Преп. Серафим Платински: Опасности на патот кон живата вера

14212642_625689194266013_8613545488342712735_n

Ајде да позборуваме за опасностите, кои нè очекуваат на патот кон живата и длабока православна вера. Слушајќи ги нашите разговори, би можеле да помислиме дека доволно е да се разгореме со ревност за Православието, и завршена е работата: ти веќе си во Царството Небесно. Но, за жал, имаме противник – ѓаволот; треба да направиме еден чекор – и тој е тука. Ќе зборувам за три насоки, од каде може да се очекува неговиот удар; тоа ќе ни помогне и подобро да разбереме, што е тоа вистинско христијанство. 

Првата опасност го очекува оној, кој започнува да чита православни книги, се занесува по нив, но погрешува во нивното применување во сопствениот живот. Свети Игнатиј Брјанчанинов (кој заедно со св. Теофан Затворник може да се наречат патеводна ѕвезда за денешниот век) напишал книга под наслов „Принос до современото монаштво“: до неговите зборови треба да се прислуша секој православен човек од нашето време. Тој ги предупредува неопитните читатели од прекумерното занесување по примерите од животот на светите отци и подвижниците: во спротивно, пишува тој „неостварената мечта за совршенство“ ќе ги затемне, ќе ги скрие зад себеси скромните задачи од секојдневниот христијански живот (гл. 10).

Тоа е широко распространета болест. Ние размислуваме за отшелнички подвиг, а покрај нас, веднаш пред нашиот нос, некој паднал во мака, и да му помогнеме – не ни паѓа ни на памет. Или пак „од позиција на возвишено христијанство“ почнуваме да ги понижуваме другите, заборавајќи за христијанската љубов и добрина, без кои сите наши „вовишености“ не вредат ни цент. Неопходно е на опит да се научиме како да го применуваме светоотечкото учење и самото Свето Писмо кон нашиот степен и практичните околности. Духовниот живот – не е теорија, не е алгоритам. Сè, што дознаваме во Православието треба да влезе, да израсне во нашиот живот. Се случува, читаме за исихазмот и за Исусовата молитва, усрдно ја произнесуваме – и остануваме како и порано слепи за своите сопствени страсти и глуви кон потребите на ближниот, а тоа требало добро да го научиме пред да пристапиме кон исихазмот. Секој треба да чита книги според своите сили и степенот на подготовка (оние, кои ги наброив погоре, се соодветни за почетниците), да чита без фантазии, со смирение, со јасно сознание за тоа, колку силно сме подложни на влијанието на светот и колку сме далеку од христијанското совршенство.

Втората болест на современото Православие е поврзана со првата: тоа е болеста на „пазење на правилата“. Во одредена мера, тоа е природна реакција на сите оние, кои штотуку ги отвориле очите за христијанската вера и духовниот живот: колку повеќе дознаваат за православното учење и обичаи, толку појасно ги гледаат заблудите и грешките од нивниот изминат живот, и толку поголема е желбата да се исправат. Тоа, се разбира е за пофалба, иако на почеток преовладува формализмот и изникнуваат многу нови грешки заради гордоста (која на сите ни е толку тешко да ја забележиме во себе). Но, ако вие сте цврсто уверени во својата правичност и постојано ги поправате другите, ако вие како одракав цитирате канони како доказ за туѓите нарушувања, ако несомнено излегува дека вие сè знаете подобро од другите – вие сте се заразиле од вирусот „пазење“. По тие симптоми се препознава духовната незрелост, и во нормални услови тие поминуваат самите од себе, според мерата на духовниот раст.

За жал, сепак, во наше време, кога духот на световњаштвото го труе дури црковниот живот, на многумина им се заканува хронична, неизлечлива болест на „пазење на правилата“. Сега, тоа веќе не е болест само на новообратените: епископот Кипријан (сега митрополит Оропско-Филиски), еден од најдостојните архиереи на Грчката старокалендарска црква, сведочи за преголемата штета, која „пазителството“ му ја нанело на грчкото Православие во вид на бескрајни спорови и расколи. Таквите борци за „православието“ можат смело да ги примат на своја сметка забелешките на една руска бабичка за еден активиста од новообратените американци: „Православие има и вишок кај него, само христијанството не се гледа…“ „Православието без Христос“ има и друго, пораспространето име: фарисејство. За фарисејот, кој со главата влегол во формализам, во буквата на црковните закони, исчезнува врската со нивниот животворен дух, со духот на вистинското христијанство. Јас не би сакал да критикувам никого одделно: сите ние вака или онака страдаме од таа болест. Мојата цел – е да ве предупредам за опасноста, да ве заштитам од губењето на контактот со бесценетата ризница, која Црквата ја сочувала за нашето спасение до денешните злокобни времиња.

Дури во умерена, не најзлобна форма, духот на „пазење ради пазење“ се покажува совршено бесплоден. Ќе наведам како пример еден наш добар познаник, светогорски монах од бројот на таканаречените зилоти. Општо, во споредба со другите, тој е далеку од фанатизмот: ја признава благодатноста на Светите Тајни на православните цркви од новиот стил, зема благослов од нашето духовенство и т.н. Сепак, што се однесува на зилотскиот принцип за литургичко општење, тој го пази совршено неповредливо, имено: избегнува општење не само со оние епископи, кои се отклониле од православната вистина (како, на пример, Константинополскиот патријарх), и не само со оние кои општат со него, но и со сите оние, кои вака или онака, преку некаков си број на меѓусебни врски, може да припаднат на синџирот на општење. Со самото тоа, на пример, сета Руска Задгранична Црква во неговите очи излегува „заразена“ заради случаите на литургиско општење со другите православни цркви; бидејќи во наше време посакуваниот од нив степен на „чистота“ практично е  недостижен, тој се наоѓа во општење само со својот свештеник и мала група светогорски монаси: сета останата Православна Црква според нивното мислење е „извалкана“.

Можеби навистина на земјата останаа само грст пазители на совршено „строго“ и „чисто“ Православие; Но, во сиот свет да има само десет православни христијани, со кои може да се одржува единството во верата и Св. Причест – тоа, безусловно, не може да биде. Јасно како ден, дека тоа е ќорсокак: дури и ако разумот се согласи со таквото формално Православие, верното срце никогаш нема да го прими: во него нема место за вистински христијански живот. Треба да најдеме начин помалку да се грижиме за „пазењето“ а повеќе – за самата суштина на Православието.

Конкретно, болеста на „пазење на правилата“, постојано се пројавува. Добро е што претпочитаме икони од традиционални византиски образи; но лошо е, што демонстрираме небрежност кон посовремените икони со живописниот стил, кои сеуште се сочувале кај нас во многу цркви. Истото треба да биде кажано и за црковното пеење, архитектурата, правилата на постот, за коленоприклонувањата и др. Трудејќи се по можност да се придржуваме до воспоставените правила, ние сме должни да помниме, дека тоа се надворешни страни на Православието: Тие имаат сила само тогаш, кога зад нив – е духот на вистинското христијанство, за кого зборува св. Тихон. Антихристот во повеста на Владимир Соловјев, за да ги привлече кон себе православните верници, отвара музеј од хрисијанската древност. Не е исклучео, дека и обликот на самиот Антихрист (Откр. 13, 14) ќе биде издржан во строго традиционален византиски стил: треба да се размислиме над таквата трагична можност.

И на крај, третата опасност: за неа ќе спомнам накратко, затоа што за нашата Црква, таа, за среќа, не е карактеристична. Станува збор за таканареченото „харизматично движење“ кое претендира на „стекнување на Светиот Дух“ според една или друга протестантска методологија. Тука има толкаво надуено самозадоволство, толку препознатливи, според православните извори, знаци на духовна измама (прелест), што и не вреди да се зборува за тоа: со Православието, тие тешко дека ќе најдат нешто заедничко.

Јеромонах Серафим (Роуз)

Преземено од: ppe.mk

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *