РЕВНИТЕЛКИ ЗА ПРАВОСЛАВНОТО БЛАГОЧЕСТИЕ: Монахињи исповеднички од кехровунскиот манастир на преподобна Пелагија од островот Тинос

 

 

tinosВо првите десет години од календарскиот раскол многу манастири  не ја примиле папската новотарија – т.н. нов календар. Но под влијание на силни прогонства, некои монаси потклекнале, додека други, заминале од официјалните манастири и граделе нови, за кои, денес со право може да се каже дека се тврдини на православието.

Така еден по друг, никнувале манастири и исихастриони (молчаници) кои денес и припаѓаат на Грчката Црква на Вистинските Православни Христијани (старокалендарци).

Во 1924 монахињите од Кехровунскиот манастир буквално дигнале востание, не плашејки се од тогашните епископи на расколничката Грчка црква (новокалендарска). Цврсто одбиле дури и да разговараат за одлуката под бр. 430/1-3-1924 на тогашниот Синод, во која се зборува за измена на преданискиот отечки – православен календар по нов – папски. Ниту советите, ниту заканите на сирскиот митрополит – новотарец Атанасиј Левондопулос не успеале да ги поколебат.

Ги посетил и главниот виновник за расколот, Архиепископот атински Хризостом Пападополус, надевајки се дека како историчар и универзитетски професор ќе успее да ги “вразуми”. Кога во поздравната беседа им се обратил како од сесрце: “Драги мои чеда”, добил строг но чесен одговор: “Ние ниту имаме ниту познаваме отец расколник кој латинствува. ”

Од речиси педесет монахињи, четири биле повикани на  црковен суд како главни виновници и поттикнувачи на 21.10.1925 год. Како вина го навеле: “прекинувањето на заедничарење со Црквата”. Им суделе, и на крајот, како казна,  донеле пресуда: забрана за света причест и прогонство од манастирот.

“Казнетите” монахињи охрабрени од останатите сестри во манастирот но и од благочестивиот народ, не ја послушале таа одлука. Не сакале да се одселат од своите келии и од манастирот во кој биле замонашени. Бидејки заради чудотворната икона на Богородица Тинска, манастирот го посетувале илјадници поклоници, монахињите го почнале големото мисионерско дело. Стојте цврсто и придржувајте се до преданијата!, Стојте до смрт во отечко- православниот календар – така ги започнувале своите проповеди…

 

Нивниот допринос кон исповедничката Црква ИПХ на Грција бил огромен. Митрополитот Атанасиј не можел да го поднесе мисионерството  на кехровунските монахињи па ги предал на синодалниот суд во Атина.

На први април 1926 година на улицата Света Филотеја започнало судењето на зилотките, монахињите – исповеднички: Меланија Минадора (73 годишна), Евпраксија Филипиду (48 годишна) и Касијана Конста (30 годишна).

 

монахиња касијана

  Монахиња Касијана Конста (30 год.)

 

Во четврток на петата недела од Великиот Пост, во придружба на полицијата ги довеле во просториите на синодалниот суд. Плоштадот пред митрополиската црква бил целосно исполнет со верници старокалендарци, кои почнале да се собираат уште од рани зори за да ги поддржат исповедничките. Исто така имало присуство на  полициски сили и два “водени топови”, за во случај на опасност да ги бранат “светите отци” од беспомошните монахињи…

 

Еве еден карактеристичен дијалог од судењето, кое го водела мајка Евпраксија со својот близок роднина Епископот тивски и ливадиски Синесиј:

“Внимавај – строго рекол – ако не се покаеш и ако не ја примиш одлуката на светиот Синод во врска со промената на календарот, самиот јас ке ти ја соблечам монашката одежда.”

монахиња евпраксија

             Монахиња Евпраксија

 

“Жал ми е – му одговорила – што во нашите вени тече иста крв. Само едно ќе ти кажам: повеќе сакам во рајот, макар и во световна одежда, ама како православна, одошто во монашко расо во пеколот заедно со расколниците!…”

На судењето присуствувале седум епископи: Хризостом Атински, Тимотеј Каливритијски, Дамаскин Коринтски, Доротеј Китријски, Пантелејмон Каристијски, Антониј Илијски и Поликарп Мегалополиски. Сите ги зазеле своите места и судењето започнало. Ги повикале монахињите да станат и да земат благослов од претседателот на судот Хризостом. Евпраксија, како игуманија, станала во името на трите, но не за да земе благослов од претседателот Хризостом, туку, во името на трите да одговори:

“Наше мислење е судот да почне со работа и да ни ја кажете вашата одлука што е можно побрзо, да завршиме веќе еднаш со тоа. Бидејки ние нема да земеме благослов од епископи новотарци.”

Бидејки се изредиле разни лажни сведоци, претседателот ги повикал да се бранат. Во нивно име, збор зела мудрата герондиса Евпраксија:

„Мислам дека не е потребно да се каже било што во наша одбрана. Бидејки вие и самите знаете дека нам денес не ни судите за обвинувањата кои ги користите како повод, туку заради наше цврсто стоење  во свето-отечкиот календар.  Со чиста совест и цврста одлучност ја чекаме вашата одлука, за која однапред велиме дека ни е сосема сеедно каква ќе биде таа.”

Потоа збор зел претседателот на судот – архиепископот Хризостом кој  се трудел на разни начини да докаже дека “корегирањето на календарот” на никаков начин не крши ниту еден канон од црковните правила.  Старицата Меланија повеќе не можела да ги издржи приказните на Пападопулос, па и покрај својата старост и изнемоштеност со туѓа помош станала и со растреперени раце од под расото го извадила свештениот Пидалион (Книга со Правила), и откако се поклонила, со треперлив глас од возбуда рекла:

“Зошто од мене барате да ја следам таа новотарија, кога овој свештен Пидалион грми дека Бог тоа не го сака.”

Потоа судот се повлекол заради донесување на пресудата. Не поминало многу време “светите отци” со театрална сериозност повторно ги зазеле своите места и претседателот ја прочитал својата пресуда:

“Расчинување од монашка схима и одлачување од Црквата!”

Монахињите смирено ја сослушале пресудата, со лица кои сјаеле од радост и задоволство. Се прекрстиле и рекле – “Ти благодариме сладок наш Исусе што не удостои да го доживееме овој голем момент”.

Голем број на луѓе кои надвор со нетрпение ја очекувале одлуката воодушевено ги дочекале монахињите – исповеднички. Многу од нив пробале да ги целиваат нивните одежди прославувајки ги така новите исповеднички на православната вера, чии молитви да ги имаме и ние. Амин.

(Преведено од грчки од книгата „Страдањата на ИПХ во период од
1924 г. до 1929 г.“ Пиреја 1991).

Превод: Р. К.

Извор: србин истински православан.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *