Преподобен Јован Мосх: Лимонар (13)

ГЛАВА 30

Друго чудо со светата Причест

Таде е трговски центар на Кипар во чија близина се наоѓа манастир по име Филоксен. Поминувајќи оттаму најдовме во манастирот еден монах со потекло од Мелитинскиот остров, кој се викаше Исидор. Видовме како непрестано плаче, горко офкајќи. Многумина го тешеа за барем малку да му ја ублажат тагата, но тоа беше без успех и тој и понатаму плачеше, едвај изговарајќи:

„Јас сум голем грешник, толку голем, што уште од Адама па до денес таков нема постоено на светот.“

Ние на тоа му рековме:

„Навистина, господине авва, никој не е без грев „освен единиот Бог“.

А тој ни рече:

„Ве уверувам браќа, дека, кај ниту еден човек, без обзир дали тој е писмен или не, не најдов таков грев каков што направив јас. Но ако мислите дека прекумерно се осудувам, слушнете прво за мојот грев за да се помолите за мене на Бога:

Додека живеев во светот бев оженет. И мојата жена и јас припаѓавме на севировата ерес.

Еден ден, се вратив дома и не ја затекнав својата жена таму и кога прашав каде е, ми рекоа дека отишла кај сосетката, која припаѓа на Православната Црква, да се причести. Веднаш отрчав таму за да ја спречам својата жена да се причести. Влегов во куќата баш во моментот кога мојата жена ја примаше светата Причест, ја фатив за грлото и ја натерав да ја исплука светата Честица, која потоа ја фрлив преку прозорот во една бара. Веднаш видов како молња, симнувајќи се од небото, ја зеде Честичката и ја однесе со себе.

По два дена, дојде код мене некој Арапин облечен во партали и ми рече:

„Ти и јас сме осудени со иста казна.“

„Кој си ти?“

„Јас сум оној кој Господа Исуса Христа го удри по вратот за време на Неговите страдања.“

Еве зошто неможам да го сопрам својот плач,  ја заврши својата приказна монахот.

ГЛАВА 31

 Обраќање на блудницата Марија 

Двајца монаси одеа во Тарс Киликијски. Кога, по промисла Божја, свратија во една гостилница за да се заштитат од дневната жега, затекнаа таму тројца момчиња кои одеа во Егеј, водејќи со себе и една блудница. Монасите седнаа одвоено од нив. Еден од монасите извади Евангелие од својата торба и почна да чита. Тогаш, блудницата која што беше во друштвото на тие момчиња, кога виде дека монахот чита, го остави своето друштво и дојде да седне до него. Тој се обиде да ја истера говорејќи:

„Изгледа многу си бесрамна. Зарем не ти е срам да седнеш близу нас?“

Одговарајќи му, таа реч:

„Не оче, не отфрлувај ме. Навистина, полна сум со секаков грев, но ни господарот на сите нас, Господ и Бог наш, не ја отфрли блудницата која што Му пристапи.“

„Да, но блудницата за која што ти говориш престана да блудничи.“

„И јас се надевам во Синот на Живиот Бог дека од денес повеќе нема да останам во овој грев.“

 Блудницата ги остави момчињата и се што имаше со себе и тргна со монасите. Тие ја сместија во еден од манастирите во близина на Егеј по име Накива. Јас повторно ја сретнав, веќе како старица која што живееше во големо смиреноумие и целомудрие, а сето ова што го напишав го слушнав од неа самата.

Продолжува…

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *