Св. Теодор Студит: Поука во крстопоклона среда

Браќа и отци! Со Божја помош стигнавме и до средината на Светата Четириесетница и се радува душата на секој христијанин бидејки се приближува Светата Пасха и ни носи одмор по големите трудови и подвизи во постот. Јас ова го зборувам затоа што целиот наш минлив живот може да се спореди со Светата Четириесетница, како подготовка за идната вечната Пасха.

Иако сегашното Воскресение е велико и достојно за почит, сепак, според учењето на светите отци, тоа е само слика на небесното Воскресение, бидејки нашето Воскресение трае еден ден, доаѓа и заминува, а другото е вечно. Овде празниците и прославите се соединети со световни искушенија и страдања, а во идното Воскресение нема да има ниту едно страдање, ниту една болест или тага, туку се ќе биде –радост и веселба. Таму се ќе биде непрестајно – радосното пеење на псалмите, и согласно славеничкото пеење на песните, богатата трпеза, исполнувањето со вечни блага, новото питие, за кое Христос на Тајната вечера им рекол на Своите апостоли: И вам ви велам, зашто отсега нема да пијам од овој лозов плод се до оној ден, кога ќе пијам нов со вас, во царството на Мојот Отец (Мт. 26.29). За царското насладување со вечните блага Тој на Своите ученици пред вознесувањето на небесата им рекол: Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, зарем Јас ќе ви кажев: ‘Одам да ви приготвам место’? Кога ќе отидам и ќе ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам вас кај Себе за да бидете и вие каде што сум Јас.(Јн.14.2-3). И уште рекол: Во оној ден вие ќе разберете дека Јас сум во Мојот Отец и вие сте во Мене, и Јас сум во вас (Јн. 14.20). И уште: Оче, сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со мене, каде што сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава што си Ми ја дал, зашто ме возљуби уште пред да се создаде светот (Јн. 17.24). Овие зборови Христос не ги изговорил само за апостолите, туку и за сите христијани; слушни што говори Тој: Но не се молам само за нив, туку и за оние што преку нивните зборови ќе поверуваат во Мене, за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил(Јн.17.20-21). Може ли било што да биде поутешно од овие зборови на Господ нашиот Исус Христос, кои ја докажуваат Неговата љубов кон нас? Каква сурова душевност нема да омекнат тие и какво срце нема да омилеат?
Паметејки го тоа, и сите светии, кои Му благоугодија на Бог, го препатиле она што ним им се паднало како удел: ги примиле страдањата како радост, тешкотиите како триумф, мачеништвото како наслада; постот и злоставувањето како почивка, и смртта – како живот. Заради тоа и ние, браќа, стремејки кон наследување на вечното царство, исчекувајки го небесното Воскресение, според нашите сили, да ги подражаваме житијата на нашите свети отци: храбро ќе ги поднесуваме тешкотиите и искушенијата од овој живот, да не ги победи тагата и неработењето на оние кои најискрено се принудуваат себеси на вршење на добродетели и на Божјите заповеди и кои имаат секојдневна будност и внимание, памтејки го лукавството на змијата, ѓаволот, кој измислува секакви сплетки за да ги отруе нашите души. Бидејки тој се преправа во ангел на светлината, а делата ги извртува и ги прикажува сосема поинакви одошто навистина се, темнината ја прикажува како светлина и горчливото го продава како слатко. Така го измамил и нашиот прародител Адам, покажувајки му го плодот на непослушанието како прекрасен и посакуван, и Адам вкуси од смртоносниот и горчлив плод и беше протеран од рајот. А ние, познавајки ги сега неговите одвратни дела и измами, ќе бидеме мошне внимателни и претпазливи: кога тој ќе ни ги покажува гревовите и непослушанието како добри, во истиот миг ќе ги обраќаме очите на душата и телото кон Бог, вардејки се лукавиот и расипан ѓавол да не не’ измами и да не избрка од рајот, да не не’ натера да се откажеме од исполнувањето на Божјите заповеди. А каков е плодот на непослушанието, што ни изгледа прекрасно и посакувано? – Зла телесна страст, лукава похот на плотта и најсрамни страсти, од кои ќе се оддалечуваме колку што можеме повеќе, браќа, за да можеме овде да се ослободиме од непријателските мрежи, а таму да го наследиме вечното Воскресение со сите светии, во Христа Исуса нашиот Господ, Кому Му прилега слава и моќ со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш, и во вечни векови. Амин.

Св. Tеодор Студит ‘Чтенија на Посниот Триод’

Преземено од

✣✤✣ ПОУКА ВО СРЕДА КРСТОПОКЛОНА ✣✤✣

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *