Православната Црква е единствената Ноева Арка на спасение

%d0%be%d0%b1%d1%80%d0%b0%d0%b7%d1%8a_%d1%81%d1%82%d1%8b%d1%8f_%d0%bd%d0%b0%d1%88%d0%b5%d1%8f_%d1%86%d1%80%d0%ba%d0%b2%d0%b5_%d0%b7%d0%be%d0%b3%d1%80%d0%b0%d1%84

            „Никој да не биде господар во нашата вера: ниту цар, ниту епископ, ниту лажен собор, ниту било кој друг, туку само единствениот Бог, Кој и самиот преку своите свети ученици и ни ја предаде“ – Св. Марко Ефески

 

Секој православен христијанин кој се труди на тесниот и трнлив пат Христов, кој бдее над својата душа и кој се грижи за своето лично спасение, го има барем еднаш прочитано Светото Писмо, Стариот и Новиот Завет. Во Стариот Завет, односно во Првата Книга Мојсеева, во шестата глава, Св. Мојсеј Боговидец боговдахновено ни го опишува и објаснува животот на луѓето на земјата: „И виде Господ Бог дека лошотиите меѓу луѓето на земјата се големи, и дека сите мисли и помисли во срцата нивни беа зли во секое време… И рече Господ: „Ќе ги истребам луѓето што сум ги создал… Но Ное најде милост пред очите на Господа Бога… И Му рече Господ Бог на Ное: „Крајот на секое тело пред очите Мои дојде, зашто се исполни земјата со неправда од нив; и еве, Јас ќе ги истребам нив од земјата. Изгради си за себе ковчег од дрвото гофер… Јас ќе пуштам потоп, вода, на земјата, за да ја истребам под небото секоја плот во која има дух животен, се што е на земјата, ќе изгине“ (1 Мој. 6, 5-17). Понатомошната историја на секого му е позната: во арката влегоа само Ное и неговото семејство и Бог испрати потоп на земјата и сите останати луѓе загинаа. Значи, се спасија само оние кои што беа внатре во ковчегот. Црквата е ковчег на земното житејско море, таа ги прима луѓето, ги преобразува и ги облекува во рувото на бесмртноста и ги приведува кон тивкото пристаниште на Царството Небесно. Свети јован Златоуст вели: „Нашата арка – Црквата – не е изградена од даски, туку од божественото Свето Писмо, со неа не раководат небесните ѕвезди од висините, туку Сонцето (се мисли на Господ Исус Христос – заб. на авторот) управува со нејзиното пловење… Ноевиот ковчег е праслика на Црквата: ковчегот е Црквата, Ное – Христос, гулабот – Светиот Дух, маслиновата гранка – човекољубието Божјо. Како што Ноевиот ковчег ги спаси сите кои што беа внатре во него, така и Црквата ги спасува сите заблудени. Но ковчегот само спасил, а Црквата прави повеќе. На пример: ковчегот ги примил во себе бесловесните созданија, и ги спасил како бесловесни; Црквата ги прима неразумните луѓе, и не само што ги спасува туку и ги преобразува… Кога во Црквата ќе влезе човек граблив и користољубив, и послушно го прими божественото учење, тогаш тој го променува начинот на мислење, го менува духот свој, и од волк станува овца.“

А дека навистина сме православни христијани ние мораме да покажеме на следниот начин: со своето благодатно-духовно органско единство со Господа, а тоа се постигнува преку Светите Тајни кои што грижливо се чуваат единствено во Православната Црква. А спасението е невозможно без постојаното живеење во Богочовечкото Тело-Црквата, преку Светите Тајни и светите добродетели. Нема христијанство без Христос, Кој е Глава на Црквата, нема христијанство надвор од Православната Црква. Преп. Јустин Ќелијски вели: „Како што личноста на Богочовекот Христос е една и единствена, така и Црквата е една и единствена“. Затоа Светите Отци умудрени од Бога, облагодатени од Светиот Дух, во Символот на верата јасно озакониле, дека, ние православните христијани во сите времиња и векови, се до Второто Христово пришествие, ќе ја исповедаме нашата вера „Во едната света, соборна и апостолска Црква.“ Освен Православната Црква не постои друга црква. Не постои друг богочовечки организам, не постои друг Христос, не постојат други богови. Како што има еден Бог, Создател на небото и на земјата, на се видливо и невидливо, така има само една Црква, само едно Негово Тело. Се друго останато, што с# нарекува „црква“, е само еден обичен евтин фалсификат, едно имитирање на вера и побожност.

Во историјата на Светата Црква Христова – Православната Црква, се забележени многу одвојувања и отпаѓање од неа, од многу еретици и расколници, кои на тој начин престанале да бидат членови на Црквата, престанале да бидат Црква. Најпрво отпаднале гностиците, па аријанците, духоборците, монофизитите, иконоборците, римокатолиците, протестантите, унијатите и сите останати припадници на разни еретички собранија.

Екуменизмот директно го напаѓа догматот за Црквата, го извртува Светото Предание, и ги искривоколчува Светите Отци. Екуменизмот учи дека и надвор од Православната Црква има спасение, еретичките тајни ги признава за свети и благодатни. Екуменизмот учи дека Црквата „се поделила на гранки“, дека ние православните заедно со римо-католиците, протестантите, муслиманите, будистите и.т.н. веруваме во „ист“ Бог, но со различна традиција на почитување. Или накратко: „Екуменизам е заедничкото име за псевдохристијанството, за псевдоцрквите… а сето псевдохристијанство, сите тие псевдоцркви не се ништо друго туку ерес до ерес. Нивното заедничко евангелско име е: сеерес“, вели o. Јустин.

Но, секогаш кога ќе се појави погрешно учење внатре во Црквата, кога болеста на ереста ќе почне како смртоносен вирус да се шири внатре во Телото Христово, самото Тело, бидејќи е живо, почнува да се бори против болеста, и во таа борба се вклучени сите членови на Телото, односно Црквата. „Нашата војна против еретиците, – вели Св. Јован Златоуст, – не е војна која што живите ги претвара во мртви, туку мртвите ги носи во живот. Јас не војувам со материјално оружје, туку со зборот, не војувам против еретиците, туку против ереста; не го мразам човекот туку заблудата… јас не војувам против созданието Божјо, туку сакам да го исправам умот кој е расипан од ѓаволот. Како што лекарот лечејќи го болниот, не војува против телото туку ја остранува повредата на телото, така и јас кога се борам со еретиците, не се борам со самите луѓе, туку сакам да ја истребам секоја заблуда и да го отстранам трулежот. Јас сум научен да трпам гонење, а не да гонам, да бивам протеран, а не да протерувам… Често ви имам зборувано за безбожните еретици, и сега ве замолувам: немојте да имате општење со нив, ниту во храната, ниту во пиењето, не правете познанство со нив, ниту пријателство, ниту љубов. Ако пак некој прави такво нешто, тогаш тој се отуѓува од вселенската Црква… Спасението е во Христа, но тоа спасение и припаѓа единствено на Црквата, и никој неможе надвор од Црквата и верата да заедничари со Христос, ниту да се спаси. Свесни за тоа, ние знаеме дека безбожните ереси немаат никаква надеж на спасение, бидејќи немаат ниту најмало општење со Христос“.  

Самосвеста на Црквата Христова во основа секогаш е соборна. Во Црквата секогаш се одлучува СОБОРНО, а поединци никогаш не одлучуваат во името на целата Црква. Но, и тогаш кога Црквата ќе повика на Собор, без разлика дали станува збор за Помесен или Вселенски Собор, одлуките кои што ќе се донесат на тој Собор мора да бидат во согласност со останатите Собори и врз основа на Православната вера. Секој Собор, Кој што е различен во духот со останатите собори, секој собор кој носи одлуки спротивни на Вселенските Собори, спротивни на Светото Предание и Светите Отци, неможе да се нарече за Велик и Свет Собор, туку за нешто сосема друго, и неговите одлуки не можат да бидат задолжителни и општо прифатени од сите членови на Црквата. Туку, напротив: тие одлуки ќе мораме да ги отфрлиме како штетни за Православната Црква и спротивни на нашата света вера, како погубни за нашето спасение. А кон тоа сите сме повикани: и архиереите, свештениците и монасите, но и народот Божји, бидејќи и народот е дел од Светата Црква, членови и сонаследници Христови. Некои мислат дека народот не треба да се оптеретува со тоа, дека, одлуките околу верата ги имаат исклучливо архиереите или синодот, а народот треба послушно да ги прифати одлуките, без разлика какви се тие. Но тоа е погрешно мислење. Такво нешто никогаш немало во Православната Црква. Светиот новомаченик и патријарх Тихон вели: „Според учењето на Православната Црква, чувари на чистотата на верата и светоотечкото предание, не е само поглаварот на Црквата и црковната иерархија во сета своја полнота, туку целото Тело на Црквата, и според тоа, и верниот народ, на кого што исто така му припаѓаат одредени права и глас во црковните работи. Поглаварот на Помесната Православна Црква и Патријарх Серуски, особено, не е римски папа, па да се користи со неограничена и неизмерна власт, тој не може тирански да управува со народот Божји, не барајќи ја неговата согласност и не земајќи ја во предвид неговата религиозна совест, неговите верувања, обичаи и навики“.

Ако внимателно ги читаме Житијата на Светиите, ќе видиме со каква вера и ревност, народот Божји застанувал во одбрана на Православната вера и благочестие. Во херувимската вера и серафимската ревност, секогаш предничеле архиереите, свештениците и монасите, кои мудро и ревносно, со пишан збор и со дела, секогаш се спротивставувале на еретиците и расколниците, и на сите оние кои што внесувале „новотарии“ во Црквата. Не би сакал да наведувам примери, бидејќи ќе треба да напишам илјадници и ијладници страници. Доволно е само да ги спомнеме: Св. Атанасиј Велики, Св. Јован Златоуст, Св. Григориј Богослов, Св. Максим Исповедник, Св. Теодор Студит, Св. Марко Ефески и многу, многу други. Тие кои што ги читаат Житијата на Светиите им се јасни моите зборови. А во поново време, Бог прослави и други мажествени светители: Св. Јован Шангајски, Св. Филарет Нови (Вознесенски), Св. Теофан Полтавски, Преп. Серафим Платински (Роуз), и  други, кои во своите пишани дела, а и со својот личен пример, јасно и недвосмислено ни објасниле што е екуменизмот, и колку оваа нова ерес е погубна за нашата душа и за нашето спасение. А спасението на душата е наша грижа, наше делање, наша обврска пред Бога. Кога душата ќе ни излезе од телото и кога ќе застанеме пред Бога, ќе биде разгледуван нашиот живот: дали сме живееле во покајание, дали сме имале љубов кон Бога и кон ближните, дали сме се труделе да живееме според Евангелието, дали сме живееле и до крај сме останале во православната вера, без која нема спасение.

Ќе завршиме со зборовите на Преподобен Серафим Платински (Роуз), кои се многу актуелни во нашето време: „Денес повеќе од било кога во изминатите 50 години на борба за зачувување на православната традиција во време на апостасија, гласот на вистинското и бескомпромисно Православие мора да се чуе по целиот свет, и силно да дејствува на идниот курс на Православните цркви. Можеби веќе е доцна да се спречи обновленскиот (модернистичкиот) „Осми Вселенски Собор“ и „вселенското“ обединување (Унија), која е и целта на тој Собор, но тоа не значи дека сеуште не може да се убеди една или повеќе Помесни цркви да го напуштат тој погубен пат кој води кон конечна ликвидација на Православието, во оние јурисдикции кои до крај се истрајни на него. Во секој случај, поедини луѓе, па и цели заедници, можат да бидат поштедени од тој пат, исто како што и некои инославни сеуште можат да го пронајдат својот пат кон спасоносната ограда на вистинската Црква Христова… Протестот на вистинското Православие против „екуменистичкото православие“, против изедначеното млако православие во епоха на апостасија, треба да се покаже во својата полнота, пред се во Русија.“

Побуден од денешните збиднувања во православниот свет, а особено од се почестите обвинувања од екуменистите, дека, ние православните христијани антиекуменисти сме „заостанати“, „традиционални“, и.т.н., а еве во последно време отворено н# обвинуваат и за „секташтво“,   „ерес“ и „фундаментализам“ не можев а да не го напишам овој текст, кој е искрен глас на едно православно срце.

Иеромонах Атанасиј (Трајковски)

1 коментар на « Православната Црква е единствената Ноева Арка на спасение »

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *