Преподобен Авва Исаија: За запазувањето на умот

 

avva IsaijaНа умот му е својствен природниот гнев спрема страстите. Во човекот треба да има гнев против се што внесува нечистотија во него и да се гневи против се она што го сејат во него неговите духовни непријатели. Сакајќи да дојде до овој гнев, кој му е природен и својствен на умот, тој ги отстранува сите свои желби се додека не дојде во состојба, која му е својствена на умот, во состојба, во која и душата и телото потполно му се потчинети на духот.

                Кога борејќи се против непријателот, видиш дека неговите сили ослабнуваат и почнуваат да бегаат од тебе, нека не се радува твоето срце поради тоа, зашто тие направиле стапица за тебе. Тие ти подготвуват напад пострашен од првиот. Отстапувајќи пред тебе тие оставиле зад твојот град во заседа голем дел од своите сили кои се притаиле и не се движат. И кога си ги нападнал, тие избегале пред тебе, како да се немоќни. Но, ако твоето срце се погордее и помислиш дека ти си ги протерал, тогаш и тие што се во заседа, зад тебе, ќе станат против тебе, ќе се свртат против тебе и тие што пред малку бегале, па ќе те заобиколат од сите страни, така што не ќе имаш каде да се засолниш. Овој град е молитвата, борбата против непријателите е борбата против лошите помисли, со помошта од Господа Исуса Христа, борбата против нив е светиот и природниот гнев.

Да стоиме, возљубени браќа, во стравот Божји, да ги пазиме добродетелите, да не и ставиме препка на нашата совест, туку да внимаваме на себе си во стравот Божји, се додека и таа не се ослободи заедно со нас, така што меѓу нас и неа да има единство, и најпосле да стане наша пазителка и да ни укажува на се од што можеме да се препнеме. Но, ако почнеме да не ја слушаме, таа ќе отстапи од нас и ќе не напушти. Тогаш ќе паднеме во рацете на нашите непријатели, кои веќе нема да не ослободат, туку, како што ни говори нашиот Господ: „Измири се со противникот твој на време, уште додека си на пат со него, за да не те предаде на судијата, а судијата на слугата и да бидеш затворен; вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, се дури не го дадеш и последниот кодрант“ (Матеј 5-25). Се вели дека противникот е нашата совест, зашто таа му се спротивставува на човекот кој сака да ја извршува волјата на своето тело. Ако тој не ја послуша својата совест, таа го предава на неговите непријатели.

Извадок од „Добротољубие“, том I, Скопје, 1997, стр 440,441.

Приредил: СВЕТА РЕВНОСТ.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *