Раѓање на Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос

Кога се исполни времето Бог го испрати Својот Единороден Син (Гал. 4,4), да го спаси човечкиот род. И кога се исполнија девет месеци од благовештението кој и го соопшти архангелот Гавриил на Пресвета Дева, во Назарет, говорејќи: Радувај се благодатна!… еве ќе зачнеш и ќе родиш Син (Лк. 1, 28-31), во тоа време излезе заповед од кесарот Август да се направи попис на целиот народ во римското царство. Согласно со таа заповед секој требало да отиде во својот град и тамо да се запише. Затоа Праведен Јосиф дојде со Пресвета Дева во Витлеем, градот Давидов, бидејќи и двајцата беа од царското колено Давидово. Бидејќи во тој мал град дојде многу народ поради пописот, не можеа Јосиф и Марија во ниту една куќа да најдат конак, и поради тоа се засолнија во една овчарска пештера, каде што пастирите ги затвараа своите овци. Во таа пештера, а во ноќта помеѓу сабота и недела, на 25 Декември, Пресвета Дева Го роди Спасителот на светот, нашиот Господ Исус Христос. И Го роди без болки, исто како што Го зачна без грев, од Светиот Дух, а не од човек, таа самата го зави во ленени пелени, Му се поклони како на Бог, и Го положи во јасли. Потоа пристапи и праведен Јосиф и Му се поклони како на божествен плод на девствената утроба. Тогаш дојдоа и пастирите од полето, упатени од ангелите Божји, и Му се поклонија како на Месија и Спасител. И слушнаа пастирите мноштво ангели Божји како пеат: Слава на Бога во висините и на земјата мир, и меѓу луѓето добра волја (Лк. 2, 14). Во тоа време пристигнаа и тројцата мудреци од Исток водени од чудесната ѕвезда, со своите дарови: злато, ливан и смирна, и Му се поклонија како на Цар над царевите, и Го даруваа со своите дарови (Мт. 2, 11).

Така дојде во светот Оној чие што доаѓање беше проречено од пророците, и се роди онака како што претскажаа: од Пречиста Дева, во градот Витлеем, од коленото Давидово по тело, во времето кога во Ерусалим немаше цар од родот Јудин, туку царуваше туѓинецот Ирод. По многуте Свои праобрази и наговестувања, испратеници и весници, пророци и праведници, мудреци и цареви, се јави Он, Господарот на се и Цар над царевите, да го изврши делото на спасение на луѓето, кое не можеа да го извршат слугите Негови: ниту ангелите, ниту луѓето, ниту било кое друго создание, бидејќи требаше да ги спаси луѓето од гревот, смртта и ѓаволот. А само Бог е посилен од ѓаволот и од неговите злотворни сили: гревот и смртта. Тоа спасение го изврши овоплотениот Бог – Богочовек Христос Исус, Кој во Богочовечкото тело Свое – Црквата и ги спасува луѓето од гревот, смртта и ѓаволот, ги спасува со светите божествени Тајни и светите евангелски добродетели. Затоа, Нему нека Му е вечна слава и пофалба и поклонение од сите човечки битија во сите векови. Амин.

Преподобен Јустин (Попович)

Извор: „Житија светих за децембар“, Београд 1998, стр. 719-720.

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ.                    

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *