Преподобен Нил Сорски (1433-1508)

 

           280px-nilsora Преподобниот Нил за руското монаштво бил таков учител-писател, какви што за истокот биле преподобните отци Исаак Сириски, авва Доротеј, Варсонуфиј Велики, Јован Лествичник, Нил Синајски и други.

            Преподобниот Нил по потекло е од дворјанскиот род Маикови, се родил во 1433 година и почетокот на својот монашки живот го поставил во Кириловата обител, каде што се ползувал од советите на мудриот и строг старец Паисиј Јарославски. Заедно со својот ученик и сотрудник, монахот Инокентиј, кој потекнува од болјарскиот род Охлебинини. Неколку години преподобниот живеел на Света Гора и во константинополските манастири. Овде тој ги изучил сите видови на монашкото подвижништво, а особено – скитскиот живот. Преподобниот Нил секогаш најмногу се грижел да проникне подлабоко во смислата и духот на умното монашко делање, на внатрешното самоиспитување, притоа, се применувајќи на себе и на својот духовен живот. Тој внимателно ги проучил и со опит ги поминал духовните совети на богомудрите древни отци: Антониј Велики, Ефрем и Исаак Сириски, Варсонуфиј, Јован Лествичник, авва Доротеј, св. Максим Исповедник, св. Исихиј, св. Симеон Нов Богослов, св. Петар Дамаскин, св. Григориј, св. Нил и св. Филотеј Синајски. На Атон, кај него се појавила мисла, кога ќе се врати во татковината, да започне нов скитски начин на живот по примерот на источните подвижници.

            Во времето на преподобниот Нил во Русија имало два вида на подвижништво: општежителен и отшелнички. Преподобниот Нил ставил почеток на третиот – среден пат на подвижништво: монасите живееле еден до друг на такво растојание, колку што можеле да си го слушнат гласот еден на друг, а секој сам се подвизувал.

            Враќајќи сѐ во Белоезерскиот манастир, преподобниот Нил повеќе не останал да живее во него, туку во неговата близина си направил ќелија, а потоа се одалечил за петнаесет врсти, каде што подигнал Крст, најпрво изградил параклис и поодалечена ќелија  при неа ископал бунар, а кога кај него се собрале неколку браќа, тогаш изградил дрвена црква посветена на Сретението Господово. Како за себе, така и за своите ученици, преподобниот Нил не поставил правило за општежитие, туку строго за скитски живот. Трудот и подвигот на скитскиот живот се состои во внатрешното подвижништво, строго внимавање на состојбата на душата, и во нејзиното очистување со молитва и богомислие. Во своето знаменито „Предание за живеење од Светите Отци на своите ученици“, или скитски Типик, преподобниот Нил основно внимание обрнува на внатрешниот духовен живот во Христа, на чисто духовно воспитување на човекот-христијанин.

            Преподобниот Нил го знаеле и уважувале руските иерарси. Кога во Новгород се појавила еврејската ерес и насекаде било распространето очекувањето на крајот на светот во 1492 година, архиепископот Новгородски Генадиј, побарал од Иоасаф, архиепископот Ростовски, да се посоветува со преподобниот Нил, што мисли тој за тие очекувања. Во 1490 година, старците Паисиј и Нил биле повикани во Москва на Собор против ереста. Според летописите и актите е познато, дека во 1503 година бил уште еден собор во Москва. Преподобниот Нил присуствувал и на тој собор. Преподобниот Нил, строгиот отшелник, внесено било во соборните расудувања, предложил манастирите да се ослободат од имотите. Преподобниот Нил предложил во околината на манастирите да нема имот, „за да живееме како монаси во пустина, а да се занимаваме со ракоделие“. Мислењето на св. Нил го прифатиле и многуте монаси на Кирило-белоезерскиот манастир, и дури и некои од другите манастири.

            Умирајќи, блажениот Нил на своите ученици ги оставил следните завети:

            „Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Заветувам за себе, на моите господа и браќа, кои се мој дух. Ве молам, фрлете го моето тело во пустината, за да го изедат ѕверовите и птиците, зашто многу има згрешено пред Бога и е недостоен за погреб. Ако тоа не го направите, тогаш, ископајте дупка на местото каде што живеев, и погребете ме со секакво бесчестие. Бојте се од зборовите на Великиот Арсениј, кој на своите ученици им заповеда, велејќи: На суд ќе застанам со вас, ако некому му го дадете моето тело. Се трудев, според мојата сила, да не бидам удостоен со почестите и славата на овој век, како во овој живот, така и по мојата смрт. Ве молам, да се помолите за мојата грешна душа, и барам прошка од сите, а и од мене нека биде простено: Бог да ни прости на сите нас“.

            И предсмртната желба на големиот ревнител на сиромштијата и смирението се исполнила: неговата обител останала една од најмалобројните и најбедните на Северна Русија.

            Царот Јован Грозни во 1569 година сакал да изгради храм од камен над гробницата на преподобниот Нил. Но, богоносниот ревнител на скитската простота, во видение на сон, му забранил на царот.

            Поминале неколку столетија, и веќе во XIX век повторно се родила мислата за камена црква во чест на преподобниот Нил, но сводовите се срушиле, при што тројцата работници кои што работеле во црквата, чудесно се спасиле од погибел.

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *