Црква и револуција: Прогресот на револуцијата

 Така, да резимираме: светската историја е непрестајна борба помеѓу два непомирливи религиозно-политички принципи: теократија и сатанократија. Теократија означува тип на општество во кое целокупниот живот на народот, вклучувајќи ја и политиката, првенствено е посветен на служење на Бога, Кој се доживува како вистински Цар над царевите и Господ над господарите. Строго говорејќи, вистинска теократија која што може да биде Царство Божјо на земјата е Црквата. Сепак, по човековиот пад и од него произлезените воени судири и занимавање со други недуховни активности, теократските општества уште од времето на царевите Израилеви направија извесна поделба на делокругот помеѓу црквата од една страна, која се посветува помалку-повеќе исклучливо на духовни работи, и круната од друга, која се посветува повеќе на материјалните работи, иако, и црквата и круната, како душа и тело, имаат иста цел, бидејќи станува за збор за симбиотска симфонија на власта (Види: I. N. Andrushkevich, „Doktrina sv. Imperatora Yustiniana Velikago”, Pravoslavnaa Rus, No. 4 (1529), February 15/28, 1995, стр. 4-12 (Р)).

 Сатанократијата, пак, ја укинува разликата помеѓу Црквата и државата и го потчинува општеството во сите негови сегменти на волјата на земниот владар кој се доживува како отелотворување на божеството (на пр. во стариот Вавилон и Египет), или безличен небесен поредок ( на пр. во древна Кина и во платоновската, аристотеловата или хегеловата философија), или, многу подинамично, потчинувајќи го моќниот историјски тек ( во марксизам-ленинизам). Чисти сатанократии се ретки по Христа, воглавно поради силниот православен христијански теократски идеал. Но, тој идеал е нарушен од една страна од псевдо теократиите какви што се папизмот и исламот, а од друга, од анти-теократските теории кои лукаво претендираат да бидат компатибилни со вистинскиот теизам, какви што се протестантската демократија и еврејскиот национализам. Конечно, по „пробниот круг“ во Француската револуција, чиста сатанократија дојде на власт во 1917 година, на рушевините на руската теократија. Оваа сатанократија претставува комбинација од елементи на сите претходни сатанократии, псевдо-теократии и анти-теократии: тоталитаризам и култ на личноста на древните пагански монархии и папизмот, фаталистичкиот детерминизам на исламот, колективистичкото величање на народот својствено на протестантските демократии, како и еврејскиот и другите видови на национализам.

          Додека пред 1917 година револуцијата направи само делимични пробивања во животот на Православните Цркви, во наредните десет години таа се вовлече во самото срце на нејзината надворешна организација, отстранувајќи ги последните побожни владици и водејќи ги помесните автокефални Цркви, можеби со поедини исклучоци, како на пример Мајката Црква Ерусалимска, кон отпаѓање од Вистината. Тоа доведе до појава на едно движење, на еден отпор на официјалните паднати Цркви, кое стана познато како „Вистинско Православие“, односно „Стар Календар“ или „Катакомбна“ Православна Црква, наспротив псевдо-православните или новокалендарските или „надземните“ официјални пандани. Најважни помеѓу нив се Вистинско Православната или Катакомбната Црква на Русија, Вистинско Православните или Старокалендарските Цркви на Грција и Романија, и Руската Задгранична Црква. Така, за разлика од надворешното единство, богатството и бројноста на Црквите на православното христијанство од 1914 година, денес пред нас е сликата на нивните мали, прогонети и надворешно поделени остатоци.  

 

Главниот принцип на оваа книга е да покаже како дојде до таа промена – како од Православната Црква од времето пред револуцијата настана Православната Црква на модерното време и какви се изгледите за нејзино оздравување денес, на крајот на дваесетиот век. Секако, лесно е да се преувеличуваат разликите помеѓу минатото и сегашноста. Во очи на катастрофата, црковниот живот беше, како што и можеше да се очекува, на ниско духовно ниво, покрај надворешниот раскош. Екуменизмот и социјализмот веќе го имаа посејано своето смртоносно семе, особено во образованите кругови. И национализмот произведе барем еден формален црковен раскол: оној помеѓу Грчката и Бугарската Црква. Катастрофата во голема мера претставуваше жетва на претходно посеаното зло семе. Освен тоа, нашите поделби помеѓу вистински православните Цркви, иако се штетни, веројатно, кријат повеќе единство во поглед на главните современи прашања, отколку што беше случајот помеѓу православните на почетокот на дваесетиот век.

Апостол Павле вели: „А потребно е меѓу вас да има и раздори, за да се истакнат подостојните меѓу вас“ (1. Кор. 11, 19). Никогаш вистинитоста на овие зборови не се покажа толку јасно како во дваесетиот век, кога мачениците пострадани во борбата против ереста на екуменизмот и комунизмот се броеја во милиони. Затоа, втора цел на оваа книга е да ја покаже славата на тој век: неговите маченици и исповедници. Зашто, да се бележат успесите на сатаната додека се игнорираат подвизите на оние кои во најтешките околности ја совладаа неговата сила, претставува извртување на вистината. Самиот Христос дојде за паѓање и подигање на мнозина во Израилот (Лк. 2, 34), а преку проучувањето на подигањето на едните и падот на другите во дваесетиот век ние и самите ќе дојдеме до потполно познавање на вистината.

А каква е таа вистина, чиешто пронаоѓање, се надеваме, ќе помогне овој скромен труд? Тоа е вистината за Црквата. Вистината е дека, Црквата, спротивно учењето на еретиците, навистина е Една, Света, Соборна и Апостолска. Вистината, дека, тоа единство, светост, соборност и апостолност до денешен ден се сочувани само во остатокот на Православната Црква кој е познат како Вистинска Православна Црква. Конечно, вистината дека во нашите денови, кои патријархот-маченик Тихон ги нарече денови на „триумф на сатаната и власт на антихристот“, вратите на пеколот нема да ја надвладеат Црквата, која е, и секогаш ќе биде единствен ковчег на спасението.

По молитвите на Светите Отци наши, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј  не!

 

  1. март / 2. април 2003. Крстопоклона недела

Св. Катберт, Епископ линдисфарнски Ист Хаус, Бич Хил, Мејфорд, Вокинг, Сари, Англија

Владимир Мос, „Летопис велике битке – Историја Православне Цркве у XX веку“ , Београд 2007.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *