ПРЕПОДОБЕН ЈОВАН МОСХ: ЛИМОНАР (15)

ГЛАВА 34

 За патријархот Александар[1]

Градот Теуполис имал и еден друг патријарх по име Александар, кој бил многу милостив и срдечен човек.

Еднаш, некој од неговите службеници украдел дел од неговите драгоцености и поради страв побегнал во египетска Тиваида. На патот го пресретнале крвожедни етиопски варвари и го одвеле со себе во своите краеви. Штом за тоа дознал овој Александар, веднаш го откупил својот службеник за осумдесет и пет златни пари. Кога заробеникот се вратил од варварите, патријархот го дочекал со многу човекољубие и добрина, така што, некој од жителите на градот рекол:

„За човек нема ништо покорисно, од тоа, да му згреши на патријархот Александар.“

Друг пат, пак, еден од ѓаконите го навредил овој чудесен Александар и тоа пред сите клирици, Патријархот, длабоко поклонувајќи му се, рекол:

„Прости ми, господине брате.“  

ГЛАВА 35

За Илија[2] архиепископот ерусалимски и Флавијан[3] патријарх антиохијски

Авва Полихрониј ни говореше за авва Илија, архиепископот ерусалимски, дека никогаш не пиел вино, ни како монах, ниту подоцна кога станал патријарх.

Се зборуваше за архиепископот ерусалимски и архиепископот антиохијски Флавијан дека царот Анастасиј[4] ги протерал во прогонство, бидејќи останале верни на одлуките на синодот на Халкидонските Отци[5]. И тоа, Илија во Аила, а Флавијан во Петра. Еден ден овие двајца се сретнаа и еден на друг си рекоа:

„Денес умре Анастасиј. Ајде и ние да се судиме со него.“ 

По два дена и двајцата заминаа при Господа. 

[1] Александар бил антиохијски патријарх во 413-417 г, веднаш по св. Јован Златоуст.

[2] Станува збор за блажениот Илија, арапин по потекло, кој бил патријарх ерусалимски (494-516) за време на царот Анастасиј (491-518). Во тоа време Црквата Христова ја вознемирувала монофизитската ерес, чиј родоначалник бил архимандрит Евтихиј, а која учела дека во Господ Исус Христос се наоѓа само овоплотениот Логос, односно само Неговата Божествена природа. Евтихиј не разбрал дека Христос е совршен Бог, а истовремено и совршен Човек, како то учи светата Православна Црква. Четвртиот Вселенски Собор (халкидонски 451.) ги осудил и монофизитската ерес и нејзините следбеници. Меѓутоа, оваа ерес уште долго го нарушувала мирот на Христовата Црква, а исто така и пустинските монашки заедници. Од оваа ерес, подоцна во VII век, се изродија други – монотелитската и моноенергетската ерес кои тврделе дека во Христа има само Божествена волја и дека од Него зрачи само Божествена енергија. И оваа ерес беше осудена и тоа од страна на на VI Вселенски собор во 681 г. во Цариград. Блажениот патријарх Илија многу се трудел да го сочува мирот во Црквата. Меѓутоа, бидејќи го анатемисал монофизитот Севир, антиохијскиот патријарх и неговата ерес, во 516 г. е протеран во градот Аила. Дознавајќи за неправдата нанесена на блажениот Илија, свети Сава Освештени горко заплакал. Тој и неговите монаси редовно го посетувале патријархот се до неговата смрт.

 

[3] Антиохијскиот патријарх Флавијан (498 – 512) во 512 е протеран во градот Петра бидејќи ги почитувал одлуките на IV Вселенски собор. Патријарх Илија и патријарх Флавијан умреле во истиот ден, на 20 мај 518 г.

 

[4] Царот Анастасиј бил император (491-518). Под влијание на Севир станал монофизит и многу неправди и направил на Христовата Црква и на нејзините верни пастири.

 

[5] Се мисли на VI Вселенски Собор во Халкидон 451г.

Продолжува…

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *