да го советува и со зборови да го утврдува во целомудрието и чистотата. Овие зборови му беа од голема полза на братот и затоа му рече на старецот:

Господине авва, многу сакам да останам кај тебе, но морам да се вратам во својата земја, бидејќи таму одржувам богослужбено општење со несторијанците.“

Кога старецот слушна за името на Несториј, многу му беше жал за братот поради неговата заблуда и го советуваше и го молеше да ја напушти оваа опасна ерес и да се присоедини кон Светата Соборна и Апостолска Црква. Уште му рече дека нема вистинско спасение без правилно разбирање на верата, дека Пресвета Дева Марија е Богородица. Тогаш братот му рече на старецот:

„Без сомневање, господине авва. Сите ереси истото го велат ако човек не учествува со нив преку заедничко богослужбено општење, ако не се причестува кај нив, дека, нема да може да спаси. А што да правам јас бедниот? Помолете се на Бога, та, Самиот Он да ми открие која вера е вистинска.“

Старецот радосно го прифати овој предлог.

„Остани овде во мојата ќелија и јас се надевам дека Божјата милост ќе ти укаже на правата вера.“

Оставајќи го братот во својата ќелија, старецот отиде на Мртвото Море за да се помоли за него. И навистина, попладнето наредниот ден, тој брат, пребивајќи во ќелијата на старецот, погледна една личност со страшен изглед како му се приближува и му вели:

„Дојди и види ја вистината.“

Тогаш го зеде и го одведе на едно место многу мрачно и нечисто кое целото гореше во оган, а среде огнот му ги покажа еретиците: Несториј и Теодор Мопсуетски, Евтихиј Монофизитот и Аполинариј, Евагриј и Дидим Слепиот, Диоскор Копт и Севир, Ариј и Ориген и уште некои други, и му рече оној кој што го донесе:

„Ова место е припремено за еретиците и за оние кои не ја почитуваат Пресвета Богородица, како и за сите оние кои овие еретици ги следат. Ако ти се допаѓа ова место, тогаш, остани во еретичкото учење, ако пак не сакаш да го искусиш овој пекол, тогаш присоедини се кон Светата Соборна Црква, на која што и припаѓа и за која учи старецот Киријак. Бидејќи, искрено ти кажувам, ако човек ги придобие сите добродетели, а не ја исповеда правилно верата, тој целосно ќе се најде во ова место на маки.“

По овие зборови, братот си дојде при себе и кога старецот се врати, му раскажа се што се случило. Тогаш ја прегрна Светата Соборна и Апостолска Црква, каде што редовно се причестуваше, останувајќи кај старецот во Каламон до крајот на својот земен живот.

Продолжува… 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *