Св. Јероним Егински: Синовите го наследуваат Царството Небесно (за исламот)

 

Еднаш во неговата смирена ќелија го посети еден турчин. Како што рече, го испратил неговиот газда, кој беше кадија (судија), за да го покани во неговиот дом.

                Отец Василиј[1] некако се вознемири. Не беше навикнат на покани за посети од љубезност, и неговиот ум отиде во некое можно „зло“, во едно ново, можеби, искушение. Но, се помоли на Бога и отиде со турскиот службеник.

Кога стигнаа в о гостоприемната соба на судијата, самиот тој  го прими со голема срдечност. Седнаа и судијата почна со дискусија:

„Ефенди попе, јас сум турчин, мухамеданец. Но, од платата која ја земам, го задржувам неопходното за моето семејство, а останатото го трошам за милостина. Им помагам на вдовиците, сираците и сиромашните, им давам мираз на бедните девојки кои се мажат, им помагам на болните. Строго ги држам постите, се молам и обично се трудам да сум доследен на верата. Исто така , кога судам, се обидувам да сум справедлив, не попуштам никому, колку и да има висока позиција. И што велиш, сето она што го правам не е доволно за да го задобијам рајот, како што велите вие христијаните?

Отец Василиј беше воодушевен од она што му го кажа турчинот и со умот веднаш отиде кај стотникот Корнилиј (Дела 1). Ги споредуваше паралелно овие два живота. Сфати дека пред него стои праведен и добронамерен човек и дека можеби неговата мисија беше иста со онаа на апостол Петар кон стотникот. Одлучи да сведочи за верата.

„Ефенди, имаш ли деца?“

„Да, имам“.

„Слуги, имаш?“

„Имам и слуги“.

„Кој ги исполнува подобро твоите заповеди, децата или слугите?“

„Се разбира слугите, зашто децата, со дрскоста која што ја имаат, честопати не слушаат и прават што сакаат, додека слугите прават секогаш се што ќе им речам јас“.

„Кажи ми, ефенди, ако умреш, кој ќе те наследи: твоите слуги, кои ги исполнуваат верно твоите заповеди, или твоите деца кои не те слушаат?“

„Па, се разбира, децата. Само тие имаат право на наследство, не и слугите“.

„Е па добро, се што правиш ефенди е добро, но се што можат да ти направат, е, да те стават во редот на добрите слуги. Но, ако сакаш да го наследиш рајот, царството небесно, треба да станеш син. А тоа бидува само преку крштевање“.

Турчинот се воодушеви од примерот кој му го кажа отец Василиј. Зборуваа уште, и на крајот побара од него да го катихизира и да го крсти. И по некое време, турчинот се крсти и стана христијанин.

Извадок од книгата „Старец Јероним, исихаст Егински“, стр.49-51, Велес 2016 г.

[1] Старецот, името Јероним го добил при постриг во велика схима, претходното име му било Василиј. Старецот бил старокалендарец заб. на СВЕТА РЕВНОСТ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *