Архимандрит Амвросиј Погодин – Св. Марко Ефески и лажната Фирентинска унија (крај)

5692628680_e0830d60ff_bСмртта на Свети Марко

Св. Марко умрел на 23 јуни 1444 год. во 52 година од животот. Георгиј Схолариј вака пишува за смртта на Св. Марко: „Нашата жалост беше уште поголема бидејќи ни беше земен пред да остари во добродетелите кои ги стекна, пред да можевме доволно да се науживаме во неговото присуство, во силата на неговиот минлив живот! Измамите не успеаа да го растресат неговиот ум, ниту да ја одвлечат неговата душа; така силно беше хранета и засилена од добродетелите! Дури и небесниот свод да паднеше, дури и тогаш праведноста на тој човек ќе останеше непоколебана, неговата сила немаше да се исцрпи, неговата душа немаше да се промени, и неговата мисла немаше да ослабне во тешките искушенија.“ Страшно страдал во оследните 14 дена пред својата смрт. За смртта на Св. Марко сочувано е сведоштвото од неговиот брат, Номофил Јован кој вели: „Живеејќи со љубов Божја, и во се возвишено, останувајки уште од својата младост во божествената схима, во најсветата схима, во чинот на свештеничката служба, во иерархиското достоинство, во ставовите врзани за Православната вера и во посветеното и безрезервно исповедање на верата, наполнувајки педесет и две години од телесниот живот, во месец јуни, дваесет третиот ден се упокои заминувајки кај Оној Кого го љубеше, според Павле, да оди и да биде со Христа, Кој го прослави со добри дела, Кого го благословуваше на Православен начин, Кому Му угоди со сиот свој живот. Беше болен четиринаесет дена, и болеста, како што самиот кажуваше, на него имаше ист ефект како и железните инструменти на мачителите кои ги користеле џелатите на светите маченици, и како да ги обвиткувала неговите ребра и внатрешни органи, стегајки и држејки ги така предизвикувајки неиздржлива болка; така што се случило, тоа што човек не можел да го постигне со своето свето маченичко тело, да биде постигнато со болеста, според праведниот суд на Промислата, овој исповедник на Вистината и маченик и освојувач на сите можни страдања и победник, да може да се појави пред Бога откако помина низ сите можни страдања, сè до последниот свој здив, како злато исковано во печка, да може да прими вечна почест и вечна награда од последниот Судија.“ Иако неговата агонија била болна и огромна, смртта дошла лесно, и светителот во мир го предал на Бога својот благословен и светол дух. Јован Евгениос пишува за тоа: „Далеку пред смртта, дал упатства, и како татко ги предал заповедите на присутните во врска со поредокот на Црквата, за благочестието и зачувувањето на правилните Црковни догми, и за одвраќањето од било какви новотарии; додавајќи на крајот: Господи Исусе Христе, Сине на живиот Бог, во Твоите раце го предавам својот дух, и тогаш отишол при Бога. Пред својот крај, на самиот ден на смртта, Св. Марко на својот поранешен ученик и духовно чедо му го предал водството на Православната Црква, иако во тоа време Георгиј сеуште бил секуларен кнез. Погребан е во Манган, манастир во Константинопол. „Покрај мноштвото присутен народ и гардата, и со големи почести, телото му било положено во манастирот Манган, посветен на великомаченикот Георгиј, како некое богатство, свето и мошне почитувано живеалиште на осветената душа и храм на славата Божја, Кој е прославен во Своите Светии.“ Од погребното известување на Георгиј Схолариј можеме да ја видиме длабочината и тагата која го обзела Православниот народ по загубата на таквиот голем столб на Црквата, и така добар и чесен човек, толку благ и достапен, а толку мудар, кој според зборовите на Јован Евгениос, ги привлекувал сите кон себе, како магнетот што го привлекува железото. Победата на Православието е реализирана дури по смртта на Св. Марко. Наследникот на императорот Јован, неговиот брат Константин, отворено ја објавил желбата да го сочува православието во сета негова чистота. Непосредно по падот на Константинопол, повикан е Собор на кој заговорниците на Унијата се осудени и самата Унија била отфрлена, и е удостоена комеморација за Св. Марко испочитувана од сите. Овој Собор бил повеќе од формална природа одошто од суштинска, а биле присутни и малку учесници; историски не бил важен, но за Православната Црква бил важен како конечна победа на борбата што ја водел Св. Марко, како Собор на Православната Црква, мал колку што била мала и таа во тоа време.
Прославување и чудата на Св. Марко
Во почетокот прославувањето на Св. Марко и припаѓало на семејството Евгениос. Секоја година, веројатно на самиот ден на упокојувањето на Светителот, Евгениосови правеле Аколутиа (служба на која е читан соборник кој се состоел од скратеното житие на светителот). Да спомнеме дека во Византија Аколутиј не било задолжително и условено со канонизација на упокоениот, туку повеќе тоа било говор за упокоениот. Аколутии пишувале учениците за своите учители, покровители и луѓе кои им биле блиски, а кои воделе праведен живот. Таквите Аколутии биле за приватна употреба, и постојат многу за луѓе кои никогаш не се канонизирани од страна на Црквата; постои една посветена на императорот Мануел II Палеолог, која најверојатно ја напишал самиот Св. Марко. Така, прославувањето на Св. Марко Ефески во почетокот се обавувало во круговите на семејството Евгениос. Ширењето на прославувањето на Св. Марко било помогнато од Георгиј Схолариј во своја улога на Патријарх на Константинопол. Поминале децении, па и векови, а сеќавањето на Св. Марко се проширило на многу побожни луѓе, по манастирите и црквите и најпосле, речиси 300 години по упокојувањето на светителот во 1734 година, Светиот Синод на Црквата во Константинопол, под претседателство на Патријархот Серафим, донел указ за канонизација на Св. Марко Ефески. 19 јануари е утврден како ден за прославување на светителот. Како последица од тоа, на двете стари молитви кои постоеле, додадени се уште шест, но останале неважни во споредба со оние две древни. Во описите на чудата на Св. марко го наоѓаме следното: „Мошне почитуваниот човек Димитриј Зурбајос имал сестра која тешко се разболела. Ги повикал сите доктори и потрошил многу пари на нив. Меѓутоа ниту еден од нив не донел подобрување на неговата сестра, туку состојбата повеќе се влошила. Три дни не можела да зборува ниту да се движи, била во бесвест, и докторите рекле дека ќе умре. Тогаш братот и роднините почнале да подготвуваат се што е потребно за погребение. Но, ненадејно слушнале глас и со неодобрение се свртела кон нив и им рекла: Зошто не ме пресоблечете, целата сум мокра? Нејзиниот брат многу се израдувал кога слушнал дека говори, и приоѓајки ѝ ја прашал што се случило и зошто е така мокра. Таа одговорила: Дојде еден Епископ, ме зеде за рака, ме одведе во една фонтана и ме стави внатре. Откако ме изми ми рече: Оди си сега повеќе немаш никаква болест. А братот повторно ја прашал: Зошто не си го прашала тој што ти подари здравје како се вика? И таа рекла: Го прашав, кој си ти светителу? и тој ми рече: Јас сум Митрополитот на Ефес, Марко Евгениос. Кажувајки го тоа, веднаш стана од креветот без никакви траги од болеста. Кога ја однеле да ја смени облеката, сите се зачудиле бидејки не само што облеката била мокра, туку и креветот и кебињата на кои лежела. По оваа чудо, спомнатата жена изработила икона на Св. Марко во знак на сеќавање на чудото, и живеејќи побожно уште петнаесет години, се упокоила во Господа.“ Да го завршиме овој краток животопис и активности на Св. Марко Ефески со молитвата која ја користел и древниот историчар: По молитвите на Св. Марко, Христе Боже наш, и со сите Твои свети учители и богоносни отци, сочувај ја Твојата Црква во Православната вера и исповедништво во сите векови!
Зборовите на Св. Марко Ефески на денот на упокојувањето
Во последниот ден од својот овоземен живот, последните мисли на Св. Марко не биле во врска со самиот него, туку за Православието, кому го посветил сиот свој живот. Повикувајќи ги своите следбеници да останат цврсти во борбата за Православието, посебно се обратил до еден човек за кого се надевал дека ќе стане негов наследник во водењето на борбата. Таа надеж во целост се остварила во личноста на Георгиј Схолариј, кој станал огнен водач на Православието, и како Патријарх на Константинопол по падот на Византија, постигнал ослободување на Црквата од јаремот на лажната Унија. Схолариј е потстрижен под монашкото име Генадиј и Црквата го прославува на 31 август. „Сакам да ви го кажам своето мислење подетално, особено сега, кога наближува часот на мојата смрт, така да бидам јасен од почеток до крај, и никој да не помисли дека говорејки едно, мислев на нешто друго, особено непријателите кои би посакале да ме посрамат во часот на мојата смрт. Во врска со Патријархот, сакам да го кажам ова, дека ако сака да покаже некаква почит кон мене на погребението на моето тело, или да испрати на гробишта некои од своите иерарси, или свештеници, или воопшто било кој што е во единство со него, да земе учество во молитвите или да се придружи на нашите свештеници, мислејќи дека во некој момент, дури и тајно, сум дозволил единство со него, и ако мојата затворена уста би дала повод на оние кои не ги знаат моите гледишта и кои погрешно вообразуваат некаков облик на помирување, изјавувам и сведочам пред многу чесни луѓе, присутни овде дека јас воопшто не сакам на било кој начин, и не го прифаќам заедничарењето со него, ниту со оние кои се со него, ниту во овој живот, а ни во животот по смртта, како што не ја прифаќам ни Унијата, ни латинските догми, кои тој и неговите следбеници ги прифатија, и ги спроведуваат, благодарение на неговата управувачка положба, со намера да ги отсранат вистинските догми на Црквата. Во целост сум убеден дека колку подалеку стојам од него, и од сличните на него, поблизу сум до Бога и до Неговите Светители; и толку колку што се одделувам од нив (Унијатите), толку повеќе сум во заедница со Вистината и со Светите Отци, теолозите на Црквата; и на ист начин сум убеден дека оние кои сметаат дека се со него, стојат далеку од Вистината и од благочестивите Учители на Црквата. И затоа велам: Како што цел живот се одделував од нив, така и во мигот на моето заминување, сега и по смртта, се одрекувам од било каква заедница со нив, и обврзувам и заповедам никој од нив да не присуствува на мојот погреб или на мојот гроб, и исто така, никој да не помислува да учествува на нашата Света Служба; бидејќи тоа би било мешање со она што не може да се меша. Туку им припаѓа целосно да бидат одделени од нас додека Бог не им подари да се поправат и да се придружат на Неговата Црква.“
А ТОГАШ СЕ СВРТЕ КОН ЧЕСНИОТ СХОЛАРИЈ И РЕЧЕ: „Сега зборувам за чесниот Схолариј, кого го познавам од својата младост, и кого многу го љубам, како свој сопствен син и пријател… Во мојот разговор со него, се до сега, стекнав целосна слика за неговата чест, мудрост и сила на неговите зборови, и затоа верувам дека тој засега е единствен кој може да ѝ подаде рака за помош на Православната Црква, која е нападната од оние кои сакаат да ја уништат чистотата на догмите, а исто така, со Божја помош, да го исправи и да го зацврсти Православието, доколку самиот не посака да се повлече од таа работа и да ја сокрие својата свеќа под поклопец. Целосно сум убеден дека тој нема да постапи така, и ќе ја види Црквата растресена од бранови, и верата зависна од слаби луѓе (во однос на човечките стандарди), и знаејќи дека може да и помогне, тој нема да може до таа мера да ја запостави својата совест туку со полна брзина и подготвеност ќе влезе во борба, имајќи в предвид дека е мудар, тој е свесен дека уништувањето на Православната вера води кон општа пропаст. Точно е дека во минатото, сметајќи ја за доволна борбата што ја воделе другите, а особено јас, не се покажувал како огнен бранител на Вистината, можеби натеран од советите на поединци. Но, и јас порано не внесував ништо или сосема малку во борбата, немајќи доволно ниту сила, ниту волја, а ете веќе станав никој и ништо, а има ли нешто помалку од ништо? И ако тој тогаш претпоставувал дека ние самите можеме да ги поставиме работите право, и сметал дека е непотребно да го направи она што другите можеле да го направат, и со својата непотребна помош можел само да им наштети на другите, како што честопати ми објаснувал барајки прошка, така, и во ова време, кога јас заминувам, не гледам никој кој му е рамен, и кој би можел да го превземе моето место во Црквата, и во верата, и во догмите на Православието. Затоа го сметам за достоен, повикан или одреден да ја открие искрата на побожноста скриена во него, и да се бори за Црквата и за правилните доктрини; така што, она што јас не го постигнав, тој да го постави како што треба, со Божја помош. Бидејќи со Божјата благодат тој тоа го може, со помош на умот со кој е даруван и со силата на зборовите, само ако ги употреби во вистинското време. Исто така, пред Бога, Верата и Црквата обврзан е да се бори искрено и чисто за Верата. И јас му ја доверувам таа битка; така што учествувајќи во тоа заедно со светите учители и со богоносните отци, големи теолози, да ја прими својата плата од Праведниот Судија кога Тој ќе прогласи победа на сите оние што се бореа за Правдина. Но, самиот тој мора да ја искористи сета своја ревност за доброто и за вистинските доктрини на Црквата, бидејќи ќе мора да даде одговор за тоа на денот на Судот на Бога и на мене, кој му го доверив тоа и на ист начин очекувам дека во Царството тие зборови ќе родат многу плодови. Нека ми одговори така на ова за да можам да заминам од овој живот осигурен, да не умрам во жалост, грижејќи се за исправноста на Црквата.“
ОДГОВОР НА ЧЕСНИОТ СХОЛАРИЈ:
„Пред се, Преосвештени, сакам да се заблагодарам за пофалбите кои ги изрековте за мене, бидејќи сакајќи да ја покажам вашата наклонетост, посведочивте за мене големи работи кои јас не ги поседувам, и убеден сум дека такво нешто не е ни близу до она што го поседувам. Туку тоа доаѓа од божествените висини, добродетелта и мудроста на вашата преосветеност која ја гледам уште од почеток, и која не престана да свети се до денес, и по заслуга на мојата близина со вашата светост, како учител и тутор; и насочен од вашето одлично разбирање на догмите и праведноста на пресудите, со кои јас во потполност сум воскладен, и на ист начин отфрлајќи го без двоумење она што не е во склоп со вашиот суд, никогаш не одбив да ги извршам своите обврски, како син и ученик, кон вашата светост. Вие сами, ваша светост, сте сведок на тоа. Знаете дека секогаш постапував во склоп со вас, и откривајќи ги подлабоко причините за моите убедувања, ви ги давам овие ветувања. А во врска со фактот дека порано отворено не стапував во борбата која вашата светост ја водеше, туку молчев, никој освен Вас не ги знае подобро причините за тоа, бидејќи често ви го пренесував своето мислење и искрено ви го отварав своето срце молејќи за простување, и не се стегав од тоа. Но сега, со Божја помош, почнав да го отфрлам тоа, и се сторив себеси искрен и отворен бранител на Вистината, способен без страв да ги проповедам догмите на моите отци и исправноста на Православието, а во склоп со виденијата на вашата светост. Го велам ова не затоа што ве гледам земени од нас, бидејќи не ја напуштивме нашата последна надеж, туку и понатаму се надеваме во Бога дека ќе оздравите од оваа слабост и дека уште ќе бидете со нас и дека заедно ќе работиме на ова. Ако пак, според Божјите судови, заминете од овде на местото на покојот кое си го подготвивте за себе, а поради нашата недостојност заминете таму каде што сте достојни да бидете, тогаш потполно потврдувам, и пред Бога и пред Светите Ангели кои во овој час невидливо стојат пред нас, и пред многу достојници присутни овде, дека во се ќе бидам таму каде што бевте, и вашиот збор, и она што го спасивте и она што ни го предадовте со љубов, дека ќе го бранам и ќе им го нудам на сите, дека ништо нема да издадам, туку ќе се борам до крај за тоа, дури и по цена на крв и на смрт. Иако моето искуство и сила се мали, сигурен сум дека вашата светост ќе ги исполни моите недостатоци со познати богоугодни молитви, и сега, но и по упокојувањето.“

превод: Д. А.

Поврзани натписи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *