Св. Јован, архиеп. Шангајски и Сан Франциски: Пред плаштаницата

Скрбно собрание. Жалосна глетка. Пред нас мртовец, притоа, невообичаен мртовец. Пред нас лежи Царот на небото и земјата, Творец на сета вселена. За нас умре Он… Ние згрешивме, а Он страда. Луѓето ја нарушија заповедта Господова, отстапија од Бога, а Бог, сакајќи да ги привлече кон Себе со Својата љубов, се мачи и умира за нив. Не може Бог да страда и да умре со Својата Божествена природа, и затоа се овоплотува, и  со Својата човечка природа страда и умира, не престанувајќи да биде Бог. Сето тоа Он го прави за нас, за да ја покаже Својата љубов кон нас. 

Со каква благодарност треба да се исполнети срцата наши!

Со што можеме достојно да Му се заблагодариме?

На Неговиот гроб се принесени цветови, се запалени свеќи… Не ги отфрла тие жртви Господ, но друго бара од нас, и единствено со тоа ќе ги прими и останатите дарови… Сине, дади ми го срцето твое, – рекол Бог уште при Стариот Завет. Срцето наше го сака Господ, и тоа треба и да му принесеме Нему. Љуби ги заповедите Негови и учењето Негово и исполнувај ги – еве благодарност кон Оној Кој што пострада за нас, тоа му е пријатно и угодно Нему.

Пристапувајќи да Го целиваме лицето на Спасителот, да поставиме цврста решеност да чекориме по патот кој што ни е покажан од Него. А на тој пат, ако треба да се претрпат незгоди и потешкотии, помошник ќе ни биде Самиот Христос, Кој на оние кои што страдаат за Него, ќе ги воскресне со Себе и ќе им даде неискажливи блага во Своето Небесно Царство, а со него и ние да се удостоиме. Амин. 

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ.

Преземено од интернетсобор

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *