Црква и револуција: Односот на привремената влада кон Црквата

Во секој случај, Св. Синод наскоро преку своето искуство се увери каква навистина е новата власт. Наместо разграничување помеѓу Црквата и државата која власта ја вети и кое многу црковни водачи го очекуваа, новиот обер-прокуратор кнез В.Н.Лвов веднаш почна да се однесува како диктатор, полош од било кој обер-прокуратор од царскиот период. Како што веќе рековме, при своето прво појавување во Синодот на 4/17 март тој почна со тоа што нареди да се изнесе царскиот трон (кој е сместен во музеј). Два дена подоцна насилно го пензионираше Митрополитот Петроградски Питирим бидејќи својата катедра ја доби благодарение на Распутин. Отстранувањето на Митрополитот Московски Макариј, апостолот на Алтај, кој секаде уживаше голема почит, бараше нешто повеќе време (тој е отстранет од својата катедра на 30 март, а пензиониран на 1 април). Ова е направено по личната посета на самиот Лвов во Москва, за да се потикне опозицијата против митрополитот во редовите на неговиот клир и патство.

Митрополит Макариј никогаш не се помири со своето насилно и неканонско отстранување од катедрата. Еве подоцна што напиша: „Таа (владата) со своите говори ја расипа армијата, ги отвори затворите. Помеѓу мирното население пушти робијаши, крадци и разбојници. Ја укина полицијата и власта, изложувајќи ги животите и имотот на граѓаните на секакви никаквеци… Ги уништи трговијата и индустријата, воведувајќи даноци кои ја проголтаа заработувачката на трговците… Ги прокоцка резервите на државните благајни. Радикално ги поткопа сите извори на живот во земјата. Распиша избори за Уставотворното собрание врз основа која што не е прифатлива за Русија. Го оскверни рускиот јазик, уништувајќи го поради полуписмените. Не ја сочува ниту својата сопствена чест, нарушувајќи го ветувањето кое што го даде на абдицираниот Цар, дека нему и на неговото семејство ќе им обезбедат слободно заминување, со што ги однесоа во сигурна смрт… Кој подигна гонење против Православната Црква и нејзината глава ја предаде на распетие? Кој побара да се казни патријархот? Оние кои Дума ги прогласи за „слуги на мрачните сили“, оние кои ги обележи како непријатели на црковната слобода?… Не, не, туку оној кого Дума го постави да им се спротивстави како вистински заштитник на Црквата, оној кого го постави за обер-прокуратор за најсветиот Синод – член на Привремената влада, а денес слуга на Совнарком, Владимир Лвов“.

 

       Лвов го покажа своето вистинско лице кога со подршка на либерално настроениот Архиепископ Фински Сергиј (Страгородски), официјалниот синодски орган „Црковно-општествен весник“ го предаде во рацете на Титлинов, професор на Петроградската Академија во која Сергеј беше ректор. Архиепископ (подоцна патријарх) Тихон протестираше против ова предавање, кое поради недоволниот број потписи беше и нелегално. Лвов, сепак, во својата намера официјалниот црковен орган да го предаде во рацете на либералите, потполно ја игнорира легалноста на постапката, така што весникот веднаш се најде во рацете на Титлинов кој веднаш почна да го користи за да го проповеда своето „евангелие на социјалистичко христијанство.“

      

       На четиринаесети април дојде до бурна средба помеѓу Лвов и Синодот, при што, постапката на Лвов беше прогласена за „неканонска и нелегална“. На ова заседание Архиепископот Сергеј привидно го смени својот курс и се согласи, со останатите епископи, да се осуди овој незаконски трансфер. Секако, Лвов разбра дека тоа е тактички потег. Затоа, тој не го вклучи Сергеј во епископите кои се отстранети од синодот. Тој знаеше дека Сергиј и понатаму ќе биде негово средство во револуцијата која што ја спроведуваше во Црквата. И беше во право. Следниот ден Лвов измаршира во синодот цел одред на војници и ја прочита наредбата за распуштување на зимското заседавање на синодот и отпуштање на сите негови членови, освен Архиепископот Фински Сергиј (Страгородски). Така, малку повеќе од еден месец по превратот и Царевото откажување од престолот, Црквата падна во рацете на еден диктатор-лаик, кој во името на „слобода за Црквата“ самоволно ги отстрани нејзините први по старешинство архиереи.

       Архиепископот Сергиј, единствениот член на стариот синод кого револуционерните сили не сакаа да го отстранат, беше највлијателниот академски високообразовен епископ по својот учител Архиепископ Антониј (Храповицки). Благодарение на ерудицијата и добро познатата „ширина“ на погледот, тој играше многу активна улога во работата за зближување на Православната Црква со Англиканската заедница. Оваа симпатија за западните идеи се манифестираше и во неговото активно учество во работата на либералното санкт-петербуршкиот религиозно-философско здружение кое изроди еретици како С. Булгаков и Н. Берѓаев, како и идниот водач на обновленците Антониј (Грановски).

       Сергиевите политички симпатии беа левичарски. Така, кога во 1905 г. професорите наклонети кон револуцијата почнаа да бараат реформи во духовното образование, „неговото блаженство Сергиј“ – според зборовите на митрополит Антониј (Храповицки) –„ се поколеба во верата“. Повторно, кога во 1906 г. беше убиен револуционерот Петер Шмит, Архиепископ Сергиј кој во тоа време беше ректор на санкт-петербуршката Духовна академија, отслужи опело на неговиот гроб. Исто така, во својот владички дворец во Виборг им пружи прибежиште на револуционерите Михаил Новоруки и Николај Морозов (учесници во атентатот на Цар Александар II). Бидејќи имаше вакви симпатии, не изненадува фактот што не им се допаѓаше на Царското Семејство.

       Сергиј беше припадник на многу новотарии кои подоцна обновленците ќе ги воведат од еретичката „Жива Црква“. Така, помеѓу препораките кои што ги направи Предсоборната комисија за Собор на Руската Православна Црква одржан 1917-1918 година, читаме за „сугестиите на клирот од соборната црква во Виборг по прашањето за очекуваните реформи, кои архиепископот Сергиј Фински ги изложи на Светиот Синод на 18 Јануари 1906 година:

 

  • Реформа за литургијскиот јазик: бидејќи Соборот треба да го разгледа прашањето за поедноставнување на црковниот јазик, словенски, и правото на парохиите кои што сакаат да служат Божествена служба на тој (поедноставен) јазик.

 

  • Треба да се размисли за скратување и поедноставување на Типикот, како и за укинување на поедини ритуални работи, како што се дување и плукање при Светата Тајна Крштение.

 

 

  • Треба да се разгледа укинување на повеќекратно повторување на едни и исти ектении за време на иста служба и нивно заменување со гласно читање на тајните молитви за време на литургијата.

 

  • Треба да се разгледа дозволување на свештениците (кои останале вдовци пред 45 години) право на втор брак.

 

       Сергиј, исто така, се залагал и за друга популарна цел на либералите – потполно одвојување на Црквата и државата. Затоа е и логично што тој ја поздрави Фебруарската револуција и што ја подржа привремената влада.

Но, веќе е помалку логично тоа што ја подржа Октомвриската револуција и болшевиците, кои настојуваа државата да ја проголта Црквата…

 

Сергиј, истоа така, ја подржа организацијата основана но Петроград на 7 Март 1917 г., наречена „Серуска заедница на демократскиот клир и лаици“, која претставуваше почеток на идниот обновленски раскол. Како што посведочи митрополитот Антониј (Храповицки): „веќе во 1917 г. тој сонуваше за тоа да ги соедини православниот црковен живот и да ја потчини Русија на советската власт…“

 

       На дваесет и девети април новиот Синод на чело со Архиепископ Сергиј, го прифати Обраќање кон Црквата кое се однесува на воспоставување на принцип за избор на епископ, подготовка на Собор и формирање на Предсоборен совет. Тоа Обраќање ја покрена револуцијата во Црквата. Револуцијата се состоеше во фактот, дека, системот на “епископска автократија“ ширум земјата беше заменет со принципот на изборност со учество на лаиците. Речиси во сите епархии Епархијските собори избраа посебни “„Епархијски совет“, или комитети составени од свештенство и мирјани, за да ја ограничат власта на епископот. Примената на принципот на изборност во сите црковни должности од парохијски канцеларии до епископски катедри резултираше со отстранување на неколкумина епископи од нивните катедри и избор на нови епископи на нивното место. Иако позади тој револуционерен бран несумливо стоеше антицрковен дух, по промислата Божја тој донесе и некои промени кои се корисни за Црквата. Така, непоколебливиот монархист, Архиепископ Харковски Антониј (Храповицки), откако беше принудно пензиониран, подоцна на барање на народот е вратен на својата катедра. Исто така, Архиепископ Литвански Тихон  (Белавин) избран е за Митрополит Московски, а Архиепископ Венјамин (Казански) стана Митрополит Петроградски. Секако, имаше и штетни промени, како што е отстранувањето на Митрополитот Владимирски и донесување на епископот Сергиј на неговото место.

 

       Од 1 до 7 јуни во Москва е одржан Серуски Конгрес на свештенство и мирјани на кој учествуваа 800 претставници од сите епархии. Овој Конгрес имаше обновленски карактер. Со архиепископот Сергиј на чело на Предсоборниот Совет изгледаше дека Серускиот Собор, за кого сите подготовки веќе беа завршени, конечно ќе расчисти со пред-револуционерното минато и Руската Црква ќе ја воведе во матицата на црковниот живот на дваесетиот век, под што либералите подразбираа нејзина протестантизација. Но тоа не се случи.

 

        Привремената влада на 20 јуни 37.000 црковно-парохијски училишта ги стави под управа на министерството за просвета. Тоа беше катастрофа за Црквата, бидејќи државните училишта веќе беа инфицирани со атеизам. Укинувањето на овој декрет беше еден од првите безуспешни барања на идниот Собор на Руската Православна Црква.

 

       На први септември, владата не чекајќи ја одлуката на Уставотворното Собрание, ја прогласи Русија за република. Непосредно пред оваа декларација, на 15 август, повикан е Помесен Собор на Руската Православна Црква. Борбата помеѓу Црквата и републиката сега можеше сериозно да почне…

В.М

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *