ПРЕПОДОБЕН ЈОВАН МОСХ: ЛИМОНАР (17)

ГЛАВА 37

 За епископот кој го остави својот трон и се вработи како обичен работник

Од отците слушнавме за некој епископ кој ја напуштил својата епископија и отидел во Теoполис каде што живеел работејќи и помагајќи им на ѕидарите. Во тоа време управник на целата источна област беше Ефремиј[1], маж милостив и добродушен. Тој, по земјотресот кој го уништи речиси целиот град, ги обновувал јавните згради. Една ноќ, Ефремиј приметил како врз главата на работникот се симнува огнен столб. Истото го виде, не само еднаш, два или повеќе пати, туку многу често и бидејќи беше зачуден, размислуваше што би требало тоа да значи. Ефремиј не знаеше дека овој работник е епископ. А како можеше да знае, кога пред себе гледа човек со разбушавена коса, со валкана облека, сиромав, измачен од заморната и исцрпувачка работа. Еден ден, Ефремиј го повика тој работник сакајќи од него самиот да дознае кој е тој, и почна да го распрашува од каде е и како се вика.

„Јас припаѓам на сиромасите на овој град и немајќи со што да се издржувам, работам како работник и така Бог ме храни преку мојот труд.“

Поттикнат од волјата Божја, Ефремиј на тоа рече:

„Те уверувам дека нема да оставам на мир се додека не ми раскажеш за својот живот.“

Епископот виде дека повеќе неможе да ја прикрива вистината за себе.

„Дади ми збор дека на никого нема да му ја откриеш приказната за мојот живот, а јас ќе ти кажам се за себе, освен моето име и градот од кој што сум.“

Тогаш Ефремиј му се заколна: „За тебе и твојот живот ништо нема да говорам, се додека Бог не посака да те земе од земјата.“

Овој тогаш му рече:

„Јас сум епископ, и поради Бога ја оставив својата епископија и дојдов во овие непознати краеви, мачејќи се и живеејќи како работник. Од мојата работа си го обезбедувам секојдневниот леб. Што се однесува на тебе, зголеми ја милостињата колку што можеш, бидејќи овие денови Бог ќе те воздигне на апостолскиот трон на Црквата во Теoполис, за да го напасуваш народот Божји, за кој се до својата крв се трудеше Господ Исус Христос, вистинскиот Бог наш. Како што ти веќе реков, труди се околу милостињата и Православието „бидејќи со такви жртви се угодува на Бога“.

Кога Ефремиј го слушна ова, Го прослави Бог, велејќи:

„Колку тајни слуги свои има Бог кои само Нему се Му познати!“

По неколку дена сето тоа се оствари.

[1] Св. Ефремиј бил управник на Источната епархија за време на владеењето на Јустин, во времето 518-527, а при владеењето на Јустинијан бил антиохијски патријарх во времето од 527-546. Се празнува на 7 март.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *