Св. Филарет Нови (Вознесенски): Недела на простувањето

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Во Светото Евангелие од Матеј, петата, шестата и седмата глава се јавуваат како една компактна целина на Господа и Спасителот. Таа обично се нарекува „проповед на гората“, бидејќи во основа на тоа што е кажано, се забележува дека, Господ ја кажал на гората на Блаженствата, опкружен со учениците и народот.

Светите Отци укажуваат на тоа, дека, евангелистот Матеј сакал систематски да ги изложува зборовите на Спасителот и Неговите чудеса, понекогаш соединувајќи ги сличните зборови и чуда заедно, и дека овде тој го изложил тоа што, наверојатно, Спасителот го кажал во друго време. Но основната содржина во оваа проповед е тоа што било речено од Господа на гората на Блаженствата.

О. Јован Кронштадски, кој добро го знаел Евангелието и ја познавал длабочината на неговата содржина, љубел да говори: „Читајте ги почесто овие глави од Евангелието според Матеј. Тие се духовно огледало, читајќи ги, ти како во огледало да си ги гледаш сите свои недостатоци, споредувајќи го својот живот со тоа што го проповедал Господ“. 

Поуките на Господа, како во оваа проповед, така и во другите места на Евангелието – се извонредни. Само Господ Исус Христос умее така да зборува, и никој друг. Неговите зборови, од една страна се разбирливи и за децата, а од друга, тие се таква бездна на премудроста и таква длабочина, што да се проникне во нивната длабочина е невозможно. Тоа што за Евангелието го говорел о. Јован Кронштадски, исто така го зборувал и св. Теофан Затвореник, кој Евангелието го знаел напамет. Според неговите зборови, колку повеќе го читаш Евангелието, толку повеќе во него останува недочитано и неусвоено. Повторувам, само Господ наш умеел така да поучува, не залудно и самите Негови непријатели сведочеле за тоа, говорејќи: „никогаш ниту еден човек не говорел така, како овој Човек“ (Јован 7, 46).

Во денешното Евангелие ние слушнавме еден извадок од проповедта на гората, која почнува со зборовите: „Ако вие им ги простите согрешенијата нивни, тогаш и Отецот ваш небесен ќе ви ги прости согрешенијата ваши“ (Мат. 6, 14-15). За овие зборови, ако даде Бог, ќе разговараме вечерва, а сега нашето внимание ќе го задржиме на тоа, што Господ ни го кажува со следните зборови: каде е богатството на човекот, таму е и неговото срце.
„Не собирајте богатства на земјата“ (Мат. 6, 19), – не поучува Спасителот, овде и црвите и молците и кратците ги поткопуваат и крадат – се е несигурно и нетрајно. „Собирајте богатство на небото“ (Мат. 6, 20), – вели Господ, таму тоа нема да претрпи никаква штета, и тој кој што таму си собира богатство, ќе го сочува за во вечни времиња. Кон тоа Господ и не повикува.

Св. Јован Златоуст во своето толкување на Евангелието по овој повод, вели: „Еве Христос вели: не собирајте си богатства на земјата, каде што му се заканува опасност, туку собирајте на небото, каде што ќе остане цело и недопрено. А јас знам само еден или двајца луѓе кои што ја исполнуваат оваа заповед, а останатите живеат така, според нивниот живот може да се заклучи дека живеат сосема обратно: на небото никакво богатство не собираат, а сите усилби ги прават да собираат на земјата. Луѓето живеат така – вели Златоуст – што станува очигледно дека тие на небесното и не помислуваат, а само се стремат, колку што можат повеќе да стекнат земни богатства.

Ова го говорел великиот светител и благовесник на Евангелието, многу векови наназад, но неговите мудри зборови потполно, и во уште поголема мера, важат за нашево време. Денес речиси и нема луѓе кои што се раководат според овие зборови, кои што собираат богатство на небото – сите се стремат да стекнат земни богатства. Вие самите знаете каков е нашиот живот. Не само инославниот свет кој што не окружува, но и самите ние, грешни и лоши ученици на Христовото Евангелие, се грижиме само за тоа, како да собереме колку што е можно повеќе богатство на оваа земја. Е ете, „оваа земја и се што е на неа ќе изгори“ (2 Пет. 3, 10) – и ако ние не сме собрале богатство на небесата, тогаш на Страшниот Суд Господов, за кого ние неодамна се потсетивме, ќе се покажеме, како што вели Апокалипсисот, и сиромашни и слепи и голи.

Да не се случи со нас ова и денешната евангелска лекција да ни напомни на тоа, што ние со вас чеда и ученици на Евангелскиот закон и согласно на тој закон ние сме должни повеќе и почесто да размислуваме и да се грижиме за тоа, како да собереме богатство на небото, кое би било спасително за нас во моментот на последниот одговор на Христовиот суд. Амин.

Превод: А.Т.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *