Свети Теодор Студит: ПОУКА НА ЦВЕТНИЦИ

sv. Teodor StuditБраќа и отци! Божествениот апостол Павле, во желба од мрзливи да не направи трудољубиви и сесрдни, говори: Радувајте се секогаш во Господа, и пак ќе речам: радувајте се! (Фил.4.4). Секогаш имајте, повикува тој, духовна радост, која световните грижи не се способни да ја задушат или да ја уништат. Затоа говори: Кротоста ваша нека им биде позната на сите луѓе! За ништо не грижете сеГоспод е близу, говори тој, така што може да ве ослободи од секаква нужда и искушенија, затоа – не плашете се, туку во се со молитва и молба со благодарносст изнесувајте ги пред Бога своите барања. (Фил. 4.5-6) Бидејки Тој е подготвен да им помогне  на оние кои Му се молат. 

Според тоа, да не бидеме неработници во божествените подвизи, напротив – да се утврдуваме и со срдечност да ја работиме работата на која не постави Бог избавувајки не од светот. Стојте во слободата, со која Христос не ослободи, и не се подавајте пак под ропски јарем(Гал. 5.1), немојте повторно да бидете робови на гревот. Значи да не бидеме заробеници на плотските страсти. Бидејки, зарем некој кој еднаш бил роб на некој нечесник и злосторник, а потоа добил слобода – ќе сака по сопствена волја повторно да стане роб на варваринот? Напротив, зарем нема тој, колку што е тоа возможно, да го избегнува, радувајки се што се ослободил од тежината на ропството? Меѓу другото, ако некој и е роб на некој човек тоа сеуште не е големо зло, бидејки Апостолот говори: ако си повикан како роб, да немаш грижа; но дури и ако можеш да станеш слободен, уште повеќе ползувај се од ропството.Зашто кој е повикан во Господ како роб, станува Господов ослободеник; исто така и кој е повикан како ослободеник станува роб Христов, (1.Кор.7.21-22) особено ние кои Христос не’ ослободи од гревот и ропството на ѓаволот.

Затоа ние мораме, колку што е тоа во наша моќ, на секој начин да го избегнуваме гревот. Или вие не знаете колку зло ни има направено гревот? Зарем не не симна тој од небото и не турна во овој многустрадален живот? Зарем не произлезе и не произлегува од гревот  секакво зло? Затоа тогаш ќе стоиме понастрана од него, како најлошо возможно зло, ќе го намразиме, а ќе ја возљубиме добродетелта, која ги поттикнува ангелите да ги возљубат луѓето и ги прави еднакви на себе; и не само на ангелите, туку и на Бога да заприличиме, бидејки е кажано: Јас реков богови сте, и сите сте синови на Вишниот  (Пс. 81.6). А од што се состои силата на добродетелта? Во оддалечувањето од светот и во љубовта кон Бога, бидејки никој не може да им служи на двајца господари. Не можете – вели Господ – да му служите на Бога и на мамона (Мт. 6.24), т.е. на среброљубието и на добродетелта. Невозможно е истовремено  да бидете пријател и на добородетелта и на гревот, зашто какво заедништво постои меѓу правдата и беззаконието? Што заедничкио има меѓу светлината и темнината? (2.Кор. 6.14). Не може човек да ги љуби и плотските похоти, и да прави дела на добродетелта. А ако сме ја достигнале мерата на совршената добродетел, тогаш нека Му е слава на Светиот Бог, од Кого исходи “секое благо давање и секој совршен дар”. Да живееме цврсто, непоколебливо и пазени во стравот Божји. А пак ако не сме ја достигнале мерата на совршенството, тогаш да се потрудиме, додека имаме време, утврдени во верата, закрилени со надежта, врзани со љубовта, просветлени со послушанието, осветувајки се со исповедта и украсувајки се со други добродетели, како вистински иноци (оние кои живеат “инаку”, поинаку, различно), како   нелицемерни  синови на  послушанието и покорноста, како мудри во Христа и како слуги Господови, овој живот да го поминеме добродетелно и мирно и да ги достигнеме идните блага, во Христа Исуса нашиот Господ, Кому Му прилега слава и моќ со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш, и во вечнив екови. Амин.

Превод: Р.К.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *