Св. Нил Сорски: Поука за сеќавање на смртта.

prepodobnyi-nil-sorskiiАко нашето срце не сака сега, тогаш, ќе го принудуваме постојано да се сеќава на смртниот час и да и говори на својата душа: „Авај, мрачно душо се приближува времето на твоето излегување од телото! До кога нема да се отрезнеш од лошите дела?! До кога ќе пребиваш во униние?! Зошто не размислуваш за смртниот час? Зошто не сѐ ужаснуваш од Страшниот Спасов Суд? Што ќе одговориш и што ќе кажеш за свое оправдување? Самите твои дела се јавуваат како разобличители и сведоци против тебе… Душо, додека има време, фрли ги срамните дела, ревнувај за добриот живот. Оди, предвари го Господа и повикај: „Згрешив, Господи, згрешив многу пред Тебе, но го знам Твоето благоутробно човекољубие. Затоа, паѓам и се молам на Твојата благост: пушти ја нека дојде на мене Твојата милост Владико, зашто душата моја се наоѓа во смутеност и болести, очекувајќи го своето изегување од проколнатото и осквернето тело! Ти се молам на Тебе, да не ја пресретне лукавиот собор на непријателите и да ја задржат во темнина за незнајните и знајни гревови направени во овој живот. Биди милостив кон мене, Владико, и не допуштај мојата душа да ги види лукавите демони, но да ја примат твоите светли и пресветли Ангели. Ти имаш власт да простуваш гревови, прости ми ги моите, за да се успокојам, и да не се појави мојот грев пред Тебе, бидејќи Те разжалостив Тебе, по слабостите на мојата природа, со збор, или дело, и помисла, со знаење и незнаење. При напуштањето на моето тело, да бидам туѓ на секоја нечистотија на мојата душа и да не ме прими, мене грешниот, раката на мрачниот кнез на овој свет, и да не ме однесе во адската длабочина, но, биди ми Спасител и Застапник! Помилуј ја Господи, осквернетата со житејски страсти моја душа, направи ја чиста преку покајание и исповед, и со силата Твоја, приведи ме чист кон Твојот Божествен Суд! И кога ќе дојдеш, Боже, на земјата со слава, и кога ќе седнеш на претолот, Милостиви, за да го извршиш Твојот праведен Суд, а ние сите ќе бидеме голи, како осуденици, стоејќи пред Твојот праведен Суд, и кога ќе почнеш да ги испитуваш нашите согрешенија, тогаш, Преблаги, не ги разобличувај моите тајни гревови и не посрамувај ме пред Ангелите и луѓето, но поштеди ме, Боже, и помилуј ме. Размислувајќи, Преблаги, за Твојот страшен Суд, треперам и се бојам од судниот ден, бидејќи ме разобличува мојата совест, многу тагувам поради моите лукави дела, и сум во недоумица, како ќе одговорам пред Тебе, бесмртниот цар, кого многу го разгневив. Ќе можам ли јас, осквернетиот и блудниот, со смелост да погледнам на Тебе, Страшниот Судија? Но, Господи, благоутробни Отче, Сине Единородни и Свети Душе, помилуј ме, избави ме од неизгасливиот оган и удостој ме да застанам оддесно на Тебе, Судијо праведен!

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *