СВ. НИФОНТ КИПАРСКИ: РАЗЛИКУВАЊЕ НА ПОМИСЛИТЕ

Кога некако си дојде на себе од запрепастувањето посетителот повторно го запраша:

 – Те молам Старче, кога веќе ги знаеш сите мои помисли, кажи ми од каде ми дојде таа помисла? Дали јас ја создадов или од некаде дојде?

– Дојде од ѓаволот кој сака да го промени твоето правилно гледање и да ти донесе смут. Но добро направи што веднаш ја откри, инаку таа ќе се наталожеше длабоко во твоето срце и тешко ќе се искоренеше. Човекот има природни помисли со кои расудува што треба да прави, а што не треба. Но, покрај тоа има уште два вида помисли кои управуваат со него: демонски (лукави) и ангелски (добри). Затоа треба внимателно да ги испитува помислите што му влегуваат во умот и излегуваат од него, та да ги издвои оние што ги наметнува лукавиот и да ги истера. Но, тоа може да го направи само кога умот му е чист и лишен од грижи. Умот кој е поматен со многу земни грижи и помрачен со уживања и наслади, лесно може да се озлоби, не можејќи да го разликува лебот од каменот. Тој никогаш не може да препознае какви му се делата, добри или лоши, бидејќи сатаната лесно го измамува. Слаткото од горкото не може да го разликува, без расудување го меша медот со пелин… А кој може тоа да го изеде?

– Но во тој случај… кој може да се спаси? – го праша посетителот, речиси очаен.

– Слушни, дете мое… Да, за нас е неможно самите да се спасиме. Но Бог се може да направи за наше спасение. Гледаш дека многу луѓе, иако принесуваат дарови и служби на земниот цар, со голема мака успеваат да го добијат она што го бараат. Други, пак, ништо не принесувајќи, стекнуваат царска милост и помош. Така и Бог. Едните ги прославува поради нивните дела, другите ги милува поради нивното длабоко покајание, а на третите се сожалува благодарејќи на застапништвото на Своите светители. Многумина, пак, овде ги тепа и кара, додека таму им дарува вечно блаженство, само ако не роптаат поради она што го трпат.

Преземено од книгата „Свети Нифонт – Подвижник меѓу епископите“, ст. 207-208, Журче-Демир Хисар 2008.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *