СВЕТО БОГОЈАВЛЕНИЕ НА НАШИОТ ГОСПОД И БОГ И СПАСИТЕЛ ИСУС ХРИСТОС

СИНАКСАР НА КРШТЕНИЕТО ГОСПОДОВО

По своето враќање од Египет, нашиот Господ Исус Христос беше во Галилеја, во својот град Назарет, каде што и беше воспитан до триесеттата своја година, криејќи ја од луѓето силата и семудроста на своето Божество. Зашто кај евреите никому не му беше допуштено пред триесетата година да има учителско или свештеничко достоинство. Поради тоа и Христос до своите триесет години не почна со проповед, ниту пак објави дека е Син Божји и Велик Архиереј. До тоа време, Он живееше во Назарет со пречистата своја Мајка и со својот старател Јосиф дрводелецот, додека овој беше жив. Заедно со нив и овој занает го работеше. А кога Јосиф умре, Он сам го работеше овој занает, и со трудот од своите раце заработуваше леб за Себе и за пречистата Богомајка, за и нас да не’ научи да не бидеме мрзливи ниту бесплатно лебот да го јадеме.

А кога наполни триесет години и дојде време, како што вели Евангелието, да се јави на Израилот: му рече Бог на Јован, синот на Захарија, во пустината, да отиде и да крштева (Лк. 3, 2). И на тој начин направи знак по кој ќе го познаат Месијата кој дојде во светот. За тоа и самиот Крстител говори во Евангелието: Оној што ме прати да крштевам со вода, ми рече: Врз Кого видиш да слегува Духот и да останува над Него, Он е Кој ќе крштева со Дух Свети (Јн. 1, 33). Јован го послуша словото Божјо, и дојде во околината Јорданска проповедајќи покајно крштение за опростување на гревовите, бидејќи тој беше оној за кого Исаија претскажа: „Гласот на оној што вика во пустињата говори: Пригответе Му пат на Господа, прави направете ги во пустињата патеките за нашиот Бог“ (Лк. 3, 3.4; Ис. 40, 3). И одеше кај него цела Јудејска земја и од Ерусалим, и тој сите ги крштеваше во реката Јордан, и ги исповедуваа своите гревови (Мк. 1, 5). Тогаш дојде и Исус од Галилеја на Јордан кај Јован за овој да го крсти (Мт. 3, 13). Дојде во тоа време бидејќи Јован му беше јавил на народот за Него говорејќи: „По мене иде Посилниот од мене, на Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови. Јас ве крстив со вода, а Он ќе ве крсти со Дух Свети“ (Мк. 1, 7-8). По тие зборови на Крстителот дојде Исус да се крсти, иако како пречист и свет, роден од пречиста и пресвета Дева Мајка и како извор на секоја чистота и светост,  крштение не Му беше потребно. Но, како Оној Кој ги зеде на себе гревовите на целиот свет, Он дојде на реката – за да ги измие со крштение. Дојде на вода – за да ја освети природата на водата, дојде да се крсти – за да ни го устрои купелот на светото крштение. А дојде кај Јован за тој да биде нелажен сведок, бидејќи го виде Духот Свети како се симнува на Крстениот, и го слушна гласот на Отецот од небото. А Јован го одвраќаше велејќи: Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти при мене ли доаѓаш? (Мт. 3, 14). Зашто преку Духот го спозна Оној, поради Кој пред триесет години заигра од радост во утробата на својата мајка. И самиот бараше Исус да го крсти, бидејќи е во гревот на непослушноста наследен од Адам на целиот човечки род. А Господ му рече: Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда (Мт. 3, 15). Овде под правда, свети Златоуст ги подразбира заповедите Божји, како Исус да рекол: Бидејќи ги исполнив сите други заповеди од Божјиот закон, а остана само оваа да се крстам, затоа треба и неа да ја исполнам. А и крштението Јованово беше заповед Божја, како што и вели Јован: Оној што ме прати да крштевам со вода, ми рече (Јн. 1, 33). А кој го испрати? Очигледно самиот Бог. Зашто стои напишано: Му рече Бог на Јован (Лк. 3, 2).

И се крсти триесетгодишниот Исус. Зашто човекот во триесетите годи лесно паѓа во секој грев. Свети Јован Златоуст и Теофилакт велат: Прво е периодот на детство и тој се одликува со незнаење и лекомисленост. Потоа е младешкиот период и тогаш човекот се распалува со телесна похот. А човекот во триесетите години е во зрелиот период во животот, и тогаш човекот е подложен на златољубие, славољубие, јарост, гнев и секој грев. И поради тоа Господ Христос со крштението почека до тој период за да го исполни законот за сите периоди и да ја освети природата наша, и да ни подари сила за да ги победуваме страстите и да се’ чуваме себе од смртни гревови.

И кога Господ се крсти, веднаш излезе од водата, не се задржа во водата. Зашто, свети Јован Крстител секој човек кој што го крстил, го потопувал до гушата во водата, и така го држал се додека овој не ги исповеда сите свои гревови, и тогаш го пуштал и тој излегувал од водата. А Христос, бидејќи немал грев, не се задржал во водата, поради што и во Евангелието се вели дека веднаш излегол од водата. Кога пак Господ излегувал од реката, Му се отворија небесата, громовидна светлост светна одозгора, и Духот Божји како гулаб се симна на Исус Кој се крсти. Како што во деновите на Ное голуб ја донесе веста за опаѓањето на водата од потопот, така и овде облик на гулаб ја објави веста за престанување на потопот од гревовите. А Духот Свети се појави во облик на гулаб, зашто тоа е птица чиста, човекољубива, кротка и незлоблива, и не живее во смрдеа. Така и Духот Свети е извор на чистота , човекољубие, учител на кротост, и строител на незлобливост, и бега од оној кој се валка во смрдливата гревовна кал без покајание. А кога Духот Свети се симнуваше како гулаб на Исус Христос, се слушна глас од небото кој вели: Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!“ (Мт. 3, 17). Нему слава и моќ во сите векови, амин.

Извор: ЖИТИЈА СВЕТИХ ЗА ЈАНУАР, Архимандрит Д-р Јустин Попович, Ваљево 2005, стр. 221-223

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *