Архимандрит Амвросиј Погодин – Св. Марко Ефески и лажната Фирентинска унија

(текстот е комбинација од извадоци од оригиналната книга на 407 страни)

св. марко ефески иконаЗаклучоците на унијата

Дополнителната непогодност со која се сретнала Православната делегација во Фиренца била смртта на Цариградскиот Патријарх. Патријархот бил пронајден мртов во својата соба. На масата (наводно) бил неговиот „тестамент“, со наслов Extrema Sententia, во кој потполно се прифаќа сето она што го проповедала римската црква. Меѓу другото пишувало: “На ист начин јас го прифаќам светиот отец меѓу отците, врховниот понтиф и викар на нашиот Господ Исус Христос, папата на древниот Рим. На истиот начин го прифаќам и чистилиштето. За потврда на тоа го приложувам својот потпис.”

Нема сомнеж дали е напишан овој документ од Патријархот Јосиф. Германскиот научник Фроман, кој детално го истражувал наводниот „тестамент“ на Патријархот Јосиф вели: „Тој документ е толку латинизиран и содржи толку малку мислења кои Патријархот ги искажал неколку денови пред тоа, така неверодостојноста на документот е очигледна“. „Тестаментот“ меѓу историските документи на Соборот во Фиренца се појавува доста покасно. Современиците на Соборот не знаеле за него. 

И така грчката делегација го изгубила Патријархот. Иако Патријархот не бил клучна фигура на Православието, и иако многумина го обвинуваат, сепак може да се каже дека со целата своја душа работел за Православието и никогаш не дозволил ниту на себе, ниту на другите да го навредуваат св. Марко. Бидејќи бил во поодминати години, му недостасувала енергичност за бранење на Црквата на чие што чело бил, но историјата не може да го обвини за предавство на Црквата. Смртта го спасила од многуте понижувања кои потоа следувале и кои Православните морале да ги претрпат. Од друга страна, недостигот на неговиот потпис на Одлуката за Обединување, подоцна бил искористен од бранителите на Православието за негирање на претензиите на Соборот во Фиренца да се стекне со Вселенски карактер, бидејки секој документ на Вселенскиот Собор најпрвин мора да биде потпишан од сите Патриарси.

По смртта на Патријархот, како што пишува Сиропулос, императорот Јован Палеолог го превземал кормилото на Црквата во свои сопствени раце. Ваквата неканонска ситуација, иако такви се случувале во историјата на Византија, како во позитивна така и во негативна смисла, била јасно осудена од Св. Марко во едно од неговите посланија, каде вели: „Никој да не доминира со нашата вера: ниту император, ниту иерарх, ниту лажен собор, ниту било кој друг, освен единиот Бог, кој лично и преку своите ученици го пренел до нашите дни.“

Да ја споменеме накратко историјата на преговорите помеѓу Православните и Латините, или да бидеме искрени, историјатот на капитулацијата на Православните. Православните морале да го прифатат учењето на Латините познато како „филиокве“ за исходењето на Светиот Дух од неговите други две ипостаси. А потоа морале да изјават дека филиоквето, како додаток внатре во Символот на Верата, отсекогаш бил канонски и благословен. Со самото тоа биле поништени сите приговори на Грците уште од времето на Патријархот Фотиј, како и сите трудови на Св. Марко Ефески, и сите одлуки за неменување на Символот на Верата кои биле донесени на Третиот и Четвртиот Вселенски Собор. Треба да нагласиме дека не сите римски папи го одобрувале филиоквето, а неколкумина тоа воведување на додаток во Символот на Верата го сметале за целосно неканонско. Но, тогаш сето тоа паднало во заборав. Сето тоа било жртвувано поради барањата на папата Евгениј и неговите кардинали.

Понатаму, побарано е од Православните да го прифатат латинското учење во врска со осветувањето на Светите дарови и да го отфрлат сопственото, изобразено со самиот тек на изведување на Литургијата на Источната Црква. Покрај тоа, латинскиот став бил изразен и во нивните изјави во врска со литургиската пракса на источната Црква. И на крајот, Православните морале да потпишат и да ја прифатат изјавата за папизмот, формулирана на следниот начин: „Ние изјавуваме дека светата апостолска столица и римскиот понтиф имаат примат на целата земја, и дека римскиот понтиф е наследник на благословениот Петар, предводникот на Апостолите, и дека е вистински Христов викар, глава на целата Црква, пастир и учител на сите Христијани; и дека нашиот Господ Исус Христос во ликот на Св. Петар му дал целосен авторитет да чува, насочува и да управува со целата Црква, како што е изречено во одлуките на Вселенскиот Собор и во светите канони“. Православните на ист начин биле натерани да го прифатат чистилиштето.

И така Православието требало да престане да постои. Уште поболен бил фактот дека Православието било продадено, а не само предадено. Кога мнозинството православни делегати дознало за целосно неприфатливите барања на Ватикан, некои од промоторите на Унијата побарале од папата отворено да ги информира кои предности ќе ги има Византија од Унијата. Папата излегол со „работна“ страна и го понудил следното:

  1. Ватикан ќе изнајде и ќе обезбеди начин да ги испрати Грчките делегати назад во Константинопол.
  2. Триста војници на папски трошок во Константинопол за одбрана на градот од Турците.
  3. Два кораба во Босфорскиот залив за одбрана на градот.
  4. Крстоносците ќе поминуваат низ Константинопол.
  5. Папата ќе ги собере западните владетели за да и помогнат на Византија.

Последните две ветувања биле само теоретски. Меѓутоа, кога преговорите дошле во ќорсокак, и кога самиот император бил подготвен да ги прекине понатамошните преговори, целата работа била разрешена од четирите Митрополити – промотори на Унијата; и сè завршило со прославата која ја приредил Папата; теолошките несогласувања во поглед на привилегија на римската столица биле разрешени со помош на чашка вино.

Продолжува…

Поврзани натписи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *