Св. Јован Мосх: Лимонар (1)

Блажени Јован Мосх Постник

До возљубеното чедо во Христа Софрониј Софист

за Лимонар манастир св. сава освештени (фото)Колку е прекрасна глетката на пролетната ливада, мое љубено чедо, бидејќи нејзините разноврсни цветови пружаат изобилно радосна восхитеност кај оние кои ги гледаат. Таа ги привлекува на оние кои што поминуваат и им нуди изобилна духовна трпеза. Од една страна, се радува човечкото око, а истовремено, од друга страна, ужива неговото чувство за мирис. Еден дел на оваа ливада блеска со црвенилото на розите, а на другиот, опојно мирисаат криновите кои нè привлекуваат да ги оставиме розите, па кон нив да се приближиме. А подалеку, како боја на царска порфира, просијавуваат љубичиците. И така, од сите страни патникот го засенуваат разноликоста и разнобојноста на безбројните цветови кои со својот мирис ја галат душата. Со такво задоволство и ти, благодатно и верно чедо мое Софроние, прими го овој мој труд.

Во редовите кои следуваат ќе наидеш на добродетелите на светите мажи кои засветлија во наше време. Секој од нив е како што вели псалмопеачот: „како дрво засадено покрај поток, кое својот род го носи на време и чиј лист не вене, и во се што прави напредува“[1]. Сите нив подеднакво ги љуби Бог. Секој од нив на свој начин и во свое време се украсил со различни добродетели на Божествената доброта и убавина. Од нивните добродетели ги одбрав најубавите цветови, зедов венец исплетен на девствено чиста ливада, и сето тоа ти го нудам тебе, најверно мое чедо, а преку тебе и на целиот свет. Овој спис го нареков Лимонар[2], поради задоволството и благоуханието и користа кои тој може да ги пружи на читателот, зашто добродетелниот живот и скромното однесување не се состојат само во извршување на божествените заповеди, во правата вера и во истрајноста во неа, туку и во опишувањето на светиот живот и подвигот на другите луѓе. Затоа и јас, чедо мое, поради твојата љубов кон мене, вложив труд во составување на оваа збирка во која можеби ставив и премногу случки, но затоа потполно вистинити, и така како мудра пчелка во нив ги собрав душекорисните подвизи на Отците.

Така, одовде тргнувајќи, почнувам да ти го раскажувам следното:

 

ГЛАВА 1
За старец Јован и за пештерата Сапса

Во манастирот на авва Евсторгиј живеел еден старец. Него, архиепископот иерусалимски Илија[3], кој сега почива со светиите, сакал да го постави за игумен на манастирот, но тој се откажувал говорејќи:

„Се заветив да отидам на светата гора Синајска.“ 

Архиепископот останал упорен старецот да стане игумен, а подоцна, штом веќе сака, нека отиде на Синај. Старецот не се согласил, а бидејќи архиепископот не можел да го задржи во манастирот, му дозволил да замине на Синај, претходно изнудувајќи ветување, дека штом ќе се врати од Синај, да го прифати игуменскиот чин.

Со вакво ветување старецот се опростил од архиепископот и заминал по патот на кај Синајската гора, земајќи го со себе и својот послушник. Меѓутоа, штом ја поминал реката Јордан, по неколку километри добил треска и висока температура.

Бидејќи не можел повеќе да оди, пронашол една мала пештера и влегол во неа за малку да се одмори. Температурата не се намалила следните три дена и старецот дошол во состојба да не може ниту да стане, ниту да се помести. Тогаш на сон му се појавил некој светител и му рекол:

„Кажи ми старче каде си тргнал?“
„На светата гора Синајска.“
„Не, те молам немој да одиш.“

Но, бидејќи не можел да го убеди температурата на старецот станувала се повисока и повисока. Следната ноќ му се појавил истиот оној светител, и му рекол:

„Зошто калуѓеру сакаш да се мачиш? Послушај ме и немој никаде да одиш.“

На тоа старецот го прашал:

„Кој си ти?“
„Јас сум Јован Крстител и ти велам немој никаде да одиш, бидејќи оваа мала пештера за тебе е поголема од Синајската гора. Во оваа пештера нашиот Господ Исус Христос многу пати доаѓаше да ме посети. Затоа, дади ми збор дека ќе се населиш овде, а јас ќе ти го вратам твоето здравје.“

Старецот ова со задоволство го прифатил, дадел збор дека ќе остане во пештерата и наеднаш оздравел. Во пештерата старецот останал се до крајот на својот живот. Од неа направил црква и околу неа собрал големо братство[4].

Тоа е пределот кој се вика Сапса. Лево од него се наоѓа Хоратскиот поток „кој е према лицето на Јордан”[5] во кој Бог го испратил на Илија Тесвитјанинот за време на сушата.

Продолжува…

Превод: А.Т.

 

[1] Псалми 1, 3.

[2] Останатите имиња на овој спис сè: Ливада, Духовна шума, Градина, Нов Рај, додека пак латинскиот превод е под името Pratum Sprituale. Поради особеното значење, овој спис е одобрен од страна на VII Вселенски Собор 787 г. во Никеа, чија што основна задача била борбата против иконоборечката ерес.

[3] Станува збор за блажениот Илија, Арапин по потекло, кој бил патријарх иерусалимски (494-516) во времето на царот Анастасиј (491-518). Во тоа време Црквата Христова ја вознемирувала монофизитската ерес, чиј родоначалник бил архимандритот Евтихиј, а која учела дека во Господ Исус Христос се наоѓа само овоплотениот Логос, односно само Неговата Божествена природа. Евтихиј не можел да разбере дека Христос е совршен Бог, а истовремено и совршен Човек, како што учи светата Православна Црква. Четвртиот Вселенски собор (халкидонски 451 г.) ја осудил и монофизитската ерес и нејзините приврзаници. Меѓутоа, оваа ерес уште долго го нарушувала мирот на Христовата Црква, а исто така и на пустинските – монашки заедници. Од оваа ерес, подоцна во VII век, се изродиле други: монотелитската и моноенергетската ерес, кои тврделе дека во Христос се наоѓа само Божествената волја и од Него зрачи само Божествената енергија. И оваа ерес била осудена и тоа од страна на VI Вселенски собор во 681 г. во Цариград. Блажениот патријарх Илија многу се трудел да го сочува мирот во Црквата. Меѓутоа, бидејќи го анатемисал монофизитот Севир, антиохијскиот патријарх и неговата ерес, во 516 г. е протеран во градот Аили. Дознавајќи за неправдата која што му била нанесена на блажениот Илија, свети Сава Освештени горко заридал. Тој и неговите монаси редовно го посетувале патријархот се до неговата смрт.

[4] Ова братство било почеток на идната велика лавра на Св. Јован Предтеча. Подоцна, лаврата била уништена од земјотрес и ја обновил Михаил Порфирородни, и денес постои како Предтечин манастир на 4 км. Југоисточно од Галгала.

[5] 1. Цар. 17, 3.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *