Порокот на пушење – гревовна навика (2)

 

441798009Во денешно време има премногу оладеност за учење од Божјото слово, за читање на Светото Писмо; мнозинството денешни христијанин тоа сосема го запоставуваат. А словото Божјо за нас е светлина и живот; тоа е еднинствен извор на спознание и на добрина. Затоа што го ставивме на страна законот Господов во Светото Писмо, затоа сосема ја запоставивме и молитвата, и од тоа произлегува секој обичај кој е совршено спротивен на Христовото учење, непречено да не’ заробува, да ни го поробува срцето и умот – затоа што не знае за Господа, како што рекол светиот пророк.

Да наведеме уште неколку извадоци од текстовите на светиот Тихон Задонски – тој руски Златоуст: “Слеп сум, како и другите, без твојата благодат и без твоето просветление – вели светителот – мојот грев ме ослепи; затоа Твојата добрина, како за сите така и за мене недостојниот, човекољубиво  се погрижи; за просветлување, како за сите така и за мене, си го испратил Ти словото Свое на светот преку твоите избрани слуги и Твои служители. Таа им свети како свеќа на оние кои седат во темнина, и им ја покажува ползата и штетата, доброто и злото, добродетелта и гревот, вистината и лагата, она што Ти е угодно и неугодно, верата и неверието; и така, го брка  моето слепило и го просветлува мојот разум: светилката е закон Твој за моите нозе и светлина за патиштата мои(Пс.118.105). (Од книгата “Духовно богатство”). “Од задржувањето во било кој грев, се создава пристрасност кон гревот. Страстољубието е внатрешно и душевно идолослужение: бидејки оние што им робуваат на страстите ги честат со внатрешно покорување на срцето како идоли.Така оние кои му угодуваат и му робуваат на стомакот – стомакот им е бог (Фил.3.19); на користољубецот користољубието му е идолопоклонство (Еф. 5.5; Кол.3.5); така треба да се разберат и другите страсти. Секој што (свесно) прави грев е роб на гревот (Јн. 8.34). – Од што сме победени на тоа и му робуваме (2.Пт. 2.19). Бидејки на гревољубивиот човек гревот кому му робува – му е како идол; неговото гревољубиво срце е како одвратен жртвеник, во кој на тој одвратен кип му принесува жртва: бидејки гревот се наоѓа во срцето. Наместо телци, овни и други животни, ја принесува како жртва сосптвената волја и најрадосната послушност; и така колку пати ке се согласи на гревот на кој се пристрастил, толку жртви му принесува на тој идол. Колку одвратна и бедна е пристрасноста кон гревот! Соодветно на тоа и свети Јован Златоуст во шестата беседа за Посланието до Римјаните  вели: Има различни видови на идолопоклонство: еден мамона (богатството) го чествува како Господа, стомакот како бога, други некоја друга лута страст. Не им жртвуваш волови како Елините (незнабошците), туку уште полошо: ја колеш сопствената душа”(Од книгата “Вистинско Христијанство”).

На оној што се грижи за своето спасение и сака да се подигне од таквата состојба му предлагаме и го молиме да го слушне следниот совет, кој го даваме во име на нашата взаемна христијанска љубов во Господа: да се прекине, со Божја помош, штетната за душата навика од тутунот; да се реши на тоа уште сега – додека Божјата благодат го допира срцето и го поттикнува на спасоносно подигање. Иако моќта на навиката е толку голема што понекогаш се чини невозможна да се совлада, тоа сепак не е така: ако човекот добие искрена желба и решеност, и ако го моли Бога за помош, тогаш брзо ќе ја победи. Како доказ овде ќе ја цитираме изјавата на еден свештеник: “Еден од моите многубројни парохијани Т.К. – пишува свештеникот- жестоко пиел и пушел. Покрај таквиот живот, а бидејки семеен човек, достигна крајна беда и сиромаштво, иако бил вешт за се, грижлив и писмен. Затоа јас постојано настојувам да влијаам на него убедувајки го. Еднаш на сите мои упатства, гореспомнатиот пред мене го изјавил ова: “Батјушка, верувајте, на мене самиот ми е срам и жал што не ги исполнувам вашите совети кои се за моја полза, мене дури ми е срам да се сретнам со вас и да ве погледнам во очи. Туку ете, и покрај сите мои слабости, ќе пробам да го послушам вашиот добар совет, и со Божја помош се надевам дека ќе ја оставам ракијата, но пушењето никако нема да можам. Ме гушат градите. Во минатата работа, во коњушницата коњите  неколку пати ми ги разбија градите, па сега од тоа постојано кашлам; пушењето при таа болест ми служи како големо олеснување;  особено наутро, мене само тогаш ми се излачува целата слуз што ми се насобира во градите, па полесно ми е кога ќе запалам. Покрај тоа и докторите ми советуваа непрестајно да пушам.” Без оглед на таквото негово размислување и на советите од докторите, јас сеедно го убедував да ја остави ракијата и тутунот. Меѓу другото, во себе си мислев дека Бог ќе даде барем од пијанството да се откаже. И што се случи? За прилично кратко време слушам, а птоа се уверив, дека Т.К. сосема го оставил пиењето. Помина еден месец, па уште еден, а потоа и година. На празникот на Светлото Христово Воскресение, по обичај посетувајки ги сите со молитва и со светиот Крст, забележав дека во неговата куќа, како кај честит домаќин, се е како што треба, се е во најдобар ред. Со оглед на тоа, а паметејки ја неговата некогашна бедна положба, не можев а да не му го спомнам тоа, како нему, така и на целото семејство. Приота решив и да го потсетам Т.К. дека во него има уште еден голем недостаток, еден единствен грев. Но тој веќе ја разбра мојата мисла и ми одговори: “Батјушка, од се срце ви благодарам за вашето пастирско упатување, за вашиот добар совет. Јас со Божја помош оддамна ги отфрлив и цигарите.” -“А ти мене порано ме убедуваше дека е невозможно да се остави пушењето; дека со пушењето само ги одржваш твоите болни гради?” – “Ах, батјушка, сега целосно ви верувам, сето тоа е само наша заблуда, измама, наш голем грев и ѓаволско искушение. Во тоа веќе самиот се убедив; сега никој не може да ме разубеди.” “Па како се чувствуваш сега – прашав – кога се воздржуваш од пушењето?” “Батјушка, не можам да ви ја искажам својата радост и воедно да ви благодарам за тоа. Сега, како што вие порано ми говоревте, не само што се чувствувам подобро откако го оставив пушењето (иако со силен напор), но од тоа ми се подобрија и градите, повеке нема никаква кашлица кај мене, ниту најмало гушење, кое при тоа погубно пушење толку страшно ме вознемируваа и ме мачеа.О, Боже мој, верувате ли батјушка, дека сега сум целосно прероден и со душата и со телото, со семожната Божја помош и со вашето пастирско сотрадание”. Во сегашно време тој мој парохијанин се вброи меѓу најдобрите, најсикрено ги посетува сите богослужби во светиот Божји храм, иако порано никогаш не доаѓаше. Слични случаи во мојата парохија имаше доволно; пред седум години во мојата парохија сосема малку беа тие што пушеа, а сега, со Божја помош, речиси сите го сметаат пушењето за грев и за лична несреќа.” (Брошура “За штетноста на тутунот” на свештеникот Алексиј Бичковски. Одеса 1880г.)

Употребата на тутунот  како лек не би било грев, но нема никакви веродостојни докази за неговите лековити својства, освен сведочењето на приврзаниците кон тутунот, но нивните зборови, како на пристрасни, не можат да се земат во обзир. А потоа, и ако тој почне да се употребува од искрена желба за лично добро, сосема лесно е да се стане пристрасен кон него, да се употребува и понатаму без мерка, не поради било каква полза, туку поради гревовна пристрасност, недопустлива за христијанството. Како заклучок на се што кажавме, неопходно е да се сетиме на неспорните Господови зборови: Без Мене не можете да направите ништо (Јн. 15.5). Секој наш труд и самотно напорно инсистирање без Божја помош, без Неговата благодатна соработка, ќе биде целосно напразно и јалово. Затоа во нашите инсистирања и напори над себе, на исправување на себеси, треба на прво место да биде нашиот повик кон Господа, напрегнато обраќање од длабочината на душата до Неговата семоќна помош и сила, со понизна свест за својата немоќ, за својата духовна слабост. Од нашето молитвено општење со Господа се состои сета наша сила, сиот нашу успех. Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене. Кој е во Мене и Јас во него, тој ќе даде многу род (Јн. 15.4-5), вели самиот Господ. Нашите духовни сили се премногу слаби за совладување за било какви зли навики кои се вкоренети во нас. Премногу е непостојана и променлива во нас дури и самата желба или стремеж кон доброто. Тоа непрестано се потврдува со нашите животни искуства. Ако во сегашниот свет се употребува изразот “силата на волјата”, тој израз е туѓ на евангелскиот дух и на учењето на светата Црква. Бесмисленоста и лагата на тој световен израз им се познати на сите кои се запознаени со Евангелието и со евангелските примери. Зарем светиот апостол Петар го лажел Господа на тајната вечера, кога со таква огненоста, со таква решителност му посведечил:  Подготвен сум со тебе да појдам и во темница и во смрт. Зарем тоа не било кажано со целосна искреност, од длабочините на преданото срце кое љуби? Па сепак, како за само неколку часови се случило овој апостол да го оплакува трикратното предавство на своето огнено и длабоко чувство на преданост кон возљубениот Божествен Учител!.. Затоа кој сака нека се потпира во  својата “сила на волјата”, но ние не ја признаваме: за нас единствена надеж е силата Божја -Христос. Кон него повикуваме со светата Црква: “Ти си мојата крепост Господи! Ти си мојата сила! Ти си мој Бог, Ти си мојата радост.” (Ирмос 8 глас).

Да се вратиме уште еднаш на богомудрите поуки на светиот Тихон Задонски: “Секој наш труд и подвиг, како за добро, така и против гревот, не е силен без Божја помош: бидејки ние сме сосема расипани и немоќни. Затоа нашиот Спасител ни рече: Без Мене не можете да направите ништо (Јн. 15.5). Поради тоа од него треба да бараме секакво добро и крепост и сила против гревот”. “Што е кајчето на реката, тоа е човекот во животот. Гледаме дека кајчето само од себе плови по течението на реката, но наспроти течението ниако не може да плови, па за да плови спроти течението нужно е да има силни веслачи, или платно со поволен ветар кој ќе ја придвижува. Така е и со човекот: според плотта, според карактерот и страстите и според својата зла волја, како расипан, живее сам на своето угодно и лесно, како што кајчето плови само од себе по водата. Но да се живее против својата волја и да се победува преку покорување на Божјата волја, да се спротивставуваме на страстите и да се подвизуваме, да ги распнуваме и да ги умртвуваме, и да живееме благочестиво и христијански – нам ни е толку неугодно и невозможно тоа, како на кајче кое без весла и платно плива наспроти речниот тек. Неодложно имаме потреба да ни помага натприродна сила и како кајче да не придвижува против течението и да победува против стремежот на страстите. Сето ова го прави Божјата благодат која живее во човекот; со неа човек може се – без неа неможе ништо. Во секое време, во секој час и минута ни треба Божјата благодат. Божјата благодат е животот на нашите души. Без божјата благодат душата не може да биде жива. Заради тоа ни е заповедано да се молиме – да бараме, да сакаме, да тропаме.” (Од книгата “Духовно богатство”). Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори. Бидејки секој што моли, добива, и кој бара наоѓѓа, и на оној што чука ќе му се отвори. (Мт.7.7) вели Господ. Но, за така напрегнато и искрено да се сака своето избавување од душевната беда, од погубните навики и страсти, неопходно е да ги согледаме во себе, да ги процениме и да ја сфатиме сета нивна штетност и сета тежина на гревот од согласувањето со нив. Само тогаш желбата ќе биде искрена, а молитвата и сопствениот труд се неопходен услов за Божјата помош. Господ им помага само на оние кои со сите сили ја бараат Неговата помош, но и самите не се предаваат на страстите. Една самодоверба е неразумна и неискрена; меѓутоа, нема полза да се надеваме и во Господовата помош ако доброволно и свесно се предаваме гревот.

Крај

Превод: И.К.

Москва 1988

Со благослов на Обителта на Светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон, Света Гора, Атос.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *