АРХИЕПИСКОП АВЕРКИЈ (ТАУШЕВ): СВЕТА РЕВНОСТ

Арх.Аверкиј Таушев„Дојдов да фрлам оган на земјата;
и колку би сакал да се беше веке запалил.“
(Лк. 12,49)

Според јасното учење на Словото Божјо, она најважното во христијанството е огнот на Божествената ревност, ревноста за Бога и Неговата слава – светата ревност, која единствено е во состојба да го поттикне човекот на труд и подвизи угодни на Бога, без неа нема ниту вистински духовен живот, ниту вистинско христијанство. Без таа света ревност, христијаните само на име се “христијани”: тие само имаат име на живи, а во реалноста се мртви, како што му било речено на св. Тајновидец Јован (Откр.3,1). Вистинската духовна ревност пред се, с# изразува преку ревноста за славата Божја, на што н# учат зборовите од Господовата молитва, кои стојат на самиот нејзин почеток: “Да се свети името Твое! Да дојде Царството Твое! Да биде волјата Твоја, како на небото така и на земјата!”
Оној кој ревнува за Божјата слава и со сето срце го слави Бога – со мисли, чувства, зборови и дела, преку целиот свој живот – секако огнено копнее и другите да го слават Бога исто како и тој, и затоа, не може рамнодушно да поднесува во негово присуство на било кој начин, да се хули на Бога или светиите да се подлагаат на потсмев. Ревнувајки, тој вистински тежнее да Му угоди на Бога, единствено Нему да Му служи со сите сили на своето битие, сите луѓе да ги доведе до Богоугодништво и служење на Бога. Тој не може мирно да ги слуша богохуствата, ниту да остане во заедница со богохулниците, или да се дружи со оние кои хулат против Името Божјо и ги навредуваат светиите.

Жив, и необично силен пример на таквата огнена ревност за славата Божја, уште од длабочините на Стариот Завет, претставува големиот пророк Божји – огнениот Илија, чија душа тагувала кога го видела богоотстапништвото на својот народ, предводено од нечестивиот цар Ахав, кој во Израилот го вовел незнабожечкото служење на Ваал, наместо служењето на вистинитиот Бог.

„Ревнував многу за Господа Бога над војските“ – не еднаш воскликнувал тој, изразувајки ја својата болка: „бидејки синовите Израилеви го оставија Твојот завет, Твоите олтари ги разрушија, и Твоите пророци ги покосија со меч; а јас сум сам, и ја бараат душата моја да ја одземат“ (1Цар.19,10). И ете, таа света ревност, која почивала врз него со силата на благодатта Божја, го поттикнала поради казна над Израилците за богоотстапништвото, да го зоврие небото (1 Цар.17,1; 8,42-45), и три лета и шест месеци да нема ни дожд ни роса. Истата таа света ревност го натерала Илија да ги заколе лажните пророци и жреци на Ваалам, по чудесното симнување на огнот на гората Кармил, за тие измамници повеќе да не ги оддалечуваат синовите на Израилот од вистинското Богопочитување. Со силата на таа ревност, св. Илија сторил да се симне оган од небото и да го спали педесетникот и неговите војници кои ги испратил царот за да го фатат (2Цар,1,9-14).
А дека навистина била во прашање светата ревност, угодна на Бога, било посведочено така што св. Пророк Илија не умрел со обична смрт, туку на чудесен начин бил вознесен на небесата во огнена кочија, со што била означена неговата вистинска огнена ревност за Бога (2.Цар.2.10-12).
Но уште тогаш, во суровиот Стар Завет, Господ му покажал се на својот огнен служител – дека на такви строги мерки може да се прибегнува само во крајни случаи, бидејки Господ „не е во големиот и силен ветар кој руши планини и крши карпи, ниту во земјотресот, ниту во огнот, туку во струењето на тивкиот ветар“ (1Цар.19,11-12).
Ете зошто – кога Јаков и Јован, особено огнено ревнувајки за славата на својот Божествен Учител, посакале, имитирајки го пророкот Илија, да испратат оган од небото за да ги казнат Самарјаните кои не сакале да го прифатат Господа, додека минувал низ нивното село за Ерусалим, но Господ им се заканил на учениците да не го прават тоа, велејки: „Не знаете од каков дух сте, бидејки Синот Човечки не дојде да ги погуби човечките души туку да ги спаси“ (Лк. 9,51-56).
Но, тоа не значи дека Господ, кој говорел: „Научете се од мене, бидејки сум кроток и со смирено срце“ (Мт. 11,29), понекогаш не сметал дека е неопходно да се покаже голема строгост и да прибегне кон сурови мерки, поучувајки н# и нас на тоа, дека кротоста и смирението не значат и мекост, и дека не треба да се криеме пред очигледното зло, туку напротив, вистинскиот христијанин мора да се варди од слатката сентименталност и да не одстапува пред злото кое ненадејно накрева глава, туку треба да се биде непримирлив кон злото, да се бориме против него со сите допустливи мерки и средства, за ширењето и јакнењето на злото меѓу луѓето решително да биде пресечено.
Да си спомнеме со какви остри и прекорни зборови Господ им се обратил на духовните водачи на еврејскиот народ, книжниците и фарисеите, обвинувајки ги за лицемерие и беззаконие заканувајки им се со суд Божји: „Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери“ (Мт.23,29).
А таму каде што зборовите не биле доволни, преминувал на дело, спротивставувајќи им се на беззакониците. Така, затекнувајки ги во храмот оние кои продаваат телци и овци и гулаби, и менувачи на пари, „Тој ги избрка сите од храмот, и овците и телците; а на менувачите им ги истури парите“ (Јн. 2,14-15Мт. 21,12-13).
Зарем не познаваме доволно примери од Свештената и Црковна историја, кога самите зборови не биле доволни, па за пресекување на злото било неопходно да се применат поостри мерки и порешително дејствување?
И во други слични настани, важно е од човека навистина да проговори токму чистата ревност за славата божја, без никакво самољубие, или некоја друга човечка страст, која само привидно се прикрива со наводна ревност за Бога.
Со таква, навистина света ревност и решителна непримирливост, во историјата на Црквата се прославил и светителот Христов Николај, Архиепископ Мирликијски Чудотворец, кого го празнуваме на 6 декември според нашиот православен календар .
Кој не го познава овој прекрасен светител Христов?

Не само христијаните, туку и муслиманите и многубошците го познаваат и го почитуваат како голем и преславен чудотворец, кој на луѓето брзо им притекнува на помош во секаква неволја и секакво искушение. Оној кој бил на брегот на Црното море, не еднаш можел да ја види иконата на светителот Николај на турските кораби. Таа може да се види и во сиромашните куќи на Кавказ и во шаторите на многуте азиски номади кои го населуваат северот и истокот на Русија, се до Манџурија и Кина.

Најкарактеристичната црта на светителот Николај, која толку многу го прославила, е неговото исклучително христијанско милосрдие: “Милостивиот Никола” – така обично бил нарекуван меѓу припростиот руски народ, според податоците во неговото прекрасно житие, и безбројните случаи за неговото помагање на луѓето.
И ете, таков светител кој толку многу се прославил со својот милосрден однос кон ближните, еднаш постапил на начин кој збунил многумина, а кој и до денес ги збунува: веродостојноста на таа постапка е посведочена од црковното предание, сочувано е во нашиот иконопис и во богослужението.
Според преданието, свети Николај учествувал во работата на Првиот Вселенски Собор, одржан во Никеја, во кој еретикот Ариј бил осуден поради негирање на Божественоста на Втората Ипостас на Света Троица – Синот Божји. Свети Николај не можел рамнодушно да ги слуша богохулните зборови на горделивиот еретик Ариј на соборските расправи, кои во таа прилика биле водени, а во кои тој го омаловажувал Божественото достоинство на Синот- Божји, затоа пред целиот Собор, свети Николај го удрил шлаканица, т.е го удрил со раката по лицето. Тоа предизвикало толку голема збунетост, поради што, Отците на соборот решиле да го лишат смелиот светител од епископскиот чин. Но, истата ноќ биле вразумени со зашеметувачко видение: го виделе Господа Исуса Христа како на св. Николај му го предава Своето Свето Евангелие и како Пречистата Мајка Божја на неговите рамења го полага архиерејскиот омофор. Тогаш сфатиле дека свети Николај во својата постапка не бил раководен од никакви лоши, страсно-гревовни побуди, туку исклучиво со една чиста, света ревност за славата Божја. И, отфрлајки ја пресудата, го помилувале светителот.
Наведувајки го овој пример, никако не сакаме да кажеме дека секој од нас може и треба буквално да го следи: тоа можело да го стори голем светител каков што е свети Николај. Но, ова секако треба сите нас да не убеди дека не смееме да стоиме настрана и рамнодушно да се однесуваме кон пројавите на зло во светот, особено кога се работи за славата Божја, за нашата света вера и за Црквата. Тука треба да бидеме целосно непомирливи, не смееме да одиме на никакви лукави компромиси, ниту на формално помирување или било какво друго одобрување на злото. На своите лични непријатели, според совеста Христова, треба да се им простуваме, но помеѓу Божјите непријатели и нас мир не може да има! Нашето пријателство со Божјите непријатели самите нас не претвара во Негови непријатели: тоа е предавство на Бога , без разлика на сето добро со кое може да се покрие, и никакво лукавство ниту превртливо самооправдување тука не може да ни помогне!
Интересно е да се забележи дека, постапката на свети Николај не им се допаѓа на никој од оние кои денес го одобруваат злото, на оние кои проповедаат воображена “христијанска љубов”, на оние кои се подготвени за помирување со еретиците, со гонителите на Црквата, па дури и со самиот ѓавол, а се во име на “сеопштиот мир” и – “сеопштото обединување ” – пароли кои денеска станаа особено модерни. Тие поради тоа пробуваат да го негираат и фактот дека свети Николај бил учесник на Првиот Вселенски Собор, иако тој во нашата света Црква е прифатен и ние мораме да го сметаме за веродостоен.
Сето тоа во крајна линија е затоа што кај современите луѓе, дури и кај оние што се нарекуваат “христијани” повеќе нема вистинска ревност за Светата Црква и за Божјите светители. Наместо тоа владее млака умереност, рамнодушен однос кон се, освен кон сопствената овоземна полза, како и на негрижата кон неподмитливиот суд Божји кој н# очекува и кон вечноста која се открива после смртта.
А без оваа света ревност, нема, како што во почетокот нагласивме, вистинско христијанство ниту вистински живот – живот во Христа. Тоа сега е заменето со секакви ефтини сурогати, со тек на времето се побезвредни, прилагодени на вкусот и духовната состојба на современиот човек. Затоа таквите псевдохристијани, вешто прикривајки го своето духовно сиромаштво со лицемерие, често имаат повеќе успех во современото општество, во кое нема вистинска духовност. Вистинските ревнители за славата Божја, се презрени и гонети како “тешки луѓе”, “нетрпеливи фанатици”, “луѓе кои заостануваат во времето”.
Така уште сега, пред нашите очи се случува одвојување: некој останува со Христа до крајот, додека друг лесно и природно ќе прејде на другата страна кај Неговиот непријател – Антихристот, особено кога ќе настапи времето на тешките искушенија за нашата вера, кога ќе биде навистина неопходно да се покаже сета сила на нашата света ревност, од која сега многумина се гнасат како од “фанатизам”.
Но, тогаш не треба да забораваме дека постои и ревност не според разумот, онаа ревност, која е обезбедена по одсуството на мошне важната христијанска добродетел – расудувањето, и затоа наместо полза може да донесе штета.
Исто така постои и воображена, лажна ревност, под чија маска се крие котлето на гревовните страсти – пред сите нив се: гордоста, властољубието, честољубието, како и тесниот (партиски) интерес, сличен на оној кој игра главна улога во политичката борба, за кој нема место во духовниот и општествено-црковниот живот, на што за жал денеска наидуваме доста често, а што е главна причина на сите можни расправи и црковни немири, чии предводници и лидери често се прикриваат со некакви идеали, додека всушност само ги следат своите лични цели, сакајки не да Му угодат на Бога, туку на самите себе, ревнувајки не за славата Божја, туку за своја сопствена слава и слава на своите партиски колеги и истомисленици.
Сето тоа, се разбира, е длабоко туѓо на вистинската света ревност, спротивно на неа, грешно и недопустливо, и само ја компромитира нашата света вера и Црква!
Нам ни претстои избор: дали сме со Христос или со Антихристот?
„Времето е близу!“ (Отк.22,10) – уште Светите Апостоли не предупредуваат нас христијаните. А ако било “близу” уште тогаш, во времето на апостолите, колку поблизу ни е тоа сега, во нашите злокобни дни на отворено отстапување од Христа и прогонствата на нашата света вера и Црква?!
Доколку во тие судбоносни дни решиме да останеме со Христос, не само на зборови туку и на дело, тогаш, уште сега е неопходно, без двоумење да ги искинеме сите претходни врски и секој контакт со слугите на Антихристот кој доаѓа и кој во современиот свет веќе многумина привлекол на своја страна, со помош на лукавите изговори како што се “сеопшт мир” и “благосостојба”; а особено е важно и треба безусловно да се ослободиме од било каква потчинетост и зависност од нив, дури и во случај тоа да подразбира губење на нашата угодна позиција, па и опасност за нашиот земен живот.
Вечноста е поважна од краткотрајното живеење на земјата – токму за неа треба да се подготвуваме!
Затоа во секој сегмент и постапка треба да с# управуваме само според светата ревност за Бога, во Христа, без ни најмалку примеси на било какво лукавство или дволична политика.
Инаку н# очекува страшна пресуда: „Така, бидејки си млак, не си студен ниту жежок, ќе те изблујам од Својата уста“ (Откр. 3,16).
„И така, биди ревносен и покај се“ (Отк. 3,19).

Продолжува…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *