Преподобен Паисиј (Величковски) (1722-1794)

 

 

            1-veli4kovski8На духовното делање, преподобниот Паисиј (Величковски) се научил на Атон, родното место на руското монаштво, лулката на аскетското просветување, кое што му недостасувало на старецот во руските манастири и молдавските скитови.

            Но, и Атон во тоа време бележил голем пад. Посетувајќи ги монасите, преподобниот барал за себе духовен отец – раководител, но не пронајдел и затоа пребивал сам, поминувајќи го животот во голема строгост.

            Постепено околу преподобниот Паисиј почнале да се собираат монаси кои сакале строг аскетски живот. Преподобниот Паисиј, советувајќи сѐ со своите браќа, од манастирот Пантократор ја купил старата ќелија посветена на св. Пророк Илија и повторно го создал Илинскиот скит. Монасите овде изградиле црква, трпезарија, пекара, гостоприемна и шестнаесет ќелии. Старецот немал намера братството од шестнаесет души да го зголемува, и затоа изградил шестнаесет ќелии. Славејќи го Бога, монасите со радост се населиле во своето ново прибежиште. Многумина од светогорските браќа  и од новодојдените, кога го виделе таквиот богоугоден живот на Писијевото братство, усрдно го молеле старецот да ги прими во своето стадо. Старецот бил принуден да ги прима. Ќелии за ново придојдените немало, но тие граделе ќелии при камените карпи под првите ќелии. Сите заедно се труделе, а и самиот Старец  преку денот правел лажици, а преку ноќта тој не спиел повеќе од три часа, и се занимавал со превод на светоотечки книги од грчки на словенски јазик и поправање на древните словенски текстови. Од еден од своите браќа – Макариј, тој се научил не само на разговорниот новогрчки јазик, туку и на древниот книжевен. Освен скитското братство, многу светогорски монаси од другите обители били духовни чеда на преподобниот. Дури и Свјатејшиот патријарх Серафим, кој живеел во манастирот Пантократор, неретко го посетувал Старецот за духовни беседи – некогаш доаѓал пеш, а понекогаш на осле. Често, патријархот и постарите монаси во Пантократор го повикувале старецот за служење на Божествената Литургија.

            Старец Паисиј секогаш служел со длабоко смирение, побожност и солзи. Неговото служење толку на сите ги трогнувало, што некои од изобилни чувства и солзи не можеле да продолжат со службата и излегувале на некое време од храмот, за да се успокојат. Плачеле речиси сите, а плачел и старецот-патријарх со трогнато срце, говорејќи: „Слава Богу! Слава Богу!“

            Братството на преподобниот, се повеќе и повеќе се умножувало, и обителта веќе станала претесна. По совет на атонските монаси, преподобниот Паисиј половина браќа ги преселил во запуштениот Симонопетра, но турците го запреле да отиде од тука: тие зеле од него седумстотини левови за да се исчисти долгот на манастирот, а сакале и уште да земат, и затоа старецот останал уште три месеца. Тоа збиднување било и повод, кое го побудило на преподобниот Паисиј и неговите ученици, да ја остават Света Гора и да преминат во Молдо-Влахија, прво во Драгомирна, а потоа, по руско-турската војна, кога дел од молдавската земја преминала кон Австрија, во Њамецкиот манастир.

            Времето на пребивање во Молдо-Влахија било, кога веќе старецот, очигледно за сите, се појавил во величината на својот старчески опит и кога светлината на Њамецката Лавра, почнала да ја осветлува цела Русија.

            Таа околност, што старецот се преселил во Молдавија, а не во Русија, лесно се објаснува. Преподобниот Паисиј многу ја љубел Русија, но да се премине во Русија за него би значело да го уништи своето дело. Тогаш времето во Русија било мрачно, од Екатерина I, до Екатерина II. За време на владеењето на Екатерина II било воведено монастирских штатов, погубувајќи многу манастири. Биле затворени три четвртини од руските манастири. Молдавија била слободна од тој опит на зголемување на средствата на царството, за сметка на уништените и затворени манастири. И тие незгоди, кои што ги трпел преподобниот Паисиј, биле ништо во споредба со тие што го очекувале во Русија. И затоа, тој мудро одбрал за себе место надвор од Русија. Особено, митрополитите Платон и Гавриил, и некои други добри иерарси на таа епоха, му покажувале на старецот љубов и внимание, но во Русија не го повикувале.

            Самата личност на старецот многу влијаела на сите, и самото негово присуство ги воодушевувало на подвиг. Тој бил преисполнет со благодатните дарови на Духот, со премудрост и разум, совети и крепост, раководење и благочестие -–Духот на старецот Божји. Преисполнет со голема љубов кон ближниот, тој бил тивок и мирен, кроток долготрпелив и детски незлоблив. Смирениот изглед на преподобниот Паисиј, сјаел со чистотата на целомудрието, и самото лице на старецот сјаел со одблесок на небесната слава. Неговиот очистен изглед го откривал таинственото. Тој ја предвидел смртта на својот благодетел, војводата Григориј Гики, тој често во сон гледал меч, кој стоел над главата на војводата, кој наскоро бил казнет од турскиот султан. Двајцата нетрудољубиви монаси, старецот со солзи ги молел да го поправат својот живот, но тие не го послушале. И ете, едниот наскоро се удавил, а другиот умрел по патот. При неговата пламена молитва, во тоа време, се случувале многу чуда од иконата на Божјата Мајка.

            Целиот живот на старецот бил посветен во служење на монаштвото. Заслугата на преподобниот Паисиј се состои во тоа, што тој со својот пример и со примерот на своето братство, ги обновил древните темели на монашкиот живот, на кои што монаштвото процветало, од заборавот поради кој што тој паѓал се пониско и пониско. Тој темел – молитвата Иисусова и целиот чин на молитвениот подвиг, духовното, аскетско просветлување, општежитието и старческото раководство на почетниците со откривање на помислите. На тие основи било и создадено братството на преподобниот Паисиј, кое што броело неколку стотини луѓе. На братството, тој самиот бил пример, и го раководел во течението на многу години, и успеал да воспита такви подвижници, кои длабоко го примиле неговиот дух и по неговата смрт се јавиле како обновувачи на монаштвото по цела Русија.

              Но со тој подвиг не завршува големата заслуга на старецот. Тој имал и друг подвиг, подвиг на преведување на аскетаска литература на руски јазик, односно, самиот извор на монашко просветување. Навистина, и до преподобниот Паисиј имало преводи на неколку аскетски дела на древните Отци на монаштвото, но тие преводи веќе станале ретки, тие биле случајни, и што е најважно биле заборавени во практичниот живот.

            Многу труд, сила, здравје, време и средства потрошил на тоа преподобниот Паисиј, за тоа научил и старогрчки јазик. Времето на Света Гора, било претежно време на собирање ракописи, а животот во Молдавија било време на превод и примена во животот учењето на Светите Отци. Од преводите на Старецот и биле составени прирачници за монасите: „Добротољубие“, „Лествица“ и „Поуките на преподобен Исаак Сирин“. Старецот со своите преводи и примената на отечките аскетски поуки во секојдневниот живот го обновил руското монаштво.

            Подвигот на преведување на светоотечки книги, како и подвигот на личното раководство на животот на монасите, го носел се до својата смрт. Кога веќе изнеможел од староста, тој се трудел седејќи на постелата, целиот опкружен со книги, а понекогаш преку ноќта, при светлината на свеќата, пишувал и пишувал, не гледајќи на тоа, што целиот бил во рани.

            Неколку дена пред смртта тој сеуште ги читал и поправувал преводите.  

            Како водач на монаштвото, преподобниот Паисиј, кога можел, им помагал и на мирјаните. Вознесение – храмовиот празник на Нјамецката Лавра. Одамна на тој празник се собирало многу народ, не само од Молдавија и Влахија, но и од словенските земји. Старецот сите поклоници љубезно ги примал, им благодарел на трудот што го вложиле за да ја посетат обителта, и на секому му покажувал радост и гостопримство, и им служел, со што можел. Во тие четири дена, вратата на неговата ќелија била отворена и дење, и ноќе.

            Уште при животот, Старецот имал голема слава во Православна Русија, како помеѓу повисоките слоеви на општеството, така и помежу простиот народ. Митрополитот Санкт-Петерсбургски Гавриил, се допишувал со него и го издал „Добротољубие“. Архиепископ Амвросиј Екатеринославски, местоблустител на Валахската митрополија, кога бил со кнезот Потемким во Јаса, на четири дена престојувал во Нјамецката Лавра и таму го поминувал времето, разговарајќи со старецот, кој за неговото служење во манастирот, во воздигнал во чин архимандрит ( во 1790 година). Славата на Старецот среде простиот народ, во неговиот манастир носела стотици луѓе. Но, таа слава на светиот старец, не само што не го возгордеала, туку уште повеќе го смирувала.

            Исполнувајќи го својот голем призив и достигнувајќи длабока старост, старецот се приближил до смртта, откако претходно четири дена бил болен. Старецот се упокоил на 15 ноември 1794 година. 

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *