Св. Филарет Вознесенски: Беседа на прочка

 

Во целата црковна богослужбена година, денешната вечер претставува една од најсветлите и најрадосните моменти, зашто според поредокот кој што е вкоренет во нашата Православна Црква, верниот народ, стапувајќи во Великиот пост, се моли еден за друг, за прошка на своите свесни и несвесни согрешенија, и на тој начин, помирувајќи се, да стапи на подвижничката арена на светата Четириесетница. Јасно е зошто тоа е така. За време на Великиот пост повеќето чеда на Православната Црква постат и се подготвуваат за причест, иако има и такви кои често постат така, и тоа не само во Великиот пост.

Припремајќи се да принесеме пред Бога покајание и памтејќи ги зборовите на Спасителот за тоа, дека, нашиот Отец Небесен ќе ги прости гревовите само на оној кој им ги простува гревовите на своите ближни, верните луѓе се трудат да се помират помеѓу себе. На таков начин, при стапнувањето на арената на постот и покајанието, Црквата како да ни поставува услов при влегувањето: „нема да поминеш низ дверите на покајанието, ако, пред да побараш милост и простување од Бога, не се помириш со братот свој“. Апостолот вели: „Судот ќе биде безмилосен спрема оној, кој не покажал милост“ (Јак. 2, 13). И затоа, ако човек не се помири со своите ближни, нека не се надева дека ќе добие милост од Господа.

Во житијата на светиите постои поразувачки пример за тоа колку е опасно да не им се прости на своите ближни. Некогаш одамна, во Киево-Печерскиот манастир, помеќу монасите имало двајца најдобри пријатели: презвитерот Тит и иеродиаконот Евагриј. Долго, блиското и длабоко пријателство ги поврзувало двајцата монаси, но се случило демонско искушение и пријателството се претворило во непријателство. Долго биле скарани, не попуштајќи ни пред советите од браќата да прекинат со кавгата и да се помират. И се случило едниот од нив, иеромонах Тит, тешко да се разболи.

Тој откако имал видение во болеста и чувствувајќи дека ќе умре, почнал да ги моли браќата да му го доведат Евагриј, бидејќи сакал да се помири со него. Браќата отишле. Евагриј се противел и не сакал да дојде па го довеле на сила. Кога Тит го видел својот стар пријател, без обзир на тоа што многу ослабнал од смртоносната болест, ја собрал својата последна сила и рекол: „брате, прости ми Христа ради“, станал од постелата и се поклонил пред Евагриј. Но, Евагриј викнал: „Нема да се помирам со него ниту во овој ниту во другиот век!“. Откако го рекол тоа, како што се вели во житијата на светиите, тој се извлекол од рацете на браќата, тргнал и паднал мртов на земјата.

А презвитерот Тит станал здрав како воопшто и да не боледувал. Потоа, им раскажал на браќата, кога Евагриј злобно го отфрлил неговиот повик на помирување, тој видел „ангел кој со огнено копје го удри Евагриј и тој падна мртов, а на мене ангелот ми подаде рака, ме подигна и веднаш се почувствував здрав“.

Денешниот трогателен обред, секако, предизвикува умиление кај човекот, и го усмерува во добар правец. Но, запамтете го она што го зборувавме претходната година, а јас сега го повторувам: за жал, често се случува луѓето да доаѓаат во црква и да го почитуваат тој благочестив обичај, замолуваат за прошка поклонувајќи се еден пред друг, и многу често тоа го праваат и оние кои никогаш се немаат сретнато, а понекогаш помеѓу себе и сосема непознати луѓе. Секако, нема ништо лошо во тоа, тоа е христијански, бидејќи ние често и не знаеме кога сме го повредиле нашиот ближен, воопшто не сомневајќи се на тоа, ако не со збор тогаш на некој друг начин.

Но, тажно е кога, клањајќи се на оној со кого немаме, како што велат, никакви „нерасчистени сметки“, човекот си заминува и избегнува помирување со оние со кои навистина има лоши односи и нема заедничка љубов. А баш овде и треба да се исполни христијанскиот долг. Токму овде. Затоа, ако имаш брат или сестра, или ако со некого немаш добри односи, задолжително згази на своето самољубие и направи корак на помирување. Ако и не наидеш на разбирање, ти си ја исполнил заповедта Христова, а оној кој не сака да се помири, за тоа ќе одговара пред Бога, бидејќи, повторувам, Светото Писмо вели: „Судот ќе биде безмилосен спрема оној, кој не покажал милост“ (Јак. 2, 13). Затоа треба да ги вложиме сите свои сили во повикот за мир, љубов и простување, за да прекинат сите лоши и несреќно изградени односи.  

Но, пред се, ние самите служители пред Престолот Божји, ви се обраќаме вам со молба да ни простите. Евангелието вели: „На кого многу му е дадено, од него многу и ќе се бара“. Едно е мирјанин, па макар и благочестив, а друго се служителите на Престолот Божји. Колку човек е поистакнат, толку повеќе се видливи и неговите недостатоци. Колку повисоко зазема во Црквата, толку повеќе тие недостатоци и грешки паѓаат во очите на луѓето.

Затоа, јас, секако, пред се во свое име, а исто така и во името на своите собраќа и сослужители, усрдно ве молам за прошка: со вашата љубов покријте ги нашите грешки и недостатоци. Ние, кои исто така сме немоќни луѓе како што сте и вие, разбирливо и познати се сите искушенија и слабости на кои сите луѓе се подложни, бидејќи нам, служителите на Престолот, ништо човечко не ни е туѓо. Но, ние, освен искушенијата кои се заеднички со вас, имаме и свои, ако може така да се каже, посебни искушенија, кои се познати само на оние кои одат по патот на служењето на Божјиот олтар и Престол.

Можеби сме згрешиле кон вас со невнимание, неправедност, недостаток на љубов, немарно однесување за време на службите Божји, или со нешто друго што паѓа во очите на верните. Често се случувало луѓето кои што имале слаба вера и се колебала, нагло да заминат од Црквата, видувајќи нешто соблазнително или некое невнимавање на свештенослужителот.

Разбирајќи ја својата најдлабока недостојност и сецела грешност, повторувам, ние молиме од вашата љубов простување и снисходење. Нашиот Господ Исус Христос на своите апостоли, а преку нив и на сите Свои свештенослужители, им вели: „Доколку и исполните се, тоа ви е вам заповедано“, сепак говорете смирено: „Ние сме залудни слуги бидејќи исполнивме само она што сме должни да исполниме“ (Лука 17, 10).

А ние, секако, не исполнивме како што треба ниту она што бевме должни да го исполниме и поради тоа се чувствуваме виновни и молиме од вашата љубов, снисходење и прошка.

 Простете ни нам грешните. Амин.

Превод: А.Т.

Преземено од православнапородица.орг.срб

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *