Преподобен Јован Мосх: Лимонар (14)

ГЛАВА 32

Обраќање на Вавил комедијантот 

Имаше еден комедијант во Тарс Киликијски по име Вавил. Тој имаше две пријателки. Едната се викаше Комита, а другата Никоса. Вавил во својот живот правеше работи кои се долични само на луѓе кои соработуваат со демоните. Еден ден отиде во црквата, и тоа, баш во денот кога, по промислата Божја, се читаше дел од Евангелието во кое се вели: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“. Овие зборови длабко допреа до неговото срце и тој почна да плаче, да размислува и да се кае за сето зло кое го направи во овој живот. Истиот миг, откако излезе од црквата, ги повика своите две пријателки и им рече:

„Вие знаете во каков блуд живеев со вас двете, подеднакво блдствувајќи со секоја од вас. Сега задржете се што ви поклонив, земете го и целиот мој имот и поделете го помеѓу себе. Јас денес заминувам, се откажувам од светот и одам да станам монах.“

А тие, како со една уста му рекоа:

„Во гревот и во погибелта на душата ние те следевме, а сега не’ оставаш кога сакаш да направиш богоугодно дело. Искрено ти велиме, не оставај не’, сакаме да те следиме и во доброто кое што го правиш.“ 

 

ГЛАВА 33

 За светиот архиепископ Теодот[1]

Некој од отците ни раскажуваше дека во Теуполис живеел еден архиепископ по име Теодот, кој бил толку добар, што во празнични денови имал обичај да повика на ручек некој од своите клирици. Кога некој од нив немало да дојде, тогаш тој молчел, но повторно при некоја друга прилика, лично одел таквиот човек да го замоли да дојде на ручек.

 Истиот отец, уште ни раскажуваше за архиепископ Теодот, дека бил толку кроток и смиреноумен што при патување, кога тој морал да седе во колата, а клирикот да јава на коњ, говорел: „Дојди, оче, да ја поделиме тежината на патувањето и да ги замениме местата, така што, и ти да не се премориш цел пат јавајќи, а јас седејќи во колата.“

Но, клирикот секогаш се стегал да го послуша изговорувајќи се дека не е примерно архиепископот да патува јавајќи на коњ, додека неговиот клирик се вози во колата.

Архиепископот останувал на своето и на крајот успевал да го измоли клирикот да ги променат местата.

[1] Теодот беше антиохијски патријарх 417, или 420-428 како наследник на патријархот Александар.

Продолжува…

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *