Свети Филарет Московски: Светоста е обврска на секој христијанин

Беседа на денот на Преподобen Сергeј 23 септември 1847 година 

Но, по примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки.

Зашто напишано е:”Бидете свети, бидејќи Јас сум свет” (1 Петр. 1 :15-16).

   Во царствата на луѓето, народот со особено почитување им се обраќа на оние кои се блиски со царот, во еден дел-поради почитувањето кон царот кој им ја дал својата доверба, владеење, почест, а во друг дел поради надежта дека тие, според власта која им е доверена, ќе бидат нивни застапници и покровители пред царот. Слично на ова, и во Царството Божјо, кое е Црквата Христова, верниот народ, како и вие денес, со побожно почитување им се обраќа на Божјите свети луѓе, почитувајќи ја Божјата благодат која живее во нив и надевајќи се според верата на нивното молитвено застапништво пред Бога и добродетелите заради даруваната им благодат.

   Меѓутоа, во царството на луѓето, народот, оддавајќи им почест на велможите, останува-народ, и според самото својство на државното уредување, не може да ги достигне тие привилегии пред кои се поклонува. Но, во Царството Божјо, не е така. Тука секој од верниот народ почитувајќи ги Божјите светители, може и самиот да го достигне достоинството кое го почитува во другите, и не само дека може, туку и се повикува, се убедува да стане светител. Но, по примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки. Зашто е напишано:”Бидете свети, бидејќи Јас сум свет”.

1 Птр.1 :15-16

   Браќа, почитувајте ја светоста како привилегија на одбраните!

Да помислиме на светоста како на обврска на сите и од секого. Кога на некој граѓанин или на селанец би им рекле:”Прави го тоа и тоа и биди близок на царот кој ти го дава правото на таа привилегија и те повикува на тоа”, со каква ли радост и со колку жар би ги исполнувал делата кои се бараат од него и покрај тежината на подвигот и долготрајноста на трудот. Но ете, благовестителот на волјата на Небесниот Цар ни говори нам, недостојните и за последниот степен на граѓанство во тоа Царство -“бидете свети”, бидете морално свети, а потоа бидете блажено свети, живејте побожно и благочестиво и бидете блиски на Небесниот Цар, Кој не само што ви дозволува да Му се приближите, туку и да живее во вас. Што? Како се прифаќа овој повик? Дали сите, или во крајна мера повеќето, ќе тргнат со подготвеност, со пламена срдечност, со нераслабена ревност, со полна дејствителност? Зар не е повеќе од вообичаено да мислиме и говориме:”Како ние да бидеме свети? Ние сме грешни луѓе и доволно ќе биде ако се спасиме некако преку покајанието”. Но, дали сме помислиле што ќе бидеме и што ќе се случи со нас, доколку не отпочнеме подвиг за да станеме светители? Постојат повисоки степени на светост на кои блескаат посебно избраните и облагодатените души. Меѓутоа, светоста воопшто не е само поединечна одлика меѓу христијаните која е пофално да ја имаат некои -без која со леснотија можат да поминат и другите. Според апостолското учење, секој е повикан од Бога да биде свет во Божјото Царство, поинаку кажано, секој христијанин во самиот овој повик и во мислите за Бога Кој го повикал, мора да пронајде закон за себе, како и обврска и поттик задолжително да биде или да стане свет. Но, по примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки – ова правило е уште повеќе задолжително за синовите на Новиот Божји Завет, затоа што и на синовите на Стариот, понесовршен Завет, веќе им било дадено од Бога: “Зашто напишано е: Бидете свети, бидејќи Јас сум свет.” Доколку живеете небрежно и без надеж да станете свети, значи живеете не според примерот на Светиот, Кој ве повика, и не одговарате на оние од Бога повиканите – синови на Божјиот завет, туку сте христијани – само според името, а не според суштината.

   До каде доведува таквиот живот, може да се види од тоа што вели апостолот:Трудете се да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа“(Евр. 12:14). Појасно: имајте мир со сите, имајте светост, бидејќи без мирот и светоста никој нема да Го види Господа, т.е. нема да го достигне вечното блаженство.

   Значи, доколку безгрижно и небрежно мислиме дека не треба да бидеме свети, сами на себе си пишуваме пресуда за да не го видиме Господа, да му бидеме туѓи на вечното блаженство.

   “Ние луѓето сме грешни”, се чини, ова е неоспорна вистина, бидејќи:Ако кажеме дека немаме грев, се лажеме сами себе, и вистината не е во нас1 Јн. 1:8. Меѓутоа, злоуботребата на вистината не е подобра од очигледната заблуда. Ако се сметаме себеси за грешни врз основа на длабоко себепознание и преку тоа ја чувствуваме својата недостојност и расипаност, со скрушено срце, кротејќи ја вродената гордост на стариот човек, се поттикнуваме себеси во барањето благодатна помош и во подвиг против гревот – таквото признавање не само што нема да не лиши од надежта во достигнувањето на светоста, туку ќе ни го порамни патот кон неа.

   Меѓутоа, доколку се нарекуваме себеси грешници, со површна мисла, без скрушеност на срцето, без одбегнување на гревот, до недоглед, со лукаво подразбирање дека тоа мора да го признаат и сите останати и дека, последователно на тоа, ние и немаме срам тоа да го признаеме, и дека нема опасност по признанието да останеме такви какви што бевме пред него – тогаш таквото признание, се разбира, нема да не одведе кон светоста.

   Во тој случај, дури и говорејќи ја вистината дека имаме грев се лажеме сами себе, и вистината не е во нас, т.е. во нашето срце и живот, иако звукот на вистината постои во нашата уста.Верен е тој збор и достоен е сосема да се прифати: Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците меѓу кои сум прв јас (1Тим. 1:15). Се залажуваме себеси доколку мислиме дека се спасуваме останувајќи грешници. Христос ги спасува грешниците со тоа што им дава средство да станат свети.

   “Некако ќе се спасиме преку покајанието”. Да, покајанието спаѓа во бројот на сретствата за спасение, кои Христос им ги дава на грешниците, кога говори:Покајте се и верувајте во Евангелието(Мк.1:15). Меѓутоа, ако мислиме некако да се покаеме, некако да се спасиме, тогаш премногу лесно судиме за дело од голема важност. Дали слугата ќе му угоди на господарот ако ја извршува својата работа некако, а не – што е можно подобро! Се разбира дека нема.Така уште повеќе човекот нема да му угоди на Бога, ако само некако го извршува Божјото дело, какво што е делото за нашето спасение. Доколку и некое мало дело не се извршува добро и успешно, туку се врши некако, без внимание, без грижа, колку повеќе тоа се однесува за големото дело како што е спасението, дело на сите наши сили и способности, главното дело на целиот наш живот. Мислата за тоа да се спасуваме преку покајание навистина е спасителна мисла, но што треба да се помисли кога во Божјото слово ќе го видиме несреќниот пример на човекот кој не најде место за покајание, иако го беше молел дури со солзи (Евр.12:17).

   Очигледно е дека и покајанието не дозволува да се најде туку така, но бара од грешникот да трага по него без млакост, со расудување, искрено, со цврста решеност за поправање, не дозволувајќи си самиот на себе да се доведе до гревовна закоравеност. Притоа, совршениот учител на покајанието, Јован Крстител вели дека вистинското покајание бара уште нешто по себе. Направете, вели плод достоен за покајание (Мт.3:8). Покајанието ја чисти земјата на срцето од трње, ја обработува, ја омекнува. Верата сее во неа небесно семе. Растот на ова ново семе е исполнувањето на заповедите и правење добро. Неговиот цвет е внатрешното духовно просветување, а зрелиот, совршен плод – светоста. Потребно е пченицата да зрее за да се однесе во амбарот. Потребно е човекот да достигне светост за да се воведе во Царството Небесно. Каде ќе не поведат сега браќа, предложените размислувања? Кон поголема ревност и грижа кон делото на спасението, кое не бара само покајание како почеток, туку и светост како крај на тоа дело? Или можеби кон уште поголема безнадежност дека можеме да го достигнеме спасението преку светоста, која ја гледаме толку високо над себе?

   Христе Боже, надеж наша!

Не дозволувај да малаксаме во нашата безнадежност, но со Твојата надеж направи не посилни. Некогаш и Твоите апостоли биле безнадежни, но Ти си го тргнал тоа од нив со Твојот севозможен збор. Дарувај ни и нам да ја сетиме со вера силата на словото: “Неможното за луѓето е можно за Бога” (Лк. 18:27).

Навистина, браќа, ако е потребно само со човечки, природни сили да достигнеме спасение, би било праведно да не одговориме на повикот, зашто е над нашите можности. Но, кога поради тоа ја имаме Божјата благодат која не пречекува, просветува, укрепува, помага и чува, никој не треба да губи надеж дека може да го достигне она за коеБог и Отецот на нашиот Господ Исус Христосне избра преку Него, уште пред светот да биде создаден“. Тој не избраза да бидеме свети и непорочни пред Него во љубовта (Еф. 1:3-4).

   Затоа да се разбудиме себеси од мрзливоста и немарноста со чувство на долг и со надеж во Божјата помош за добар успех, да се поттикнуваме себеси во ревноста во делот на нашето спасение. Како што не советува апостолот Павле: Да се очистиме од секоја нечистота на телото и на духот, исполнувајќи ја светоста во страв Божји(2 Кор. 7:1). И според советот на апостол Петар: Поради тоа, возљубени, препашете ги колковите на умот свој, бидете бодри и имајте целосна надеж дека ќе ви се принесе благодатта при јавувањето на Исус Христос. Како послушни чеда, не постапувајте веќе според поранешните ваши похоти, кога бевте во незнаење. Но, по примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки. Зашто напишано е: “Бидете свети, бидејќи Јас сум свет(1 Петр. 1: 13-16).

   Ако во овие зборови се среќавате со особено големи барања: да се твори светиња, да се биде свет, заедно со нив се особено едноставни средствата за да се задоволат овие големи барања: отфрлување на похотта, очистувањето себеси од нечистотата на телото и духот. Според мерата со која човекот дејствува и вистински од своја страна се подвизува во чистењето на себеси од нечисти дела, желби и страсти, нечисти мисли, врз него, со посредништвото на Црквата и Нејзините Тајни, се симнува Божјото осветување, со кое сите нас да не направи причесници на седејствителната благодат на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *