ПРЕПОДОБЕН ЈОВАН МОСХ: ЛИМОНАР (16)

ГЛАВА 36

 За тоа како патријархот антиохијски Ефремиј[1] преобрати еден севиријански монах

Некој од отците ни раскажа за блажениот Ефремиј, патријархот антиохијски, дека бил голем ревнител за православната вера.

Кога еднаш слушнал за некој столпник кој живеел во околината на Ерапол, а имал литургијско општење со еретиците севиријани и акефали, кои себе се отсекле од светата православна вера, тргнал кај него со намера да го врати под закрила на Црквата. 

Штом дојде кај солпникот, почна овој блажени Ефремиј да го советува и моли да се врати под закрилата на апостолскиот трон и да прифати светотаинско општење со светата Соборна и апостолска Црква. На ова столпникот му рече:

„Јас нема така лекомислено да го прифатам Халкидонскиот Собор.“

„На кој начин, тогаш, сакаш целосно да те излечам и да ти докажам дека по благодатта на Христа Исуса и нашиот Бог, нашата Црква е чиста и неизвалкана од секоја нечистота на еретичките учења?“

Тогаш столпникот му го предложи следното:

„Ајде, господине патријарху, да запалиме оган, па и ти и јас да влеземе во него, и кој ќе излезе неповреден од огнот, нека се знае дека тој е православен и него треба да го следиме.“ а ова го кажа за да го исплаши патријархот.

Но, божествениот Ефремиј вака му одговори:

„Требаше, чедо мое, да ме послушаш како татко и од мене ништо друго да не бараш. Но, бидејќи побара работа која што ги надминува моите скромни духовни можности, се надевам на милосрдието на Синот Божји, дека, поради спасението на твојата душа, и тоа ќ его направи можно.

Тогаш Ефремиј на луѓето кои што се затекнаа таму, им рече:

„Нека е благословен Бог, донесете дрва.“

Кога дрвата беа донесени, патријархот ги запали пред столбот и се обрати кон столпникот:

„Симни се за и двајцата, како што одлучи ти, да влеземе во огнот.“

Но, столпникот запрепастен од силната вера на патријархот, не сакаше да се симне, тогаш овој повторно му рече:

„Зарем, не беше ти оној кој што го предложи ова? Како сега повеќе не сакаш да го направиш тоа?“

Тогаш патријархот, го симна омофорот од себе, се приближи кон огнот и помолувајќи се рече:

„Господе Исусе Христе, Боже наш, кој не’ удостои вистински да се овоплотиш од Владичицата наша, Пресвета Богородица и Приснодева Марија, покажи ни ја вистината.“ и кога ја заврши молитвата, го фрли омофорот среде огнот. Кога огинот се изгасна, бидејќи гореше три часа, се додека не се угасија дрвата, омофорот е пронајден цел, недопрен и без ниту најмала трага од огнот.

Кога столпникот виде што се случи, тој го проколна Севир и неговата ерес, присоединувајќи се кон светата Православна Црква и благословувајќи го Бога прими света Причест од самите раце на блажениот Ефремиј.

[1] Св. Ефремиј бил управник на Источната епархија за време на владеењето на Јустин, во времето 518-527, а при владеењето на Јустинијан бил антиохијски патријарх во времето од 527-546. Се празнува на 7 март.

Продолжува…

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *